Неформалната активистичка група „Штип Aрт Aктивизам” спроведе уште една акција, односно инсталација, која е подарок за сите деца, а особено имајќи ги на ум децата кои се соочуваат со потешкотии во развојот. Темата е „Децата заслужуваат повеќе“.
Инсталацијата има едукативен, а воедно и забавен карактер за децата да можат да научат повеќе за животните, но истата најмногу има за задача да им покаже на граѓаните, носителите на одлуки и локалните власти дека постои недостаток на вакви игралишта и зелени површини. Таа е потсетник дека децата заслужуваат повеќе внимание со поубави простори за релаксација и едукација, особено на најранливите дечиња.
Инсталацијата се состои од четири животни изработени по калап од цемент и обоени во оригинални бои – жирафа, желка, нилски коњ и мече. На сите животни освен објаснување на македонски и англиски ќе има и објаснување со брајова азбука за да можат децата со проблеми со видот да научат нешто повеќе за овие животни. За изработка на инсталацијата беа ангажирани професионалци и уметници кои ја доловија оригиналната форма на животните.
За спроведувањето на активностите беа направени претходни истражувања, а воедно беа контактирани и дефектолози, уметници, активисти како и претставници на здружението “Сплотени срца “ од Штип, здружение на родители на деца кои се соочуваат со потешкотии во развојот. Особен придонес за спроведување и создавање на оваа инсталација има претседателот на здружението “Сплотени срца” , Зоран Мијалков кој даде значаен поглед на специфичните потреби на децата и на тоа како може да се задоволат потребите за безбедност, но и за забава.
Инсталацијата е поставена во паркот спроти зграда „Пролече“, каде има доволно зелена површина и можност дечињата да бидат безбедни, анимирани и релаксирани. Истата беше одобрена за користење од страна на Општина Штип што особени ја олесни изведбата, но и овозможи оваа инсталација да продолжи да ги радува децата во деновите што доаѓаат.
Најмалите граѓани на Штип ќе уживаат играјќи си со фигурите, а за повозрасните оваа инсталација ќе биде своевиден АПЕЛ за зачувување на зелените површини и детските игралишта, но и за одговорно однесување и личен придонес за поубав Штип.
—————————————————
25 ноември 2020