Најголем број на Роми во државата живеат во урбани населби, но концентрирани во субурбани и посиромашни реони. Просторот населен со ромско население е често на маргините на општествениот интерес, условите во кои живеат се мошне лоши, најчесто под нивото на соодветни стандарди за домување. Многу луѓе од овие делови немаат основна инфраструктура, а тешко достапни им се и социјалните и комунални услуги.
Горен Баир во Битола е место каде што живеат најмаргинализираните граѓани од ромската етничка заедница во Битола. Овој дел од градот долго се соочува со низа проблеми, а проблемите се зголемуваат и продлабочуваат како што изминува времето. Отпадот не се собира редовно, дивите депонии во и околу населбата се зголемуваат, нема асфалтирани патишта, улично осветлување, нема притисок на водата во домаќинствата, се појавуваат нови дивоградби. Овие проблеми, но и невработеноста и нискиот животен стандард дополнително придонесуваат за избегнување на образовниот процес каде се осознава негативното влијание на отпадот и неговото палење како и можноста за рециклирање и реупотреба.
Регионално географско друштво ГЕОСФЕРА – Битола, имајќи го сето ова предвид, спроведува проект кој ќе стави акцент на проблемот со депонирање на отпадот, постојаната појава на диви депонии, недостатокот на зеленило и детски игралишта, ниската еколошка свест кај локалното население и воопшто негрижата за средината во која живеат, како и можностите за повторна употреба на материјалите кои завршиле како отпад.
Проектот цели кон зголемување на еколошката свест кај целото население и создавање на здрава, еколошка средина за живот, пред сѐ, на најмладите жители на овој реон, но и генерално подобрување на условите во делот на градот Битола каде што живее ромското население, односно подигнување на квалитетот на амбиентот во просторот преку низа планирани.
Со спроведените активности, се очекува е да се намали јазот меѓу делот од градот каде живее ромско население и останатиот дел од Битола како и да се обезбеди трансформација на просторот со депонии во простори кои ќе се користат и кои ќе имаат придобивки за квалитетот на живеењето во населбата, како што се на пример детски паркови со зеленило.
Едукацијата е исто така важна компонента и ќе се осврне на реупотребата на рециклирачки материјали и долгорочните придобивки од истото како и можноста за дополнителен приход при реупотребата на одредени материјали.
За повеќе информации врзани со работата на ГЕОСФЕРА – Битола и активностите од проектот, следете ги на нивниот веб сајт како и на нивната Facebook страница.
—————————————————
7 јуни 2021