Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Министерството за финансии објави неколку важни промени во даночниот систем, со намера поголем дел од нив да почнат да се применуваат почнувајќи од 1 јануари 2023 година. Групата ЦИВИТАКС, основана во 2018 година, како неформална група од 14 основачки и 29 придружни влијателни граѓански организации и физички лица, се произнесува со следниот генерален став.

Граѓанските организации обединети во групата ЦИВИТАКС во неколку прилики, а и преку Блупринтот од 2016 година, укажуваа дека не се исцрпени внатрешните јавни извори за поголема ефикасност и ефективност со управувањето на јавните ресурси на државата, односно во рационализацијата на расходната страна на буџетот на државата.

Впрочем, тоа е потврдено и со загубени 23 милиони евра буџетски средства од страна на извршната власт, како и дополнителни 108 милиони евра за дополнителни трошоци и непредвидени работи поради неефикасно и неефективно работење и од последните извештаи на Државниот завод за ревизија само во последниот месец:

НАЈАВЕНИТЕ „ДАНОЧНИ РЕФОРМИ“, СЕ ПОБЛИСКУ ДО ДЕФИНИЦИЈАТА НА АД-ХОК МЕРКИ НАЈВЕРОЈАТНО ПОТТИКНАТИ ОД НУЖНОСТ, НО НЕ И ОД ЖЕЛБА ЗА РЕФОРМИ

Граѓаните очекуваат најпрво да добијат подобрени и поквалитетни јавни услуги, транспарентен и отчетен систем, со јасни, издржани и предвидливи долгорочни политики пред да се соочат со даночни измени кои се базираат повторно на ад-хок и не-системски чекори. Истражувањата за даночна одговорност на Центарот за Економски Анализи – ЦЕА, членка на Групата ЦИВИТАКС, покажаа дека даночните обврзници во Северна Македонија не сакаат да ја гледаат својата врска со државата како жртва и принуда од страна на предаторот/држава, туку како процес на размена од заеднички интерес.

Граѓаните сакаат да се чувствуваат повеќе како корисници на услуги отколку како гласачи. Чувството за злоупотреба на средствата на обврзниците од страна на властите влијае негативно врз степенот на даночниот морал како одговор на перцепцијата за неодговорно трошење на даночните средства и се одразува во низок степен на доверба во институциите. Даночните обврзници во најголем дел немаат доверба во државните институции и сметаат дека доколку би плаќале повисоки даноци истите само може да бидат злоупотребени, а не и дека ќе бидат инвестирани во подобрен квалитет на јавните услуги.

И, конечно, најавените „даночни реформи“, се поблиску до дефиницијата на ад-хок мерки најверојатно поттикнати од фискална нужност, но не и од желба за реформи, бидејќи не се базираат на економски и финансиски анализи кои се транспарентни и стратешки врамени кои ќе обезбедат предвидливост за сите засегнати страни. Овие ткн. „даночни реформи“ се фокусираат и се базираат само на зголемување на даночна база заради фискални цели. Даночни реформи се повеќе од прибирање на приходи во централниот буџет. Даночни реформи треба да бидат најмалку заради фискален ефект, а повеќе за: ефикасен и еднаков третман на економски оператори, обезбедување на еднаков даночен товар на даночните обврзници и отстранување на пазарни девијации, јасно дефинирање на даночни цели, стабилност и предвиливост на даночниот систем, јасно кодифициран административен даночен систем во законската и подзаконската регулатива кој овозможува максимизирање за усогласување со даночната регулатива од страна на даночните обврзници, јасна поврзаност на даночниот систем со фискалните, економските и социјалните цели во државата, итн.

Оттука, Група ЦИВИТАКС укажува на недоследности, недоречености, нетранспарентност и недостаток на стратешки пристап за да навистина се влезе во даночни реформи.

НЕДОСТАСУВА КОНСУЛТАЦИЈА СО ЦЕЛОСНИ И ИСТОВРЕМЕНО-ДОСТАПНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА СИТЕ

Даночните измени, од кои дел имплицираат важни промени во даночниот систем, не се објавени официјално, туку во јавноста проциркулира презентација која Министерството за финансии ја користело на досега-изведените средби со бизнис секторот. Граѓанскиот сектор, како важен чинител во процесите на реформи на јавните финансии и особено во делот на зголемување на транспарентноста и отчетноста на носителите на политиките, остро протестира што Министерството за финансии инклузивноста ја сведува на целно, дозирано и постепено лиферување информации, со потенцијално разногласие помеѓу она што е напишано во споделената презентација и впечатокот кој може да се стекне од интервјуата на министерот.

Земајќи го предвид ова, Групата ЦИВИТАКС се произнесува околу предложените даночни измени, групирани во неколку точки.

ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ПОГОЛЕМИ И ПОШИРОКООПФАТНИ ДАНОЦИ

  1. Според проценките на домашната експертска јавност и меѓународните финансиски институции, сивата економија во Северна Македонија изнесува од 25% до 40% од БДП. Истражувањата за сивата економија од Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, членка на Групата ЦИВИТАКС, даваат проценка за поконзервативен но се’ уште висок удел на сивата економија од 23.2% во 2020 година. Дури и да се земе тој процент, сивата економија изнесува околу 2.5 милијарди евра, на која ако се земат предвид сегашните даночни оптоварувања, се доаѓа до износ од околу 650 милиони евра годишно кои треба да се слеат во државниот буџет, но не се слеваат затоа што државата не успева во борбата со сивата економија.

Притоа, Стратегијата за формализација на сивата економија 2018-2022 има стагнантен или никаков прогрес, дури и за повеќето од мерките не постои податок дека тие се отпочнати да се спроведуваат и, се’ вкупно, нема владин документ-извештај кој демонстрира кој е напредокот во борбата со сивата економија. Тоа не’ враќа во периодот од пред 5 години, кога јавната дебата укажуваше дека за да може државата да премине кои поголеми и пошироки даночни зафаќања, неопходно е да се покажат резултати од борбата со сивата економија. Оттука, Групата ЦИВИТАКС бара Владата да елаборира за напредокот во борбата со сивата економија, во смисла на остварени резултати, пред да може квалитетно да се дискутира за какви било даночни измени.

Оттука, Групата ЦИВИТАКС не прифаќа воведување придонеси на надомест од повремена и привремена работа и обидот го смета за флагрантно поткопување на владеењето на правото во Северна Македонија.

Покрај ова, нашиот став изнесен во ноември 2018 година, пренесен подолу, останува непроменет, што само потврдува дека во периодот измеѓу, не настанале промени кои ќе овозможат пошироко прифаќање на било какви даночни измени.

ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС ЗА ТРОШЕЊЕТО НА НАРОДНИТЕ ПАРИ

  1. Владата мора да поработи на ефикасноста на расходната страна на буџетот, на зголемена одговорност и отчетност, на зголемување на казнивоста на злоупотреба од висока корупција и целосно одробување на државата, како што е елаборирано од почетокот на овој став. Групата ЦИВИТАКС очекуваше демонстрирање резултати во оваа насока.
  2. Владата мора да работи на намалување на нејзината улога на пазарите за да остави средствата да бидат ефикасно алоцирани од економските оператори. Разните субвенции може да бидат од краткорочен карактер и не смеат да бидат трајна определба бидејќи на тој начин се нарушува ефикасноста на пазарната економија, се преферираат неефикасни пазарни оператори, се дискриминираат оператори кои можат да се соочат со пазарните сили, поради што, на крајот и ефикасните и неефикасните оператори завршуваат неуспешно. Групата ЦИВИТАКС ја повикува Владата недвосмислено да го искаже својот став во однос на субвенционирањата, и особено оние кои зафаќаат големи буџетски средства, пред да премине кон дополнителни даночни зафаќања.
  3. Владата мора да го намали бројот на регулаторните тела и разни буџетски корисници од прва линија кои не ја извршуваат функцијата за која постојат и ќе мора да го консолидира обемот на јавниот сектор. Владата мора да го намали државниот апарат и мора да ја зголеми ефикасноста на јавната администрација до степен кога мора да има и отпуштања на оние кои не можат да ги совладаат потребните вештини и знаења за да одговорат на потребите на граѓаните.

Основачки членки на Група ЦИВИТАКС кои во краток рок дадоа согласност:

  1. Центар за економски анализи
  2. Finance Think – Институт за економски истражувања и политики
  3. Центар за даночна политика
  4. Институт за општествени и хуманистички науки
  5. Фондација Отворено општество – Македонија
  6. Транспаренси Интернешнл – Македонија
  7. Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
  8. Евротинк – Институт за европски стратегии
  9. Центар за управување со промени

—————————————————

12 август 2022