Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Секторска консултација на тема „Унапредување на структурниот дијалог помеѓу институциите и граѓанскиот сектор во процесот на пристапување кон ЕУ“ се одржa на 20 ноември 2019 година. На настанот присуствуваа повеќе од 130 претставници на граѓански организации и институции, потенцирајќи ја потребата од дијалог помеѓу институциите и граѓанските организации во процесот на пристапување кон ЕУ.  Дополнително беа креирани препораки и организирани консултации со претставници на секторските работни групи и граѓанското општество за унапредување на начинот на работа и учество на граѓанските организации во клучните секторски реформи.

Настанот започна со панел дискусија на која учество земаа претставниците на конзорциумот на проектот „Дијалог со граѓанските организации – платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ и г-а Калинка Габер, државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, институција која е соработник во овој проект, но и клучен партнер во пристапување на државата кон ЕУ.

ФАНИ КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА, Извршната директорка на Фондација Отворено општество -Македонија истакна дека додека во изминатиот период на граѓанските организации им беше ограничен пристапот во креирањето  на јавни политики, денес  неминовна e потребата институциите да се отворат и да се креира пракса на структурен дијалог. Со придонесот на граѓанските организации, кои своето застапување го засноваат на потребите на граѓаните, квалитетот на јавните политики само ќе се унапреди.

КАЛИНКА ГАБЕР, државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања објасни дека секторските работни групи претставуваат меѓуресорски форум за водење на дијалог за политиките во секторот, место каде што се утврдуваат приоритетите за финансиската поддршка од ЕУ и каде се координира целокупната странска помош. Таа ја потенцираше подготвеноста на институциите да се заложат за успешен структурен дијалог, но и ги повика граѓанските организации конструктивно да придонесуваат во креирање на јавните политики и да се прилагодат на  тесната временска рамка во која функционираат институциите.

ГЕРМАН ФИЛКОВ, Претседателот на Центарот за граѓански комуникации, посочи дека една од клучните заложби на проектот „Дијалог со граѓанските организации – платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ е аргументирано застапување, базирано на докази. Токму мониторинг извештаите за ефектите и работата на секторските работни групи ќе обезбедат значајни насоки за како најдобро да се искористи потенцијалот кој го имаат секторски работни групи. .

БЛАЖЕН МАЛЕСКИ, Истражувач во Реактор – истражување во акција, потенцираше дека дизајнираните проектни активности треба да помогнат во напорите да се унапреди  родовата политика. Нееднаква партиципација на жените во политичките процеси, говори за нееднакво влијание, па токму со мапирање на учеството на граѓаните и граѓанските организации во процесот на носење одлуки на локално и национално ниво ќе обезбедиме подобра информираност и предлог политики за унапредување на родовата еднаквост.

САНДРА АНАСТАСОВСКА КУЗМАНОВСКИ, проектниот менаџер, објасни дека со секторската консултација, започна и официјално проектот „Дијалог со граѓанските организации – платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“. Таа ја презентираше и платформата за граѓанско учество www.dijalogkoneu.mk, која претставува централна точка за консултации помеѓу институциите и граѓанскиот сектор со фокус на трите консултативни механизми: секторските работни групи, Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и преговарачките тимови. .

Во вториот дел, граѓанските организации и претставници од инстуциите, поделени во 10 секторски групи имаа можност да се запознаат подобро со овој консултативен механизам, но и да понудат конкретни препораки за унапредување на неговата ефикасност и инклузивност.

***

Проектот е финансиран од Европската Унија. Истиот го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија, во партнерство со Евротинк – Центар за европски стратегии, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција, како и Секретаријатот за Европски прашања како соработник.

 

—————————————————

26 ноември 2019