Новото, второ мерење во реката Брегалница што го спроведовме во текот на септември во рамките на проектот „Утопија?Зелен Исток, бистри води“, покажа дека намалено е нивото на водата во коритото на реката за близу 30 сантиметри, а променети се останатите вредности, кои се предмет на нашите мерења. Мерењата ги работи Ѓорѓи Димов, професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ на Факултетот за природни науки, кој на второто мерење употреби и мобилен апарат. Овој апарат веднаш ги покажува резултатите, како што се соленост на водата, киселост, раствореност на цврсти материи, кондуктивитет.
За разлика од мерењето во мај, поради отсуство на врнежи и изразената суша преку летото, забележливо е дека избистрена е речната вода, но има значајно повлекување од речниот брег. Очекувањата се дека на почетокот на ноември, кога е предвидено третото и последно мерење, нивото на водата во реката да биде најниско.
Според утврдената методологија, освен предвидените параметри на речната водата, се анализира и тлото на Брегалница, преку земање на примероци и од земјата. Анализите се работат во лабораторијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ и Центарот за јавно здравје во Штип.
Низ резултатите од независни мерења и анализи преку активностите на проектот „Утопија?Зелен Исток, бистри води“, утврдуваме повеќе параметри кои го поажуваат квалитетот на водата во реката Брегалница и речното тло. Граѓаните на Штип и натаму се водоснабдуваат со вода за пиење од бунарите до реката, додека од 15 септември почна пробното преземање на водата од ХС „Злетовица“, со 50 литри во секунда. Водата од „Злетовица“ не оди во водоснабдителниот систем, туку се испушта, откако претходно ќе помине низ адаптираната филтер станица. Пробниот перидот е со цел да се види оспособеноста на филтер станицата за профаќање на водата од хидрсистемот и ќе трае неколку месеци.
***
Активностите на овој проект се дел од Концептот ЗЕЛЕН СКОК – Партнерства за климатска акција на ФООМ.
—————————————————
28 октомври 2021