Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

ПАТРИК ГАСПАР

Во брзаницата да се олесни криза на јавното здравје како пандемијата на КОВИД-19, нелибералните влади ширум светот ги тестираат границите на граѓанските права и демократските механизми за контрола на власта. Како што историјата одново ни покажува, нема подобар момент од кризна ситуација за амбициозните моќници да ја консолидираат власта.

ЊУЈОРК – „Господ и народот се извор на целата власт… Јас ја земав власта, и проклет да сум, ќе ја чувам засекогаш“, изјавил хаитскиот диктатор Франсоа „Папа Док“ Дувалие во 1963 година. Така и направил, прогласувајќи се за доживотен претседател до неговата смрт во 1971 година, кога бил наследен од неговиот син Жан-Клод („Бебе Док“), кој ја продолжил диктатурата за уште 15 години.

Ова може да се чини како античка историја. Но не и за мене. Моето семејство е од Хаити, и иако ние имигриравме во САД кога јас бев дете, се чинеше дека сепак останавме на дофат на безмилосниот режим на Дувалие. Јас никогаш не ги заборавив бруталните лекции што Хаиќаните ги научија за време на владеењето на семејството Дувалие, вклучително и тоа како тие редовно ги искористуваа природните катастрофи и националните кризи за ја зацврстат својата позиција на моќ.

Таа лекција мора да ја имаме на ум денес. КОВИД-19 е закана не само за јавното здравје, туку и за човековите права. Низ историјата, кризите како оваа денес послужиле како погоден изговор за авторитарните режими да ги нормализираат нивните тирански импулси. Моите родители го осетиле тоа на сопствена кожа во Хаити. А денес сите ние го гледаме тоа повторно.

Новата закана почна од Кина, каде иницијалните заложби на веќе авторитарната влада за сокривање на епидемијата овозможија таа да се прошири на глобално ниво. Но Кина не е сама во тоа. Во Индија, владата на премиерот Нарендра Моди воведе 21-дневно затворање дома со најава од само неколку часови, што на милиони луѓе од најсиромашниот народ во светот не им остави време да се снабдат со доволно храна и вода. Полошо од тоа е фактот дека индиската полиција почна да го користи затворањето дома за да ја зголеми таргетирана дискриминација против муслиманското население во земјата.

Во меѓувреме, во Кенија и Нигерија, полицијата и армијата ги тепаа сите луѓе за кои се чини дека не ги почитуваат протоколите за социјално дистанцирање. Во Израел, властите се приклучија на околу дваесетина други влади во растегнување на заштитата на приватноста до граница на кршење на правата, преку користење податоци од мобилните телефони за да го следат движењето на граѓаните. А во Унгарија, премиерот Виктор Орбан, кој работеше на консолидирање на власта со години наназад, успеа да протурка донесување закон кој ефективно го кодификува неговиот статус на апсолутен диктатор.

Реакциите на ваквите прекршувања од страна на светските демократии едвај стигнаа до ниво на шепот. Освен доколку Американците не мислат дека се имуни на ваквото приграбување власт, и тие треба да го земат предвид фактот дека, кон крајот на март, министерството за правда побара од Конгресот да добие овластувања за притворање американски државјани (не само недокументирани имигранти) за недефиниран временски период и без судење.

Владите кои донесуваат вакви мерки го оправдуваат тоа како неопходно во борбата против пандемијата. Но историјата ни покажува дека нелибералните лидери ретко, ако и воопшто, дозволуваат да истече рокот на нивните овластувања во кризна ситуација. Да бидеме на сигурно, секоја влада е должна силно да одговори на каква било непогода врз јавното здравје, и таквата реакција може да наложи времено, но значително ограничување на активноста на граѓаните. Сепак, многу од политиките што авторитарните лидери ги усвоија во последните недели не се само антидемократски, туку и контрапродуктивни на борбата против пандемијата.

На пример, многу повеќе од спречувањето на ширењето на болеста, гушењето на слободата на печатот сериозно го отежнува развивањето свест за тоа како јавноста треба да реагира. Исто така, притворањето на граѓаните без судење ја поткопува довербата во владата токму во моментот кога таквата доверба е најпотребна. А откажувањето на изборите ги елиминира сите поттици за политичките лидери да ги стават јавните интереси на прво место.

Како што се бориме против КОВИД-19, мора да сториме сè што можеме да го зачуваме здравјето на нашите демократии. Поконкретно, мора да признаеме дека, на многу начини, одбраната на јавното здравје и одбраната на демократијата се два фронта на една иста битка.

За среќа, граѓанските организации и поединците не се беспомошни во светло на мерките за сузбивање на пандемијата. По повеќе од три децении поминати во првите редови во борбата за одбрана на демократијата, ние во Фондациите Отворено општество научивме одредени релевантни лекции.

За почеток, мора да ги искористиме сите расположливи алатки за да ги заштитиме граѓанските слободи. Иако пандемијата налага социјално дистанцирање, тоа не ја оправдува полициската бруталност и злоупотребата на власта. Моментот кога политичките лидери ќе почнат да ги ограничуваат слободата на говор и правото на протест, или ќе ги одбијат контролите врз нивната власт, ризикот за влегување во авторитарен режим станува реален. Од владите кои почнуваат да ги тестираат овие граници веднаш мора да се бара одговорност.

Втората лекција е тоа дека мора да му одолееме на давањето жртвени јагниња. Како одговор на пандемијата, голем број влади почнаа да го нарекуваат КОВИД-19 „Кинескиот“ вирус, и така ја поставија сцената за следење и стигматизација на луѓето со кинеско потекло.

Како Американец-Хаиќанец, јас бев директен сведок на ваков прогон за време на кризата со ХИВ/СИДА во 1980-те години, кога Центри за контрола и спречување на болести на САД објавија дека СИДА-та ја пренесуваат „хомосексуалци, корисници на хероин, хемофиличари, и Хаиќани“. Како резултат на таквото ненаучно и пристрасно формулирање на пораки, САД почнаа да ги притвораат барателите на азил од Хаити во ужасниот затворски камп во Гвантанамо беј, што всушност ги поткопа напорите за спречување на ширењето на ХИВ.

На крај, ние мора да ги решиме основните економски и социјални диспаритети коишто пандемиите имаат тенденција да ги влошат. За да видите како коронавирусот ги изнесе на виделина длабоките нееднаквости во Америка, не мора да погледнете подалеку од Рајкер Ајланд, главниот затвор во Градот Њујорк, кој сега ја има највисоката стапка на заразеност на планетата. Пошироко гледано, кризата уште еднаш покажа дека премногу американски семејства нема пристап до здравствена заштита, платено боледување, заштита на работничките права, лични заштеди, и други основни потреби.

Дури и во време кога се браниме од нови напади врз демократијата и врз граѓанските права, мора да го искористиме овој момент за да ги признаеме сите начини на коишто нашите општества им ги одземаа правата на граѓаните, бегалците, мигрантите, и на барателите на азил уште пред да почне пандемијата. Точно е дека денес грижата за состојбата со демократијата не е главниот проблем на најголем број луѓе. Но, ако чувањето на демократијата не е на вашиот список со работи „што треба да се направат“, слободно може да се претпостави дека тоа нема да биде ниту на списокот на некој друг.

За жал, премногу од оние кои се на власт никогаш нема сами да ја преземат обврската да ги заштитат нашите права. Ние самите мора да го сториме тоа. Демократијата е многу повеќе од систем на владеење, таа е призмата низ која треба да се гледа светот и нашето место во него. Ако ја скршиме за време на кризна состојба, можеби никогаш повеќе нема да се гледаме себеси на ист начин.

13 април 2020

Извор: Project Syndicate

Фото: Laszlo Balogh/Getty Images

—————————————————

22 април 2020