Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Џорџ Сорос ја започна својата својата кариера како филантроп во 1979 година со поддршка за стипендии за црните студенти од Универзитетот во Кејптаун во Јужна Африка, но и за дисиденти од Источна Европа да студираат во странство.

Својата прва фондација вон границите на САД Сорос ја основа во Унгарија во 1984 година. Неговиот препознатлив потег во тоа време е дистрибуцијата на фотокопири на универзитети, библиотеки и граѓански групи поддржувајќи го рушењето на контролата над информациите на комунистичката партија. До падот на Берлинскиот ѕид, Сорос веќе има формирано уште три фондации, во Полска, Украина и Русија. Како што паѓа комунизмот, Сорос реагира брзо за да го зграпчи револуционерниот момент и да создаде фондации во земјите на Источна Европа и Централна Азија. Неговата работа придонесе за појавувањето на демократски влади и значително поотворени општества во повеќето земји од поранешната советска империја.

Со цел да помогне да се обучи една нова генерација политички и економски лидери, Сорос во 1991 година го формира Централноевропскиот универзитет како центар за истражување и анализа на политики кој ги промовира принципите на отворени, демократски општества. Поддршката за образовните програми, од рано детство до универзитет, изнесува половина од годишните програмски трошоци на Фондациите Отворено општество.

Почнувајќи од 1993 година, Фондациите обезбедија десетици милиони долари хуманитарна помош за време на војните во земјите на поранешна Југославија. Ова беше од особена важност за Сараево, кое беше под опсада, каде градежните екипи храбро се спротивставија на снајперските истрели и артилериските проектили за да ги поврзат жителите со системите за гас, електрична енергија и вода за пиење.

Арије Нејер се приклучи на Фондациите Отворено општество во 1993 година, станувајќи претседател, по неговата лидерска функција во „Хјуман рајтс воч“ и Американскиот сојуз на граѓански слободи. Веќе следната година, годишните трошоци стигнаа до 300 милиони американски долари (во 1985 година изнесуваа помалку од 3 милиони) со што Фондациите станаа познати по брзите одговори на променливите општествени услови со нови и иновативни програми.

Нејер почна да ги претвора Фондациите Отворено општество во вистински меѓународни организации. Фондациите обезбедија поддршка за бегалците и дисидентите од Бурма кои беа под удар на репресивниот воен режим во таа земја; за изградба на евтини живеалишта и правни, економски и политички реформи во Јужна Африка со цел да помогнеме на новата неискусна влада составена од црно мнозинство; и за регионалните иницијативи во Африка и Централна Азија.

Со воспоставувањето на фондациските програми во Соединетите Американски Држави, во 1996 година се прават напори да се адресираат дел од маните на едно отворено општество. Фокусот на првите програми е ставен на подобрување на негата на возрасни лица на крајот од животот, реформирање на политиките за лекови, менување на казнениот систем на кривичното право и спротивставување на строгите закони и практики за имиграција. Балтимор е избран како место за формирање сеопфатен пристап за решавање на проблемите со сиромаштија и неправда. Фондациите поддржаа проекти во Балтимор со кои се подобрија резултатите на тестовите по читање и математика на учениците во јавните училишта, се проширија вонучилишните програми, двојно се зголеми бројот на лица кои имаат пристап до лекови и се зголеми стапката на лица пуштени на условно во самата сојузна држава.

Географскиот досег продолжува да се шири во првата деценија од новиот милениум. До 2010 година Фондациите се присутни во секој регион во светот. Во значителен број земји каде што се активни, Фондациите се водечки поддржувач – понекогаш и единствениот поддржувач – на напорите за промоција на демократско владеење, почитување на владеењето на правото, заштита на правата на малцинствата како и граѓанските и политичките слободи.

Во светската битка за отворено општество Фондациите се на чело на многу значајни глобални кампањи, вклучително и:

Во 2004 година, осум држави од регионот на Источна Европа на кои Фондациите помогнаа да се трансформираат во демократии, станаа членки на Европската Унија, а три години подоцна се приклучија уште две. Со поддршка на ФОО и други земји имаат за цел да станат кандидати за членство во ЕУ.

Успесите од работењето се забележителни кај прашања поврзани со правата на малцинствата, пристапот до здравствена заштита и правата на жената. Уште од самиот почеток, Фондациите Отворено општество се залагаат за заштита на правата на малцинствата и промоцијата на можности за нивна целосна вклученост во општеството. Фокус на Фондациите се проблемите со кои се соочуваат, меѓу другите и корисниците на дроги, сексуалните малцинства, луѓе кои живеат со ХИВ, луѓе со ментална попреченост, муслиманите во Соединетите Американски Држави и Европа како и Ромите во Европа.

Во 2005 година Фондациите Отворено општество заедно со Светска Банка ја започнаа Декадата на инклузија на Ромите 2005-2015. Од почетокот на 90-тите години на минатиот век, обезбедена е поддршка за подобрување на животите и унапредување на човековите права на Ромите, најголемото и најмаргинализираното етничко малцинство во Европа.

Со цел да се спречи ширењето ХИВ и други инфекции помеѓу корисниците на дроги, Фондациите работат на пренасочување на фокусот од кривични казни на човекови права и здравствени услуги преку водење глобално движење за поддршка на размена на стерилен прибор за инјектирање, супституциска терапија и намалување на побарувачката. Друг проблем од областа на јавното здравје со кој се справува ФОО е исклучувањето на луѓе со ментална попреченост од можностите за образование и вработување.

Како одговор на силувањето на илјадници жени од страна на војници за време на конфликтите во Демократска Република Конго, во 2009 година Фондациите Отворено општество формира мобилен суд за родови злосторства кој патува до далечните региони растргани од војна носејќи им правда на жените. Во една многу важна победа во почетокот на 2011 година, мобилниот суд изрекува казни во времетраење од 10 до 20 години за полковник, три помлади офицери и пет војници заради силување низа жени, мажи и деца.

Фондациите продолжуваат со работа на сите овие прашања и во наредните години, но воедно го зголемуваат и буџетот за обезбедување хуманитарна помош како одговор на глобалната економска криза и неодамнешните природни катастрофи. Во 2009 година вложени се стотици милиони долари за помош на луѓето кои беа најтешко погодени од економскиот пад во Европа и Соединетите Американски Држави. Во 2010 година вложени се милиони за да се ублажи страдањето на граѓаните предизвикано од поплавите во Пакистан и земјотресот во Хаити. Трошоците на Фондациите во 2010 година изнесуваат 820 милиони американски долари.

Покрај другите напори да се зајакне правдата и јавното здравје, Фондациите Отворено општество во 2011 година работеа да ги елиминираат дискриминацијата и предрасудите против муслиманите од Европа, од кои многумина со генерации живееле во земји како Франција и Обединетото Кралство; да стават крај на тортурата во здравствената заштиа, вклучително и принудната стерилизација, необезбедувањето аналгетици но и притворот како третман; и да ја подобрат состојбата на младите црни мажи во Соединетите Американски Држави со, меѓу другото, грант од 30 милиони американски долари за програми за образование, вработување и менторство на млади црни и латино мажи во Њујорк.

Ширењето на Фондациите Отворено општество по Студената војна исто така се соочува со нови предизвици. Сѐ поголемиот број националиситички и понекогаш авторитарни влади имаа за цел да ги замолчат слободните медиуми и независните граѓански групи кои ја оспоруваат нивната контрола над власта. Растечките рестрикции во Русија доведоа до затворање на Фондацијата во Москва за потоа во 2015 година руската влада да ги прогласи Фондациите Отворено општество, заедно со други американски институции, за „непожелни“ организации. Во Унгарија, пак, премиерот Виктор Орбан оркестрира низа напади врз грантистите на ФОО и во 2017 година отпочнува национална политичка кампања со која го обвинува основачот Џорџ Сорос за намерно подгревање на миграционата криза во Европа. Денес, Фондациите Отворено општество остануваат посветени на визијата на Џорџ Сорос. Ние сме втората најголема филантропска организација во Соединетите Американски Држави (фондот е дополнет со донација од 18 милијарди американски долари лични средства на Сорос во октомври 2017 година). Нашите годишни трошоци надминуваат над 940 милиони американски долари и работиме во повеќе од 100 земји низ светот со 26 национални и регионални фондации и канцеларии. Ние обезбедуваме средства за стотици групи кои работат на голем број различни прашања.