Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

„МЕДИА ПЛУС“ е здружение кое истражува, анализира и иницира акции и процеси со што влијае и придонесува кон развојот на демократијата и медиумската заедница. Нивната крајна цел се позитивните промени и здравата медиумска заедница која ќе соработува со граѓанското општество, а во интерес на граѓаните.

Проектот „И ЛОКАЛНАТА ИНФОРМИРАНОСТ Е ТЕСТ ЗА ЕУ” кој е финансиски поддржан од ФООМ, има за цел зголемување на информираноста на граѓаните на локално ниво за реформските процеси за пристапувањето на државата во ЕУ, и тоа преку зајакнување на капацитетите на локалните новинари.

Активностите во рамки на проектот се однесуваат на едно од фундаменталните човекови права, европска вредност – слободата на изразување. Анализирајќи ги последните трендови кои во основа ја имаат финансиската зависност на новинарите и редакциите од локалните институции, како општините и јавните претпријатија, заклучокот е дека тие директно се рефлектираат на содржините кои се пласираат во медиумите. Доминираат теми од работата на градоначалниците и нивната администрација, што резултира во начин на информирање каде отсуствува контролниот механизам на медиумите. Отсуствуваат содржини за текот на реформските процеси, за подготвеноста на институциите и граѓаните на тој европски пат, но и за потврдените европски вредности.

Впечатокот што го сервираат медиумите на локално ниво е дека реформските процеси треба да се случуваат на централно ниво, во институциите, а граѓаните се неважна алка во тој систем. Се запоставуваат или целосно отсуствуваат содржини кои ги засегаат граѓаните. Од друга страна, на локалната власт и е овозможена комоција во работењето во отсуство на притисок од јавноста за поголема транспаретност и отчетност.

Во оваа насока, проектот „И ЛОКАЛНАТА ИНФОРМИРАНОСТ Е ТЕСТ ЗА ЕУ” со планираните активности – новинарски стории и детална анализа на состојбата информирањето на локално ниво, ќе се обиде да ги стави во фокус реформските процеси, кои бараат нужна промена, но од аспект и состојби на локално ниво. Ќе се опфатат теми како конфликт на интереси, борбата против корупцијата, пристапот до правда и слободата на изразување. Изработените новинарски стории на овие теми, а во рамки на проектот, во себе, покрај состојбата на локално ниво, ќе ги имаат и главните забелешки нотирани во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија кон ЕУ.

Анализата на состојбата со локалното информирање ќе содржи интервјуа, ставови, податоци и факти кои ќе овозможат појасна слика за состојбата на финансиската зависност која ги оддалечува новинарите и редакциите од теми суштински за граѓаните.

Активности ќе овозможат поинаков пристап на редакциите во третманот на темите од интерес, а од друга страна, ќе придонесат за зајакнување на капацитетите на локалните новинари, кои ќе имаат можност да истражат важни теми на локано ниво, а со кои ќе допрат до сите граѓани.

„И ЛОКАЛНАТА ИНФОРМИРАНОСТ Е ТЕСТ ЗА ЕУ” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

За повеќе информации за работа на „Медиа Плус“ и како и за активностите од проектот, следете ги на нивниот веб-сајт и Фејсбук страница.

—————————————————

18 мај 2020