Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Фондацијата Отворено општество – Македонија и министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност во Владата, Роберт Поповски, потпишаа Меморандум за соработка кој предвидува поддршка за изработка на експертска анализа како и формирање работна група од институциите и граѓанските организации кои работат на ова поле и кои можат да ја понудат својата експертиза со цел да се креира што посеопфатна Стратегија за транспарентност на Владата.
Денес, на 10 јуни 2019 се одржа првиот состанок на работната група за подготовка на Стратегијата на кој воведни обраќања имаа Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, Директорот за партнерства и развој на ресурси на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Филип Стојановски, Извршната директорка на Фондација Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова – Пановска, и меѓународната експертка за транспарентност, Вероника Крету.
Каранфилова – Пановска истакна дека за Фондацијата Отворено општество – Македонија градењето на динамични и толерантни општества, чии власти се отчетни, а граѓаните активно ја контролираат и коригираат работата на власта и учествуваат во донесувањето одлуки, е императив. Креирањето на Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија со директна инволвираност на граѓанското општество и секако нејзината доследна имплементација се чекор напред кон суштински и системски промени за подобрување на животот на граѓаните, особено на припадниците на маргинализираните групи.
Стојановски рече дека според резултатите од Регионалниот индекс за отвореност за Северна Македонија (opennessindex.actionsee.org – дел од регионален проект на Фондација „Метаморфозис“ поддржан од ЕУ) постојат многу значителни разлики помеѓу институциите во врска со нивната отвореност и транспарентност што се должи на фактот дека примената на добрите практики за транспарентност најчесто зависи од добрата волја и посветеноста на министрите како и другите раководни лица. Поради тоа, како што истакна Стојановски, се јавува потребата за системски пристап за изнаоѓање на решение кое нема само да се фокусира на идентификување и реплицирање на добрите практики, туку и на целосниот процес и можностите кои ги има Република Северна Македонија.
—————————————————
12 јуни 2019