Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 9 февруари 2022 година, тинк тенк организацијата „Аналитика“ во соработка со Фондацијата Отворено општество – Македонија одржа јавен настан на кој ги презентираше наодите од анализите на четирите слободи во рамки на економска интеграција на Западен Балкан (слободно движење на стоки, услуги, лица и капитал) и наодите од истражувањето „Перцепцијата на извозно ориентираните компании во Северна Македонија за Иницијативата „Отворен Балкан“.

Премиерот Ковачевски кој имаше воведно обраќање на настанот потенцираше дека иницијативата „Отворен Балкан“ отвора можност за бришење на границите како административни бариери и овозможува остварување на четирите европски слободи за движење на луѓе, стоки, услуги и на капитал. Тој очекува, покрај Северна Македонија, Албанија и Србија, дел од Отворен Балкан да станат и другите земји. Потенцираше дека на ваков начин ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни и уште поподготвени за натамошен развој. Ковачевски истакна дека граѓаните во државите ќе имаат директни економски придобивки. „Отворен Балкан“  и оваа иницијатива не е алтернатива за членство во ЕУ, туку комплементарна активност за примена на европските вредности на регионално ниво.

Фани Каранфилова-Пановска, извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија со чија поддршка е спроведено истражувањето, посочи дека кога се зборува за Отворен Балкан се зборува, пред сè, за надминување на економските и трговските препреки, но, како што нагласи, генерално и на општествените препреки кои го забавуваат растот воопшто, а пред сè растот на економијата во регионот. Таа потенцираше дека спроведувањето на четирите слободи и воспоставувањето на единствениот регионален пазар по теркот на единствениот пазар на ЕУ има огромен потенцијал да ја поттикне трговијата и размената, да го поттикне и зголеми вработувањето, да го зголеми и да го економизира искористувањето на ресурсите во регионот, но и да ги зголеми инвестициите. На тој начин, не само што ќе се олесни, туку и ќе се унапреди на среден и долг рок, животот на сите граѓани во регионот, истакна Фани Каранфилова-Пановска. Според неа, „Отворен Балкан“ е иницијатива за подобра заедничка иднина, која нуди не само повисок животен стандард на сите, туку и безбедност и мир, и иницијатива која ќе ги остави во минатото недоразбирањата на соседните држави во регионот.

Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика истакна дека согласно наодите од истражувањето, многу голем процент од компаниите сметаат дека иницијатива „Отворен Балкан“  е од големо значење за нив поради можностите за подобрување на работата и остварување на поголем раст на компанијата. Високи 96,4% од анкетираните рекле дека оваа иницијатива би отворила нови можности за нивната компанија, наспроти само 3,6% кои го сметаат спротивното

Компаниите во истражувањето во најголем дел сметаат дека во моментов не постојат пречки за економска соработка во регионот. Девет од десет анкетирани (89,3%) рекле дека не постојат пречки за економска соработка помеѓу земјите во регионот додека 10,7% навеле конкретни проблеми и пречки. Најчесто споменувани пречки се долго задржување на границите, обемна документација и други административни проблеми кои го успоруваат или отежнуваат работењето.

Во поглед на трговската размена, најголем број (70%) од компаниите тргуваат со Србија, 53,3% остваруваат трговска размена со Косово, 46,6% извезуваат во Албанија Потоа следат Црна Гора со 26,6% и Босна и Херцеговина 20%. Тука се гледа потенцијалот за уште поголема трговска соработка на РС Македонија со земјите од регионот. Од останатите анализи и прашања, се издвојуваат неколку важни наоди во однос на движење на луѓето. Спасова истакна дека согласно истражувањето, висок процент од компаниите сметаат дека иницијативата ќе го олесни движењето на луѓето во целост (79,3%,) или во голема мера  (17,2%).

Бојана Мијовиќ Христовска од „Аналитика“ смета дека Северна Македонија има постигнато значаен придонес во слободното движење на капитал, посебно во делот на усогласување на домашната регулатива со законодавството на Европската Унија. Со дополнителната либерализација на капитално финансиските трансакции, правните и физичките лица можат да вложуваат во недвижности и во хартии од вредност во странство. Се подготви Нов Закон за платежни услуги и платни системи (со ова ќе се прошири листата на даватели на платежни услуги и сетот платежни услуги, ќе се отвори пазарот на платежни услуги за нови играчи, а особено за оние од финтек-секторот, од кои се очекува дека ќе понудат иновативни решенија за извршување плаќања коишто ќе бидат побрзи, поевтини и полесни за користење ). Истовремено, воспоставен е Регистар на вистински сопственици – со што се надмина една од забелешките на Европската комисија нотирана во Извештаите за С. Македонија во претходните години.

Ваквите иницијативи се добри и корисни за компаниите. Сепак, Христовска додава дека тие не може да го постигнат целосниот потенцијал заради тоа што земјите од Балканот сеуште имаат нерешени билатерални спорови кои ја обременуваат и економската соработка.

Benefits of Economic Integration of North Macedonia

Според „Аналитика“, главните предизвици пред кои се исправени земјите од Западен Балкан во нивната посветеност на европската перспектива како нивни одлучен стратегиски избор може да се поделат во неколку групи, и тоа:

Анализите и истражувањето се изработени во рамки на проектот „ЕКОНОМСКА ИНТЕГРАЦИЈА НА ЗАПАДНИОТ БАЛКАН – мини-шенген, регионална економска соработка и заеднички регионален пазар – мапирање на напредокот – можност за приближување на Северна Македонија кон внатрешниот пазар на ЕУ”, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

Снимка од дебатата:

 

—————————————————

9 февруари 2022