Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

По течението на реката Брегалница, која го обединува источниот регион со над 230.000 жители, во должина од 212 километри има само две стандардни пречистителни станици на отпадната комунална вода –  во Берово и Кочани. Останатите општини, вклучувајќи ја и најголемата – Штип, отпадната вода преку колектори, директно ја испуштаат во реката Брегалница, што потоа се влева во нашата најголема река Вардар.

Пречистителните станици, како што објаснуваат од општините, се скапи и обемни капитални инвестиции, што не би можеле да се изградат без донаторски пари. Пример е кочанската, за која пари обезбеди Швајцарската конфедерација, која учествуваше со 21 милион евра, што е најголемата швајцарска донација во изминатите 25 години во државата. Со швајцарски пари пред десет години е изградена и пречистителната станица во Берово, додека од истиот донатор пари очекуваат и делчевчани, кои добија грант за водоснабдување.


Отпадната водата се процесира 10-20 часа во ПОС Берово

На неодамна завршените Локални избори, пречистителните станици не беа тема. Никогаш не се поставува прашање ниту на изборните дуели, полни со популизам и националистички теми преку кои се ловат гласовите. На прашањето зошто, можеби најдобриот одговор го има Лоренца Симевска – Арменска, хемиски инженер и раководител на лабораторијата во пречистителната станица – Берово.

-Пречистителните станици се скапа работа, но еколошкиот бенифит е огромен. Тоа е малку неблагодарно, затоа што не го гледаме преку финансиски бенифит. Вложуваме пари, но за возврат имаме чиста вода и чиста природа, вели Симевска – Арменска.

Беровската пречистителна станица е првата по течението на реката Брегалница и е наменета за општините Берово и Пехчево. Целиот систем со колектори и станицата чини 11 милиони швајцарски франци и е со капацитет за 14.000 еквивалент жители. Од самото отворање ја следат политички турбуленции, бидејќи цели седум години, политичките партии не можеа да се договорот за цената за пречистување на отпадните води. Тоа, во меѓувреме, го задолжи јавното претпријатие, кое стопанисува со пречистителната станица. Раководството на станицата објаснува дека кога конечно била утврдена цената, граѓаните ја прифатиле без никаков проблем.

-Првите седум години пречистителната станица работеше без наплата. Во тие години граѓаните увидоа дека има бенифит од работењето на станицата и по седум години без никаков проблем го прифатија тоа и сега си плаќаат редовно. Трошоците се големи, со смисла на потрошувачка на енергија, додека хемикалии не се користат, рече Александар Шумански, раководител на ПС „Берово“.

ПСОВ Берово
Беровската, како и кочанската, работат на ист принцип што не се разликува од ниту една европска пречистителна станица на природен, активен микробиолошки принцип на пречистување, без користење на хемикалии. Разликата е во тоа што беровската станица, иако е помала од кочанската е поголем потрошувач на електрична енергија, бидејќи само 10% од енергијата за работа на автоматизираниот процес, е од фотоволтаици.


ПОС Кочани

Принципот на работа на овие пречистителни станици во голем дел е идентичен – по гравитациски пат доаѓа водата до станиците, поминува неколку фази, во самиот систем на прочистување останува по 10-20 часа на процесирање, по што водата во втора категорија се исфрла во Брегалница, додека остатокот се чува 6-8 години во лагуните со трска. Кога ќе се наполнат, хумусот се вади и може да се користи како природно ѓубриво.

Водата од втора категорија по третманот во ПСОВ Кочани се влева во река Брегалница

Пречистителната станица за Општина Кочани во лоцирана на крај од селото Мојанци и е проектирана за отпадна вода од 65.000 жители. На површина од 11 хектари, станицата ги прочистува водите од 9 испусти од Оризари до Подлог, собрани во главен колектор долг 12 километри. Станицата, за чија изградба се потрошени 23 милиони евра, има целосно автоматизиран оперативен процес за третман на отпадни води од домаќинствата и индустријата. Станицата е пуштена во употреба во 2019 година. Заради поекономично функционирање, на Пречистителната станица е инсталирана фото напонска електроцентрала на површина од околу 4. 200 м2. Од 1484 панели, секој со 305 W инсталирана моќност, гарантираното годишно минимално количество на произведена електрична енергија од фото напонската електроцентрала  изнесува 590.000 КВч . Со него сега се покрива околу 70 % од потрошувачката на електрична енергија. Покрај Општина Кочани, кон станицата се очекува да се приклучи и Виница, за што се работи физибилити студија. Целиот проект чини околу 23 милиони швајцарски франци, од кои 21 милион се грант од Владата на Швајцарија, 1,8 милиони швајцарски франци се од Министерството за животна средина и 300.000 франци се од Општина Кочани и КЈП „Водовод“.

-Пречистителната станица, која е со најдобар концепт на циркуларна енергија, има две значајни функции: заштита на здравјето на луѓето и заштита на природните тела. На крај од процесите, излегува вода од втора категорија, која е сосема безбедна за живиот свет и природата, вели Радостина Стоилкова, процесен инженер во Пречистителната станица во Кочани.


ПСОВ Кочани

Пречистителната станица во Мојанци е импозантен објект, која покрај популарната „топка“ каде се собира метанот, има и цел комплекс каде се складира компост, што потоа како природно ѓубре се расфрлува по кочанските ниви.

По течението на Брегалница работат уште три помали пречистителни станици и тоа во селата Спанчево за 1200 жители, Карбинци за 1100 жители и Кучичино за 700 жители.

Најголемата општина по течението на Брегалница, Штип, нема пречистителна станица и отпадната вода преку неколку поголеми колекторски системи завршува во речните води.

Општините се жалат на високите износи на струја што ги плаќаат за третман на отпадните води, додека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која ја утврдува висината на цените, објаснува дека во пресметаната цена влегува и инвестирањето во инфраструктурата.


ПСОВ Кочани

Швајцарците, како што објаснува градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, донираат средства за изградба на нов водоснабдителен систем во Делчево. Во план е изградба и на пречистителна станица за отпадни води, кои сега низ неколку колектори завршуваат директно во Брегалница.

-Со Швајцарска амбасада разговаравме кога ќе биде 50% изграден системот за водоснабдување, да почнеме со пречистителна станица за третман на отпадните води со цел заштита на животната средина. Немаме проект, ние ќе го правиме, но се прави физибилити студија за најсоодветно прочистување на отпадните води и верувам дека за две до три години ќе имаме станица за отпадни води, изјави Горан Трајковски, градоначалник на Општината Делчево.

Трајковски вели дека размислуваат за енергетското напојување, кое се покажа како главен проблем да биде со фотоволтаици. Според него, општинските пречистителни станици кои до сега се правеа, се нефункционални поради големите трошоци. Поради тоа, при проектирањето на  новиот систем и филтер станицата, се дооформување на градежната парцела со цел поставување на поголем број на фотоволтаици.

Требаат 25 милиони евра за пречистителната станица за Штип

Штип останува последниот голем град по течението на Брегалница без објект за прочистување на отпадните води. Во тек е ревизија на изготвената документација што ја работи Министерството за животна средина и просторно планирање, потврди министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Како поранешен градоначалник на Штип, веќе работел на идејата за пречистителна станица за отпадни води во Штип, за што како што вели, ќе се бараат пари од ИПА 3 програмата на Европска Унија.

-Се работи за скап проект. Првично е проектиран на 25 милиони евра и тоа за пречистителна станица и за  реконструкција на целиот систем за одвод на отпадни води во Штип. Од своја страна, Општината Штип треба ја подготви урбанизацијата и сите пропратни активности. Се очекува ревизијата на проектот треба да биде завршена во првиот квартал на 2022 год по што  ќе се знае конечната цена, изјави министерот Бочварски.

Според него, се работи за огромна инвестиција и поголем дел се неповратни средства од ЕУ. Треба заедничка работа на Владата, Министерството за животна средина и Општина Штип. Во овој пакет на подготовка на документација, како што најави Бочварски, освен Штип е и Битола, Тетово и Велес.

Во меѓувреме, додека да се најдат средства и изградат пречистителните станици и во останатите општини, Брегалница останува на врвот на најзагадените реки во државата.

Сторијата е дел од проектот ,,Утопија? Бистри води зелен Исток“ што го спроведува  „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.

—————————————————

2 декември 2021