Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во Тетово, на масовни свадби во своите дворови, двојките почнаа да склучуваат брак без оглед на состојбата со коронавирусот, и без почитување на каков било протокол за заштита. Масовните собири, меѓу кои и приватните собири за одбележување на семејната радост или тага, се забранети. Се затворија и рeстораните кои функционираат само за свадбени прослави и истите работат само со достава на храна до дома. Но ова очигледно не е пречка за младоженците во Тетово.

За да се подигне јавната свест за важноста на почитувањето на мерките, активисти од Тетово спроведоа уште една акција поврзана со неодговорното однесување на граѓаните во време на пандемијата. Активистите поставија уметничка инсталација во центарот на градот – младоженците Вирус и Корона кои јавно ја празнуваат нивната љубов со огромна свадба на која се поканети над 300 гости. Гостите мораат да го почитуваат кодот за облекување – маски, коишто треба да ги држат на рака, а не на лице, а истите да се комбинирани со облеката. Кодот на однесување пак е безгрижно играње оро, или играње оро како луѓе, бидејќи како што вели поканата за свадба, вирусот го снема – тој е прогласен за мртов.

Целта на оваа акција е да се подигне свеста и личната одговорност кај граѓаните, да се охрабрат да ги почитуваат мерките, да ги остават веселбите за некои подобри времиња и така  да придонесат кон заштитата на колективното здравје во Тетово.

—————————————————

10 јули 2020