ЏОРЏ СОРОС, 10 декември
Германската канцеларка Ангела Мерка работеше под огромен притисок за да спречи вето за буџетот на Европската Унија за периодот 2021-2027 година и фондот за закрепнување од КОВИД-19. Но, компромисот што таа го постигна со Унгарија и Полска е најлошиот од сите можни светови.
ЊУЈОРК – Европската Унија се соочува со егзистенцијална закана, а сепак лидерството на ЕУ на тоа одговара со компромис кој се чини дека ја одразува вербата според која заканата може едноставно да исчезне само ако се посака желба. Клептократскиот режим на премиерот Виктор Орбан во Унгарија и, во помал степен, нелибералната влада на партијата Право и правда во Полска, дрско ги предизвикуваат вредностите врз коишто е изградена Европска Унија. Третирањето на нивниот предизвик како легитимен политички став кој заслужува да биде признаен и компромисно решение можат само да ги засилат – и тоа во голема мера – ризиците со кои ЕУ се соочува сега.
Го признавам и го разбирам притисокот под кој работеше германската канцеларка Ангела Меркел. Таа е канцеларка на Германија веќе 15 години и се ближи кон нејзиното пензионирање во септември 2021 година. Во ситуација каде францускиот претседател Емануел Макрон е привремено преокупиран со секуларизмот и другите сериозни безбедносни закани во Франција, Меркел стана некаков вид на единствен носител на одлуки во ЕУ.
Разбирам зошто германската канцеларка не сака друга земја, Унгарија, да ја најави својата намери за напуштање на ЕУ додека таа е главната. Наводно, Орбан се подготвувал да го стори тоа во последниве денови, бидејќи тој не може да си дозволи на виделина да излезе севкупниот обем на корупцијата на неговиот режим што условеноста на ЕУ со „владеење на правото“ за исплата на средства од Унијата несомнено би го постигнала.
Орбан украл и проневерил огромни суми пари за време на неговата деценија на власт, вклучително и средства на ЕУ кои требало да бидат потрошени за создавање придобивки за унгарскиот народ. Тој не може да си дозволи наметнување практична граница врз неговата лична и политичка корупција бидејќи овие незаконски приходи се маслото што ги подмачкува запчениците за неговиот режим непречено да продолжи и ги држи под контрола неговите ортаци.
Заканувајќи се да ги торпедира финансиите на ЕУ преку ставање вето на нејзиниот буџет беше огромно обложување од страна на Орбан. Но и блеф кој требаше да се разоткрие. За жал, се чини дека Меркел потклекна пред унгарската и полската изнуда.
Додека го пишувам ова се чини јасно дека Меркел издејствувала компромис со Орбан и со де факто лидерот на Полска, вицепремиерот Јарослав Кацински. Сепак, спогодбата што Германија ја направи со двете непослушни држави-членки на ЕУ претставува најлошиот од сите можни светови. Текстот на предложениот компомис веќе протече и кој треба да се вметне во заклучната изјава од овонеделниот состанок на Европскиот совет има три клучни мани.
Прво, изјавата ја менува суштината и намерата на текстот на регулативата што беше договорена од страна на институциите на ЕУ на 5 ноември, значително ослабувајќи ја условеноста со владеење на правото. Ниту Европската комисија ниту пак Европскиот парламент, а камоли националните влади што го направија интегритетот на регулативата нивна главна грижа во рамките на Европскиот совет, треба да дозволат да бидат истуркани на страна и тоа на ваков начин.
Второ, некои одредби во спогодбата го одложуваат спроведувањето на условеноста со владеењето за правото за период до две години. Тоа би било вистински успех за Орбан, бидејќи би одложило каква било можна акција за периодот по одржувањето на следните парламентарни избори во Унгарија закажани во 2022 година.
Ваквото времено одложување ќе ѝ даде доволно време на партијата на Орбан, Фидез, да ги смени законите и уставните одредби и ќе му дозволи на Орбан да продолжи да го редефинира она што претставува „јавни средства“ во Унгарија на начини што ќе му овозможат да го пренасочи незаконски стекнатиот плен од јавните тела во приватни „фондации“ што ги контролираат неговите послушници. Примарните жртви на спогодбата што Меркел наводно ја постигнала со Орбан ќе бидат луѓето во Унгарија.
На крај, предложената декларација од самитот претставува случај во кој Европскиот совет дејствува вон своите овластувања за да ја ограничи способноста на Европската комисија да го толкува и да презема дејства според договореното законодавство на ЕУ. Тоа претставува опасен преседан бидејќи ја намалува правната независност на Комисијата и може да биде спротивно на Договорот за Европската Унија, барем во дух.
Спогодбата, за којашто се смета дека постои, е лоша и им пркоси на изразените желби на Европскиот парламент. Но, поради итната потреба за користење на 750 милијарди евра (909 милијарди долари) од фондот за закрепнување од КОВИД-19, голема е можноста Европскиот парламент да ја одобри спогодбата.
Сè што можам да направам е да го искажам моралниот шок којшто луѓето кои веруваа во ЕУ како заштитник на европските и универзалните вредности мора да го чувствуваат. Исто така, сакам да предупредам дека овој компромис може сериозно да ја разниша тешко стекнатата доверба што институциите на Унијата ја добија со креирањето на фондот за закрепнување.
***
Џорџ Сорос е претседавач на Сорос Фонд Менаџмент и на Фондациите Отворено општество. Тој е пионер на индустријата на инвестициски фондови и автор на повеќе книги, како што се: Алхемијата на финансиите, Новата парадигма на финансиските пазари: кредитната криза од 2008 година и што таа значи, и Трагедијата на Европската Унија: дезинтеграција или обнова?Неговата последна книга е Во одбрана на отвореното општество (Public Affairs, 2019 год.).
Извор: Project Syndicate
Фотографија: Emmanuele Contini/NurPhoto via Getty Images
—————————————————
16 декември 2020