Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 30 септември се одржа е-конференцијата „Отворено владино партнерство – дијалог за Националниот акциски план 2021-2023“ на која учествуваа претставници од институциите како и од граѓанското општество и претставници на ОВП.

Република Северна Македонија е дел од глобалната инцијатива Отворено владино партнерство, меѓународна платформа преку која соработуваат институциите и граѓанското општество со дел да се обезбеди транспарентност и отчетност на властите пред граѓаните. Согласно прифатените обврски, Северна Македонија има усвоено четири Акциски планови (2012, 2014, 2016 и 2018), а во наредните шест месеци земјата ќе работи и на петтиот Акциски план 2021 – 2023, процес во кој се очекува да се вклучени сите засегнати страни.

Конференцијата ја отвори Министерот за информатичко општество и администрација, ЈЕТОН ШАЌИРИ кој истакна дека во изминатите неколку години Република Северна Македонија постигна напредок во областите кои придонесуваат кон остварување на основните принципи на Отвореното владино партнерство. Преземени беа голем број активности за градење на партнерски однос со граѓаните и компаниите во обликување на националните политики и креирање на националното законодавство, стратегии и инцијативи. Ваквиот пристап според Министерот секогаш придонесува за постигнување на добри резултати и поквалитетно законодавство, а висок приоритет останува подобрување на сите механизми кои ја гарантираат вклученоста и партнерскиот однос помеѓу институциите и граѓанскиот сектор како основа за градење на демократско општество.

Заменикот Генерален секретар на Собранието на РСМ, МИКИ МИЛКОВСКИ истакна дека Собранието е институција отворена за јавноста што е воедно и една од клучните стратешките цели согласно која Собранието и одлучи да се вклучи во иницијативата на Отвореното владино партнерство. Воедно, ревидираниот Стратешкиот план на Собранието за 2020-2022 и во утврдената стратешка цел Отворен парламент е изразена определбата за отворена власт и учеството во отвореното владино партнерство. Стратешката цел дополнително вклучува и промовирање на културата а отвореност и вклучена информирана јавност и ранливи категории на граѓани, унапреден собраниски канал, лесно пребарлива веб страница, проактивно користење на социјалните мрежи и буџетски транспарентна законодавна власт. Она што е важно дека се развива институционалната свест кај вработените за потребата од повисок степен на отвореност на институцијата и придобивките од истото.

ПОЛ МАСЕН, Шеф за поддршка на земјите, ОВП, истакна дека навистина ги цени сите достигнувања направени до сега и прогресот направен од вклучувањето на земјата во ОВП иницијативата во 2011. Земајќи ги предвид спецификите на времето во кое живееме, и различните кризи со кои се среќаваме меѓу кои и здравствената, економската но и кризата на демократските процеси и довербата во институциите генерално, предизвиците на со кои се среќава иницијативата на ОВП се големи. Амбицијата на ОВП при самото формирање беше да се создадат услови за отворена власт која ќе резултира во поефикасна, поефективна власт, која ќе ужива поголема доверба. Во 2020, овие заложби остануваат приоритет, особено во услови на пандемија со Ковид-19 и нарушени демократски процеси глобално. Амбицијата да се создаде власт која навистина им служи на своите граѓани, а активната вклученост на граѓаните да е и по изборните е едноставна но прекрасна идеја.

„Прогресот во земјата е очигледен и нè радува тоа што владините реформи врзани со отворена власт како концепт се вклучени во владиниот план 2020-2024 и што Владата е посветена на идејата за отворено владино партнерство“ нагласи Масен и ги поздрави реформите како фискална транспарентност и вклученоста на граѓанското општество во процесот на донесување одлуки. Но, воедно, тој нагласи дека секогаш постои простор за подобрување, и во таа насока, власта мора да ги искористи енергијата и ентузијазмот кој го поседува и да постави неколку сериозно амбициозни цели во новиот Акциски план. Како наближува 10 годишнината од соработката на РСМ со ОВП, особено е значајно властите во Северна Македонија да обезбедат вистински, сериозни трансформативни процеси и идеи кои ќе обезбедат нов, ефикасен и ефективен начин на кој властите ќе им служат на граѓаните.

ГОРДАНА ГАПИЌ ДИМИТРОВСКА, Националната координаторка за ОВП во РСМ истакна дека отвореното владино партнерство е континуиран процес и развој кој бара постојана посветеност. Таа нагласи дека политичката волја е важна, но поважно е што денес имаме администрација, посветени професионални службеници кои разбираат што точно значи отворено владино партнерство и имаме повеќе од партнери во граѓанските организации. Отвореното владино партнерство има повеќекратни придобивки за општеството и преку оваа иницијатива искуството покажува дека може да се адресираат и решаваат проблеми – како резултат на отвореното владино партнерство денес имаме функционален систем на отворени податоци, портал за отворени финансии, отворен трезор, подобрена заштита на укажувачите итн. Наредниот период го поставува предизвикот на формирање на акцискиот план 2021-2023 кој согласно досегашните искуствата треба да биде мал, компактен но навистина трансформативен и фокусиран план кој ќе даде видливи резултати.

На вториот панел на тема придобивките од ОВП и важноста на вклученоста на сите засегнати страни во процесот, дискутираа МАРТИН ТОДЕВСКИ од Центарот за управување со промени, ко-претседател на Советот за координација и мониторинг на ОВП, ИВОНА СТАЛЕВСКА од Фондацијата Отворено општество – Македонија, координатор на мрежите на граѓански организации за ОВП, ЗЛАТКО АТАНАСОВ од Парламентарниот Институт при Собранието на РСМ, ЖАРКО ХАЏИ-ЗАФИРОВ од Центарот за правни истражувања и анализи, ДАНИЕЛА АРСЕНОВА – ЛАЗАРОВА, координатор за локален економски развој во Општина Свети Николе. Модератор на сесијата беше ДАРКО АНТИЌ од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Мартин Тодевски истакна дека Советот за ОВП како управувачко тело на процесот составен од 14 членови од институциите и граѓанското општество е единствен модел на заедничко управување од овој тип. Истиот е исклучително важен бидејќи на едно место ги вклучува сите засегнати страни и во донесувањето на одлуки подеднакво се вклучени и институциите и граѓанските организации.

Ивона Сталевска од ФООМ ги подвлече карактеристиките на Мрежата на граѓански организации за отворено владино партнерство која се формираше во пресрет на подготовката на новиот (петти) национален акциски план, со цел за поорганизирано делување и влијание на граѓанските организации на неговото креирање, како и поттикнување и мониторинг на имплементацијата на постојниот и идните акциски планови. Мрежата на ГО за ОВП е репрезентативна и опфаќа 69 организации кои работат со различни група, а улогата на мрежата е да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество за прашањата на ОВП. Мрежата ќе придонесе да се создаде структура за консултација и координација во граѓанското општество и помеѓу владата, граѓанските организации, граѓаните и другите заинтересирани страни за дизајнирање, спроведување, поддршка, промоција и мониторинг на приоритетите и иницијативите на ОВП.

Златко Атанасов посочи дека во Собранието, како вклучена заинтересирана страна во процесот на ОВП, низ годините работа на концептот отворена власт се дојде до состојба во која процесот е признат и ставен како приоритет. ОВП за Собранието не е само концепт за отворена соработка со граѓанските организации и отвореност кон граѓаните туку овозможи и независноста на Собранието да се позиционира на ниво на стратешка определба и тоа и за административна, функционалната, безбедносна и финансиската независност на институцијата. ОВП воедно овозможи Собранието да ја преиспита културата на отвореност и да обезбеди механизми кои на граѓаните ќе им овозможат отворен пристап до законодавниот дом, како што се генералната проактивност на Собранието, учеството на граѓаните во законодавниот процес но и проактивно публикување и ревидирање на документите кои ги произведува Собранието, како и диверзификација на каналите преку кои се пренесуваат информациите до граѓаните.

Жарко Хаџи-Зафиров сподели со учесниците на конференцијата дека Центарот за правни истражувања и анализи заедно со Врховниот суд и останатите високи судови во С. Македонија го отпочна процесот за разговор околу отворено судство. Кај нас во судството не се прави дистинкција помеѓу отвореност и транспарентност. Пред нас е период кој ќе биде предизвик во смисла да се објасни, а судството да прифати што точно значи отворено судство со оглед на тоа дека односно судиите и службениците сметаат дека доколку тие работат транспарентно, тоа значи дека судството е отворено. Во досегашната соработката со високите судови се обезбеди едногласна согласност за учество во процесот и врз основа на таа согласно, заедно со нив е изработен акциски план за отворено судство кој беше споделен со ОВП Лондон и со Националниот координатор. Идејата во процесот на отворено судство да се направи тело кое ќе има претставници на високите судови, на основните судови во еден дел како и претставници на граѓанското општество и останатата стручна јавност со цел да се изработи Стратегија за отворено судство.

Даниела Арсенова – Лазарова потенцираше дека локалната власт на ОВП локал се гледа како на основа за долгорочен модел на соработка со точно дефиниран акциски план за тоа како развојот треба да се биде во иднина. ОВП процесот на локално ниво има особено значење бидејќи истиот вклучува директно учество на граѓаните и граѓанските организации и до сега процесот поттикна неколку иницијативи директно од граѓаните кои и ден денес се имплементираат и имаат потенцијал за развој. Во иднина ОВП локал ќе се стреми кон зголемување на фискалната транспарентност на локалната самоуправа, подобрување на општинските услуги во областа на урбанизмот, комуналните услуги, образованието, здравството, локалниот економски развој итн., но и на проактивното објавување на информациите од јавен карактер.

Дарко Антиќ потенцираше дека дискусијата од панелот генерално посочува дека ОВП нуди дефиниран и организиран пристап, нуди можност за соработка помеѓу институциите, граѓанското општество и граѓаните, заедничко учество и заедничко донесување одлуки давајќи од една страна можност на ГО за проактивно учество, а од друга страна можност за институциите да го искористат знаењето и искуството на граѓанското општество во повеќе сегменти. Вмрежување на ГО за потребите на процесот на ОВП овозможува мобилизирано усогласено и координирано делување во различни области и со различно искуство, давајќи силен глас на ГО во целиот процес.

Темата на третиот панел на кој зедоа збор ГЕРМАН ФИЛКОВ од Центарот за граѓански комуникации, член на Советот за координација и мониторинг на ОВП, САНДРА ПРЕНАР, Висока регионална координаторка за Европа, ОВП и МАРИЈА НИКОЛОВСКА АРСОВСКА од Фондацијата Метаморфозис и ОВП онлајн платформата, беа идните чекори во развојот на Националниот акциски план 2021-2023 како и приоритетите и приоритетните области кои треба да бидат опфатени во истиот. Модератор на оваа сесија беше Маја Петковска Лесес од Генералниот Секретаријат на Владата на РСМ.

Герман Филков ги презентираше четирите приоритетни области за ко-креирање на акцискиот план дефинирани во широка консултација , и тоа: 1) Транспарентност, отчетност, проактивност и инклузивност 2) Спречување на корупција и промовирање на добро владеење, 3) Испорака на јавни услуги и 4) Пристап до правда. Приоритетите опфаќаат заложби и мерки кои ќе промовираат поголема вклученост на граѓаните во креирањето политики, како и спречување на корупција, но и ќе овозможат испорака на квалитетни јавни услуги како и ефективен пристап до правда и квалитетни правни услуги, со особен фокус на млади, маргинализирани групи и жени.

Сандра Пренар посочи дека во соработката со Северна Македонија за ОВП иницијативата таа гледа огромен потенцијал, но и ги цени досегашните придобивки. Таа ги сублимираше можностите за поддршка која ОВП може да ја понуди во процесот на креирање на акцискиот план и ја поздрави определбата за компактен и јасно дефиниран план кој ќе даде резултати на крајот од планскиот период, имајќи ги предвид сите специфики и предизвици со кои се среќаваме и локално и глобално.

Марија Николовска Арсовска истакна дека Фондацијата Метаморфозис во изминатиот период работеше на изработка на платформа за ОВП која е многу повеќе од обична платформа за спроведување на консултации, туку е платформа која ќе го поддржи секој аспект од процесот. Тука ќе бидат опфатени консултациите за подготовката на новиот акциски план, ќе се даде приказ за следењето на акцискиот план, приказ на претходните акциски планови и ќе го поддржи и прикаже работењето на мрежата за ОВП и Советот на ОВП. Иако првичната идеја за платформата беше поедноставна, финално таа е изработена со сите претходно споменати елементи во форма на покомплексна софтверска апликација за да ги опфати инпутите на сите засегнати страни добиени во широка консултација во еден подолг период.

Процесот на креирање на акцискиот план ќе биде многу динамичен, заклучи Гапиќ Димитровска на крајот од конференцијата и тоа благодарение на детално изработените документи, насоки од страна на Советот на ОВП како што се временската рамка, критериумите за оцена и едукативниот материјал кој ќе се користи.

—————————————————

6 октомври 2020