Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Автор: Елена Ивановска Муковска

Ноќта, на 23 февруари 2013, млад скопјанец ја користи темницата за насилно да упадне, а потоа и да ограби куќа. Успева да избега оттаму без да биде фатен, но и откако ќе биде откриен, ќе ѝ избега на казната како сплет од, за него, среќни околности.


Обвинителството му поднесува обвинение четири и пол години по стореното дело, во октомври 2017 година. Судењето не може да почне речиси три месеци. Го нема обвинетиот. Судските покани се враќаат. Полицијата го бара и, апсурдно, го наоѓа во затворот Идризово каде издржува затворска казна за друго дело. Судењето, сепак, нема да започне ниту цела 2018 година бидејќи затворот не го спроведува обвинетиот на рочиштата, кои судијката ги закажува на неколку месеци. Кога конечно ќе го донесат во судот, во февруари 2019, судијата ја запира постапката. Поминале 6 години. Делото застарело!

Кражба член 235 ст. 1 КЗ
„Тој што од друг ќе одземе туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“


Член 108 ст. 6 од КЗ
„Застареноста на кривичното гонење во секој случај настапува кога ќе помине два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење.“

Оваа вистинска приказна ја прочитав во едно судско досие кое во скопскиот Кривичен суд е архивирано како застарено.

А статистиката на Судскиот совет покажува дека последниве три години застареле вкупно 3 275 судски предмети во судовите во земјава. Од јануари 2018 до декември 2020 година, во основните и апелациските судови застареле дури 2 099 прекршочни предмети. Речиси на секои 10 прекршочни предмети застарувал по еден кривичен, односно правдата се изгубила низ судските ходници и фиоки во 250 кривични предмети. Дополнително, дури 519 правосилно осудени не ја издржале казната бидејќи им застарело извршувањето. Во Управниот суд за три години застареле 75, а во Вишиот управен суд 190 предмети.

ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА СУДОВИТЕ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА ЗАСТАРЕНИ ПРЕДМЕТИ ВО ПЕРИОД 2018 до 31.11.2020 ГОДИНА

Извор: Судски совет

ЗОШТО ЗАСТАРУВААТ КРИВИЧНИТЕ ПРЕДМЕТИ?

Одговорот на ова прашање го побаравме од повеќе страни, но и преку увид во десетина кривични предмети што застареле во Кривичниот суд во Скопје последниве години.
Увидот нè доведе до сознанието дека најчесто застаруваат предмети за кривични дела за кои законот предвидел затворски казни до 3 или до 5 години, како што се кражби, сообраќајни незгоди, фалсификување на документи и слично. Бавноста на судот не е единствената причина што делата застареле, туку во одредени предмети свој придонес дало и обвинителството со долгите истраги. Друг значаен фактор е и повторувањето на постапките – дали поради укината пресуда од повисок суд или затоа што обвинетиот барал повторно да му се суди, откако еднаш веќе му пресудиле во отсуство. За застарувањата свој придонес имаат и отсуствата на обвинетите, адвокатите, сведоците и обвинителите, па дури и затворската полиција која не ги спроведува обвинетите на судење. Во еден застарен предмет, тоа се повторило дури на 13 рочишта.

Дека врз застарувањето на кривичните предмети влијаат повеќе фактори, посочуваат и од Коалицијата „Сите за правично судење“, чии набљудувачи ги следат судските процеси во повеќе судови низ земјата. „Како најчести причини за застарувањето се откривање или дознавање за кривичното дело многу подоцна откако истото е случено, потешкотии со прибирање на доказниот материјал, некоординација на службите и невнимателно менаџирање на судските постапки, но за жал во определени ситуации и појавата на корупцијата и судирот на интереси, што резултираше со формирање на СЈО и реформскиот процес во правосудството“, велат од КСПС.

Од Кривичниот суд – Скопје, каде последниве две години (2019 и 2020) застареле 49 кривични предмети, причините ги лоцираат најчесто надвор од судот, но и во укинатите предмети од повисоките судови. Уверуваат и дека судиите вложуваат напори со цел предметите да завршат навреме и со почитување на правата.
„Не ретко надлежниот јавен обвинител поднесува обвинителен акт или предлог неколку години по сторување на делото, што остава кус период за судско решавање…. Во дел од предметите може да се констатира и дека одбраната непотребно ги одложувала и ги одолговлекувала расправите, судијата-поротник заминал во пензија или се повлекол од функцијата од лични причини, предметот бил на вештачење и слично, па заради сето тоа предметот застарел“, велат од Кривичниот суд.
И, како во маѓепсан круг, за долгите истраги и обвинителството прстот го вперува кон другите институции.

„Преземањето дејствија во текот на истрагата зависи и од ажурното постапување и на други органи, како полицијата, финансиската полиција и надлежните институции за вршење вештачења“, посочија од Јавното обвинителство на РСМ.


ЗАСТАРУВАЊЕТО КАКО „СПАС“ И КАКО „КАЗНА“?

За некои обвинети застарувањето на предметот значи спас од затвор и прават сè што можат тоа да се случи. Но, за други, тоа е бреме бидејќи им е одземена можноста да си го обелат образот.
Јавноста го мери владеењето на правото, низ постапките во кои одговараат функционерите, а застарените предмети стануваат симбол за неправда.


И експремиерот Никола Груевски, кој избега во Будимпешта во ноември 2019, се спаси од кривична одговорност за предметот „Траекторија“ за кинеските автопатишта. Тој одговараше за „примање награда за противзаконито влијание“, за чие застарување беа потребни 6 години. Јавноста го доживеа неговото бегство азилот како сериозен удар врз правдата.

Неговиот братучед Сашо Мијалков, кој за време на дводневното исчезнување во пресрет на пресудата создаде чувство на дежа ви, останува покус за едно од трите кривични дела против него во „Таргет-Тврдина“. Првостепената пресудата од 12 години затвор, што ја доби на крајот на февруари, Апелација ќе му ја намали казната за делото што застаре во март – примање награда за противзаконито влијание.
Предметот „Тенковски делови“ застаре откако Обвинителството го преквалификуваше делото речиси по 13 години судење и укинати пресуди од Апелацискиот и од Врховниот суд. Поранешниот премиер Владо Бучковски и другите обвинети изјавија дека жалат што немале шанса да ја докажат невиноста.
Предметите на поранешното СЈО, во кои се осомничени и обвинети личности од политиката и бизнисот, јавноста ги следи во чекор, од истрагата па сè до правосилните пресуди. Најголемиот дел од обвинетите не можат да се надеваат на „спас“ преку застарување, но неколкумина, доколку нема правосилни пресуди во следните неколку години, може да спасат од едно или повеќе кривични дела.

ЗОШТО СТОТИЦИ ПРЕКРШОЧНИ ПРЕДМЕТИ ЗАСТАРУВААТ СЕКОЈА ГОДИНА?

Во Кривичниот суд – Скопје, кој е надлежен и за прекршоците на територијата на главниот град, за две години се запечатени над 900 прекршочни предмети како застарени. Од Судот вината за состојбата ја гледаат пред сè кај законодавецот кој го скратил времето за застарување, со што во еден момент се насобрале поголем број предмети кои биле застарени или блиску до тоа. Но, посочуваат и кон МВР, кое пријавите за дел од предметите ги поднело во Судот една и повеќе години од направениот прекршок.


„Согласно измените во Законот за прекршоци во 2019 година, рокот за апсолутна застареност се намали од 6 на 4 години од сторувањето на делото. Со измените на Законот, судот е обврзан да ја констатира застареноста и да ги затвори овие предмети“, одговорија од Кривичниот суд – Скопје.
Покрај скопскиот, меѓу судовите со поголем број застарени предмети се и основните судови во Куманово и во Гостивар, информираат од Судскиот совет. Меѓу застарените предмети доминираат прекршоците, а и од двата суда се жалат пред сè на неуредна достава од поштенските служби.

Извор: Основни судови

„Од објективни причини доаѓа до застарување на предмети, а пред сè неуредна достава од ЈП Македонска пошта со што се одолговлекуваат роковите за постапување по предметите и се одлагаат рочиштата поради неприсуство на странките“, велат од Основниот суд – Гостивар.


„Дел од прекршочните предмети застаруваат и од причина што обвинетите се недостапни за органите на прогонот, односно лицата се во странство, со непозната адреса, а согласно Законот за прекршоци, постапката во таков случај се прекинува и ќе продолжи повторно кога лицето ќе стане достапно“, објаснуваат од Основниот суд во Куманово.


Од судовите посочуваат дека се во контакт со „Македонска пошта“ за надминување на проблемите, но и дека преземаат мерки за подобрување на доставата. Внимаваат на старите предмети што може да застарат и се изготвуваат планови и извештаи.


СУДОВИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ПОАЖУРНИ ЗА ДА СТАВАТ РАМПА НА ЗАСТАРУВАЊАТА

Судиите се бедемот кој треба да ги штити предметите од застарување, сметаат експертите. Но како е во практиката?


Од Коалицијата „Сите за правично судење“ велат дека судот е последниот субјект во хиерархијата кој ја има сета одговорност да ги коригира неправилностите, кои евентуално се појавиле во претходните фази на постапката, и соодветно да го менаџира процесот.


„Освен спорадично споменување на проблемите со недоаѓање на јавните обвинители или спроводот на обвинетите лица од затвор кои се истакнуваат откако судовите ќе бидат критикувани за долгите постапки, отсуствува организиран, систематичен и стратешки пристап од страна на судската власт за адресирање и надминување на овие проблеми“, анализираат од оваа невладина организација.


Според поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, а сега врховна судијка, Мирјана Лазарова-Трајковска, застарувањето на предметите во судските постапки честопати е тематизирано и анализирано како форма на неправичност.
„Иако во најголем број од случаите одолговлекувањето на постапката е резултат на нечинење на некои од учесниците во постапката, а понекогаш и намерно одолговлекување, сепак тежината за неизречената правда лежи на плеќите на судиите. Застарувањето на предметите има за резултат невидлива, недовршена и неизречена правда. Законска обврска на судиите е по службена должност да внимаваат да не дојде до застарување на предметите. Се разбира, на некои од учесниците во постапката таквиот исход им оди во прилог, но судот ги има на располагање сите механизми и институции кои треба да му овозможат да го заврши предметот во роковите предвидени во законот“, изјави Лазарова-Трајковска.


ВО ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ ГОДИНИ НЕМА РАЗРЕШЕН СУДИЈА ИЛИ ОБВИНИТЕЛ ЗА ЗАСТАРЕН ПРЕДМЕТ


Иако само во последниве три години застареле над 3 000 предмети, не бил разрешен ниту еден судија чиј предмет застарел. Двајца судии ја соблекле судиската тога поради одолговлекување на постапката. Но од Судскиот совет, кој и досега ги имаше на располагање законските основи по кои може да санкционира судии, најавуваат дека тоа ќе се промени годинава со процесот на „прочистување“ на правосудството. Членовите на телото што избира и разрешува судии периодов покренале постапки против најмалку четири судии кои не испорачале правда поради „изминат рок“, а за кои се сомневаат дека имаат лична одговорност за тоа.


„Вршиме увид во застарените предмети, со цел да утврдиме дали има субјективни или објективни причини за застарувањето на предметите. Нема да кажам од кои судови до сега членовите на Судскиот совет поднеле барање за утврдување одговорност за четворица судии, но сè уште се прават увиди и може да има постапки и против други судии“, изјави поранешниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев.
Последниве години не бил разрешен ниту еден обвинител кому му застарел предмет, потврдија од Советот на јавните обвинители. Обвинителството, пак, не води статистика ниту има анализа колку предмети застареле кај нив во истрага или предистрага. Но, и од таму најавуваат промени токму годинава.


„Со новиот Закон за јавно обвинителство и донесениот Правилник за оценување на работата на јавните обвинители ќе се добие детален увид за досегашното работење на јавните обвинители и ќе се утврди дали има ненавремено постапување по предметите и дали како резултат на тоа дошло до застарување на кривично гонење“, објаснуваат од Јавното обвинителство на РСМ.ж


Обвинителството не може да даде ниту точен податок за тоа дали се водат истраги против судии и обвинители поради застарување на предмети, затоа што во нивните уписници не можеле да пребаруваат според функцијата на осомничениот, туку според име, презиме и кривично дело.
Пред шест и пол години, во акција под кодно име „Јустиција“, беа приведени 25 судии и судски службеници од скопскиот суд за прекршоци, под сомнение дека чувале предмети во фиока со цел да застарат. Дел се спогодија со Обвинителството, за дел Обвинителството се откажа од гонење, а тие што останаа до крајот во процесот, добија ослободителни пресуди.


На почетокот на годинава јавноста дозна за една „тазе“ предистрага за застарени предмети во фиока на починат судски курир. Шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, обелодени дека биле пронајдени околу 1 500 недоставени платни налози, со што државниот буџет бил оштетен за околу 20 милиони денари. Таа не посочи за кој суд станува збор, но од упатени извори дознавме дека станува збор за Основниот суд во Гостивар.


Од судот ја потврдија информацијата и прецизираа дека станува збор за точно 1 320 извршни прекршочни предмети кои застареле во фаза на извршување. Предметите влегле во гостиварскиот Основен суд во периодот од 2012 до 2016, биле решени и симнати во доставната служба за извршување, каде заглавиле и застареле. Како е можно никој да не ги открие порано?
„Предметите не можеле да се откријат бидејќи истите биле ставени во фиока и со редовна контрола не можеле да се откријат. Истите се пронајдени по смртта на судскиот службеник кој работел во доставната служба. Во моментот кога биле откриени, кај нив настапила апсолутна застареност и за тоа навремено е известен Судскиот совет на РСМ“, велат од Основниот суд во Гостивар.

Претседателот на Судски совет, иако не сакаше да говори за кој суд станува збор, сепак потврди дека за овој случај веќе водат постапка која е речиси при крај.
„Кај нас се поднесени барања за утврдување одговорност, формирани се комисии и ние тој податок го имаме дадено на Јавното обвинителство за да се утврди дали евентуално има простор за кривична одговорност“, изјави Здравев.

Обвинителството ќе треба да утврди дали ќе гони некого кривично за оваа афера или пак ќе го затвори предметот со резолуција, како што постапи во предистрагата за предметите пронајдени во фиоките во Врховен суд. Фаик Арслани, в.д. претседател на Врховниот суд, во кабинетот што го наследи од претходникот Јово Вангеловски, пронашол триесетина постари предмети од кои еден застарел. По повеќе од една година предистрага, Обвинителството оцени дека нема простор за кривична, туку само за дисциплинска одговорност за, инаку, веќе разрешениот Вангеловски.

Кој е застарениот предмет од Врховен, не одговорија. Но, на прашањето за бројот на застарени предмети, посочија дека во 2019, годината во која беше разрешен Вангеловски, има само еден застарен предмет. Предметот го најдовме на интернет страницата на Врховен суд. Станува збор за сообраќајна незгода во Скопје што се случила во 2013 година. Оштетениот се здобил со тешки телесни повреди, а обвинетата одговарала за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Застарениот предмет ја чинеше државата и осуда за нарушени човекови права пред Судот во Стразбур, во случајот „Поповски против Република Македонија“. Според поранешната судијка во овој Суд, Мирјана Лазарова-Трајковска, Европскиот суд за човекови права утврдил дека кривичната постапка во која учествувал жалителот била прекината поради апсолутниот рок на застареност и се утврдило дека тој бил спречен да ја добие делотворната заштита на неговото право на почитување на приватен живот.
Кај застарените постапки, покрај правдата страда и буџетот.
Кај прекршоците, ненаплатени остануваат средства кои требало да се слеат во буџетот. Кај застарените кривични постапки, трошоците од судењето паѓаат на товар на државата. Надлежните немаат вкупен број колку средства годишно се одлеваат за адвокатски трошоци за застарени предмети. За илустрација, ги побаравме трошоците за случајот „Тенковски делови“. Од Кривичниот суд ни одговорија дека за петте адвокати одобриле вкупно околу 37 илјади евра.


ШТО ТРЕБА ДА СЕ ПРОМЕНИ?

Да се зголемат роковите за застареност за делата сторени од функционери, судскиот процес да не се враќа на почеток доколку се прoмени судија или поротник во судечкиот совет, како и конкретни мерки за поефикасни постапки. Ова се само дел од иницијативите кои изминатите години ги предлагаа политичари, судии, правни експерти, секогаш кога на врата ќе тропнеше опасност од ново застарување или одолговлекување на судски предмет.

Надлежните во правосудството, засега, се сконцентрирани на т.н. „прочистување“ на судии, идеја која извира од изборната програма на владејачката СДСМ. Планот е на повеќе нивоа да се идентификуваат и санкционираат судиите кои не работеле законски.

Допрва ќе се дијагностицираат и ќе се препишуваат „лекови“ против застарувањето предмети. Во Судскиот совет очекуваат да произлезат решенијата за промени од „проветрувањето“.
„Откако увидовме колку застарени предмети има, изработивме интерен акционен план со којшто формиравме комисии од членови од Судски совет. Ако постојат субјективни причини, ќе се поведуваат постапки за утврдување одговорност на судиите. Ако се утврдат објективни причини, ќе се прават анализи. Доколку причините лежат во законските решенија ќе се извести Министерството за правда или друго надлежно министерство за утврдените слабости“, вели Здравев.

Дел од стручната јавност изминатиот период гласно ја постави дилемата дали судско-обвинителските институции имаат капацитет професионално и независно да го спроведат „прочистувањето“.
Од Судски совет уверуваат дека овој пат се сериозни во планот.

Сега граѓаните, жедни за правда и разочарани од владеењето на правото, треба да чекаат уште една тура на бомбастично најавувани реформи, пред да ги видат резултатите и да оценат – дали правдата може повторно да заживее во судските храмови или и понатаму ќе живее затворена во фиоки, кои ќе се отвораат само по потреба.

***

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.

—————————————————

25 мај 2021