Целта на оваа студија е да се провери колку партиите, како иматели на јавни информации во делот на нивните приходи и расходи согласно новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер од 2019 година, доследно ги извршуваат законските обврски и транспарентно и отчетно располагаат со партиските финансии. За таа цел, цел беа испратени по 19 барања за пристап до информации од јавен карактер до 28 политички партии (или вкупно 532 барања).
Врз основа на анализата, загрижува релативно малиот одѕив на доставените барања (54 % респонзивност), особено од страна на поголемите парламентарни партии, кои во изминатите години примиле значителни средства од државниот буџет. Од добиените одговори, неколку партии се издвојуваат како подобри познавачи на законските обврски кои произлегуваат од Законот за пристап до информации од јавен карактер.
Во однос на суштинскиот пристап до информации, партиите, генерално, се волни да ги споделат информациите кои беа побарани од нив, за што говори фактот дека само 17 % од доставените одговори беа нецелосни.
Политичките партии во голема мера имаат назначени службени лице за пристап до информации од јавен карактер. Сепак, наместо поединечни акти за назначување на лицето, тие доставуваат копија од дописот доставен до АСПИ во кој се известува Агенцијата за назначување на лицето.
Граѓаните и новинарите, речиси воопшто и да не ја користат законската можност да доставуваат барања за слободен пристап до информации до политичките партии. Само една партија добила едно прашање во текот на 2020 година, кое воедно и позитивно го одговорила.
Во однос на ограничувањето на пристапот до информации, една политичка партија информацијата за бројот на членови на партијата не ја смета како информација од јавен карактер.
Статутите на политичките партии уредуваат слична содржина. Воедно, голем дел од политичките партии немаат донесено акт за материјално-финансиско работење, иако истиот статутарно го имаат предвидено. Во однос на членарината, само една партија ја доуредува членарината со правилник, а шест со одлука. Голем дел од партиите одлучиле да не наплаќаат членарина од социоекономски причини.
Политичките партии во голема мера го следат пропишаниот образец за подготовка на годишниот финансиски извештај. Најголем дел од политичките партии доставија годишни сметки за финансиско работење. Во однос на обврските за известување за добиените донации, голем дел од партиите не примиле донации и според тоа известуваат дека немаат извештаи и регистри на донации. Помалите партии или воопшто немаат или имаат значително мал имот. Ниту една партија нема вратено пари на државата, поради надминување на законски пропишаниот максимум за донација.
Документот за јавни политики е достапен на македонски јазик и на албански јазик.
Овој документ за јавни политики е подготвен од Фондацијата Отворено општество- Македонија (ФООМ) за Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во рамки на програмата „Унапредување на финансиската транспарентност на политичките партии во Република Северна Македонија“ со финансиска поддршка на Националниот фонд за демократија oд Соединетите Американски Држави (САД).
За содржината е одговорен ФООМ и во никој случај не ги рефлектира позициите на Meѓународниот републикански институт (ИРИ) и на Националниот фонд за демократија.“
—————————————————
9 април 2022