Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Имајќи ги предвид заедничките заложби за владеење на правото и доброто управување, Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија Фани Каранфилова-Пановска и градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски остварија средба на 18.1.2022 година на која потпишаа Меморандум за соработка.

Соработката помеѓу Општина Берово и Фондацијата има за цел да придонесе кон унапредување на доброто владеење на локално ниво преку зајакнување на отпорноста на локалната власт на корупција и конфликт на интереси, а со воведување на систем на интегритет во општината.

Како резултат на ваквата соработка се очекува да се спроведе проценка на ризици од корупција и судир на интереси во општина Берово; да се усвои план за интегритет; да се унапредат знаењата за интегритет и капацитетите на административните службеници да постапуваат во случи на корупција и судир на интереси; да се донесе подзаконски акт со кој се регулираат интерните механизми за пријавување на случаи на корупција и судир на интереси во општината.

Меморандумот за соработка е склучен во рамки на проектот „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“, кој го реализира Фондација Отворено општество – Македонија, а е дел од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Повеќе информации за Проектот на УСАИД за граѓанско учество на https://cep.mk/ и https://www.facebook.com/CEPNorthMacedonia

Содржината на оваа веб страница не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

—————————————————

18 јануари 2022