Блупринт групата за реформи во правосудството денеска одржа прес конференција посветена на актуелните случувања во областа на правосудството.
Блупринт групата ги изнесе своите ставови во однос на Законот за јавното обвинителство и статусот на Специјалното јавно обвинителство, со тоа што потенцираше дека СЈО како институција треба да продолжи со работа во рамки на јавнообвинителскиот систем, согласно хиерахиската поставеност и правила, но притоа да се трансформира во јавно обвинителство на исто ниво со ЈОГОКК, а со мандат да гони висока корупција. Доказните видео и аудио материјали е неопходно да бидат употребувани и понатаму во постапките, согласно ценењето на судиите. Предметите кои што ги води СЈО мора да продолжат и да имаат своја разрешница.
Беше посочено дека во текот на минатата недела претставник од Блупринт групата учестувуваше во работната група за Законот за јавно обвинителство, но предлозите кои ги даде оваа група не се вклучени во Предлог Законот за јавно обвинителство. Блупринт групата повикува на итно днесување на Законот за јавно обвинителство, меѓутоа во форма која ги зема во предвид горенаведените заложби за статусот на СЈО и користењето на доказниот материјал.
На прес конференцијата беше истакнат ставот дека политичките решенија од минатото, кои се покажаа како лоши и несоодветни, не би требало да бидат пракса и во иднина. Напротив, професионализацијата на СЈО е повеќе од важна и неопходна. Доволно е што, согласно закон, во овој момент државниот јавен обвинител доаѓа како политички предлог, меѓутоа, останатите шефови на обвинителствата и одделенијата треба да се предмет на избор на Советот на јавни обвинители.
***
БЛУПРИНТ група за реформи во правосудството ја сочинуваат: Фондација Отворено општество – Македонија, Коалиција „Сите за правично судење”, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Институт за човекови права, Институт за европска политика, Македонско здружение на млади правници и Центар за правни истражувања и анализи.
—————————————————
10 септември 2019