Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

„Рурална коалиција“ е коалиција составена е оо 34 локални здруженија, препознатлив партнер на земјоделците, со главна определба за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини, едукација, организација и заедничко делување на земјоделците како и влијание на политиките на национално и локално ниво, рамномерен регионален развој, промоција и јакнење на граѓанските организации. Тие имаат и широк опсег на делување, започнувајќи од grass root активности, па се до мониторинг, следење на законска национална и ЕУ регулатива, креирање на документи за јавни политики и влијание. Родовата рамноправност, вклучувањето на етничките малцинства и ранливите категории на граѓани се теми на кои Коалицијата исто така посветува внимание.

„Фундаменталните човекови права и родовата еднаквост – предизвик за практикување во руралните средини” е проект имплементиран од „Рурална коалиција“ кој има фокус на жените од руралните средини од петте плански региони (Пелагониски, Полошки, Југозападен, Североисточен и Југоисточен) кои го разбираат, но и даваат придонес кон процесот на пристапување кон ЕУ преку унапредување на сопствените права и родовата еднаквост согласно реформските процеси од Поглавје 23.

Земјоделството и руралниот развој се смета за едно од најобемните поглавја на кои што ќе треба да се посвети големо внимание кога ќе се отпочне процесот на преговори, но е и многу сензитивно поглавје кое ќе опфати над 170.000 земјоделски стопанства. Препознавајќи дека жените од руралните средини, особено оние кои се занимаваат со земјоделство, ја немаат истата положба и не ги уживаат истите права како сограѓаните од урбаните средини, ниту пак на исто рамниште ги разбираат ЕУ-интеграциските процеси, ова поглавје е де-факто испреплетено и со хоризонталните теми како што се темелните човекови права и родовата рамноправност.

Жените земјоделки многу почесто се среќаваат со дискриминација. Еден од примерите е неможноста да користат породилно отсуство и покрај тоа што како регистрирани земјоделки плаќаат придонеси. Како пример за дискриминацијата која ја живеат руралните жени земјоделки, исто може да се земе и случаjот со програмата за рурален развоj чиjа главна цел е да биде преодна програма за ИПАРД и ЕУ фондовите. Имено, поддршка преку оваа програма може да добијат само жени кои што живеат над 700 метри надморска висина, кои се мажени, имаат барем едно дете итн., што уште веднаш ги става во понеповолна положба оние што не се мажени, се самохрани родители или пак немаат деца. Она што е исто алармантно е што жените од руралните средини не се запознаени со своите права и следствено не реагираат на вакви или слични дискриминаторски мерки, што ги поставува руралните жени во навистина незавидна ситуација.

Со планираните активности, како што се истражувањето, компаративната анализа, како и информативните материјали, проектот ќе се обиде да ја утврди реалната  состоjба во руралните средини со женските економски и социjални права и да направи компарациjа со земjи – членки на ЕУ за степенот на практикување на родовата еднаквост како дел од Поглавjето 23.

Воедно, препознавајќи го фактот дека за да се придонесе кон одреден процес, клучно е истиот добро да се познава, проектот ќе се обиде да информира и да ги зајакне знаењата кај жените од руралните средини за практикувањето на нивните права и унапредувањето на родовата еднаквост поврзано со Поглавјето 23. Информирани и со зајакнати знаења и капацитети, жените од руралните средини ќе се подготвени да даваат активен придонес во процесот на градење на позиции и ставови за унапредување на родовата еднаквост во руралните средини

„Фундаменталните човекови права и родовата еднаквост – предизвик за практикување во руралните средини” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

За повеќе информации за работа на „Рурална коалиција“ и како и за активностите од проектот, следете ги на нивниот веб-сајт и Фејсбук страница.

—————————————————

2 јуни 2020