Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Анализата за проценка на ефикасноста и ефективноста на контролните институции во гарантирањето на одговорноста и транспарентноста на јавната администрација (во натамошниот текст анализата) е фокусирана на работата на неколку контролни институции во Република Северна Македонија во периодот од 2013 до 2018 година. Контролните институции, кои се дефинирани и наброени подолу, се органи и тела кои имаат надлежност да вршат дејствија на надзор, контрола, супервизија над работата на органите на јавната администрација. Тие имаат овластување да бараат утврдување на политичка, прекршочна и кривична одговорност на избраните и именуваните носители на јавни функции, како и дисциплинска, прекршочна и кривична одговорност на административните службеници.

Намената на овој документ е преку анализа на работата на контролните институции за период од шест години, да овозможи идентификување на проблемите и пречките кои ја отежнуваат работата на контролните механизми на јавната администрација или ги попречуваат во барањето одговорност и транспарентност од органите на јавната администрација. Документот ги анализира причините за идентификуваните проблеми и предлага препораки за подобрување на работата на контролните институции.

Предмет на анализа се надлежноста, функцијата и постапките на контролните институции на јавната администрација во однос на нивните овластувања за обезбедување одговорност и транспарентност на поединечните органи и институции. Понатаму, се анализираат и споредуваат ефикасноста и ефективноста на работата на контролните институции во периодот од 2013 до 2018 во обезбедувањето одговорност и транспарентност на поединечните органи и институции.

Наодите и препораките од анализата ќе придонесат во давањето издржани предлози за јавните политики засновани на докази во рамките на претстојните реформи предвидени и планирани со неодамна донесената Стратегија за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 и Акцискиот план за нејзиното спроведување.

Целосната анализа можете да ја најдете тука.

—————————————————

16 август 2019