Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Здружението на граѓани KОНТРАПУНКТ е асоцијација која е посветена на развојот на современите и алтернативни практики и политики во социо-културниот контекст, критичка мисла и граѓанскиот активизам. Од своето основање Контрапункт се застапува за промоција на принципите на децентрализација, демонополизација, демократизација, дистрибуција и дифузија во подрачјето на културата, културната политика и поширокиот социо-културен контекст. Дополнително, Контрапункт се застапува за зајакнување на културата на поврзување. Контрапункт се застапува за развивање на нови образовни формати во промоцијата на критичката култура.

Истражувањата покажуваат дека општата јавност сѐ уште не е соодветно запознаена со динамиката на пристапниот процес и севкупната оценка на ЕУ за напредокот на Северна Македонија во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ. Недоволната информираност влијае врз нереалните перцепции на населението за подготвеноста на земјата да стане држава-членка на ЕУ. Поглавјето 23 ги претставува едни од најзначајните вредности на Европската унија, а во јавноста постои недоволно познавање на моменталните состојби и потребните реформски процеси врзани конкретно со ова поглавје. Повисокото ниво на едукација во оваа област би придонело и кон повисоко ниво на поддршка на процесите во прашање.

Проектот „ЕУрека“ имплементиран од КОНТРАПУНКТ, го адресира проблемот на неинформираност на граѓаните, меѓутоа пристапува на еден сосема поинаков начин. Проектот нуди креативен, забавен и впечатлив пристап кон обработката на содржините врзани со Поглавјето 23, а со цел да воспостави комуникација со целните групи преку содржини од забавно-едукативен карактер кои се лесно приемчиви, визуелно привлечни и духовити. Презентираните информации во форма на приказни, воспоставуваат интеракција со публиката и на емоционално (со хуморот) и на интелектуално ниво и на тој начин ја ангажираат да размислува критички и ја поттикнуваат на акција. Визуелноста и хуморот помагаат информациите лесно да се интегрираат во сликата, т.е. визијата за Северна Македонија во ЕУ во умот на граѓаните.

Проектот цели кон зголемување на јавната свест за потребата и придобивките за пристапување кон ЕУ и доближување на концептот и функционирањето на ЕУ до граѓаните. Преку збогатување на медиумскиот простор со платформа и нови креативни содржини од едукативно-забавен карактер, проектот ќе обезбеди промоција на придобивките од пристапување кон ЕУ генерално, но и во областите врзани за поглавје 23 со фокус на темелни права, на несекојдневен начин. Овој креативен пристап во обработувањето на тематиката на граѓаните ќе им понуди свежи увиди и перспективи.

„ЕУрека“ е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Изработените содржини во рамки на проектот можете да ги најдете на веб сајтот на ОКНО.

—————————————————

13 август 2020