Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Проследете ја дебатата „Дали има европско решение за македонско-бугарскиот јазол?“ на ТВ 24 организирана по повод второто издание на книгата „Македонското прашање од 1944 до денес – Комунизмот и национализмот на Балканот“ од Чавдар Маринов на македонски јазик.

Дебатата е обид да се разјасни и стави во контекст постојната политичка и историографска дебата помеѓу Бугарија и Северна Македонија која се засили во пресрет на очекуваниот старт на преговорите со Европската Унија и станува можна сериозна точка за недоразбирање низ целиот процес на пристапувањето.

Политичката атмосфера во изминатиот период и во двете земји е вжештена по ова прашање, а емоциите се силни и недвосмислено искажани. Се провлекува до некаде јасна тенденција да се замагли, односно да се стави во втор план контекстот и дополнително да се продлабочат спротивставените политички и историографски позиции. Во меѓувреме, и покрај политизацијата на прашањата и притисокот од јавноста и властите од двете страни, заедничката Експертска Комисија за историски и образовни прашања продолжи да работи.

Говорниците даваат свои видувања за ситуацијата во обид да се прошири контекстот и конструктивната дискусија за можните теориски но и практични начини како да се отплетка македонско-бугарскиот јазол, а притоа да се разгледаат и методи преку кои академската јавност може да придонесе во конструктивно решавање на проблемот.

Говорници на дебатата се Улф Брунбауер, Академски директор на Лајбниц Институтот за источно и југоисточно европски студии и Претседавач на катедрата за историја за југоисточна и источна Европа на Универзитетот во Регенсбург; Чавдар Маринов, асистент-истражувач на Институтот за филозофија и социологија при Бугарската академија на науки и Дарко Леитнер-Стојанов, историчар на Институтот за национална историја – Скопје и проектен соработник при Австриската академија на науки.

Модератор на дебатата е Гордан Георгиев, член на Управниот одбор на Фондацијата Отворено општество – Македонија и професор на Правниот факултет на ФОН Универзитетот во Скопје.

Проследете ја дебатата :

—————————————————

6 ноември 2020