Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија со длабоко и искрено жалење соопштува дека утрово на 1 август 2022 година, почина нашата драга и почитувана колешка Сузана Велковска.

Загубивме голема другарка, борец за човекови права, соработничка која колегите неизмерно ја почитуваа, на која без резерва и ја доверуваа борбата за нивните здравствени права, а која таа со саможртва ја исполнуваше.

Сузана беше професионалец во својата работа, колешка за поддршка меѓу вработените, а пред сѐ беше човек подготвен да им помогне на другите.

Како личност беше тивка и мирна, но упорна и истрајна и жена која не трпеше неправди. И така постапуваше, никогаш не се откажуваше од борбата. Во екот на пандемијата со Ковид-19 најголема битка ѝ беше да се обезбеди матичен лекар во Шуто Оризари, за луѓето за чии права неуморно се бореше. И се избори многу пати, тоа најдобро го знаат соработниците и ние кои со неа загубивме вистински соборец за човековите права.

Но, нашата Сузе не се избори со најважната битка, битката за животот. Почивај во мир драга наша Сузе. Остави зад себе трага која ќе ја паметиме и залог дека битката никогаш не смее да запре.

Горди сме што те имавме и благодарни за сѐ што со волја, љубов и силен дух до последен здив го правеше.

Со гордост и почит те носиме во мислите, со љубов ќе те чуваме во срцето.

Фондацијата изразува длабоко сочувство до семејството на Сузана за нивната загуба.

—————————————————

1 Gusht 2022