Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На седницата одржана на 27.11.2019 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија расправаше по поднесената иницијатива за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување[1], и одлучи да поведе постапка за оценка на уставноста за оспорениот член.

Во членот 11-а од Законот, се пропишува дека Претседателот на Републиката може во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување и не е должен да ја образложи таквата одлука.. Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до Претседателот да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување и Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, да ја поништи донесената одлука.[2]

Според изјавите во медиумите[3], судот смета дека со Законот за дополнување на Законот за помилување се утврдува законски основ по кој даденото помилување може да се поништи, меѓутоа, според судот, ваквото законско уредување излегува надвор од надлежностите на Претседателот дадени во членот 84 од Уставот и истото основано може да се доведе под сомнение по однос на членот 8, став 1, алинеа 3 од Уставот, бидејќи се повредува принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните. [4]

Минатите постапки во врска со Законот за помилување, околностите за поведувањето на оваа постапка, временскиот период во кој се случува, и самото тоа што решението на Уставниот суд се’уште не е јавно објавено, оставаат простор за шпекулации, и претставуваат сериозна опасност токму по институтите на кои тие се повикуваат, владеењето на правото и правната сигурност.

Имено, со самото тоа што Уставниот суд ја игнорира проблематичноста на самото донесување на аболицијата, одново ги враќа сомнежите дека се прави обид со аболицијата од 2016 година, на екс Претседателот Ѓорге Иванов, да се урнисаат сите случаи на СЈО против поранешната власт и од кривичен прогон да се спасат сите обвинети и осомничени во овие случаи. Уште кога беше донесена одлуката на Иванов за аболиција на 56 политичари и нивни соработници на 12 април 2016 година, експертите гласно укажуваа дека таа е незаконска.[5] Се повикуваа на тоа дека во 2009 година членот 11 од Законот за помилување, кој предвидува аболиција, е избришан, а се додадени 4 дела кои не можат да бидат предмет на аболиција. Иако Уставниот суд потоа, по иницијатива од група адвокати, ги укина (а не ги поништи) сите измени и дополнувања од 2009, тоа не значи и враќање на состојбата од 1993 година, односно враќање во важност на членот 11, бидејќи укинувањето на одредбата значи дека истата повеќе не е дел од правниот поредок, но сите правни дејства кои ги има произведено до тогаш остануваат на сила. Праксата на која тогаш се повикуваа експертите беше дека еднаш избришана одредба не може да ја врати Уставниот суд во поредок, бидејќи во тој случај Уставниот суд би навлегол во законодавната власт а единствено Собранието може да ја врати укинатата одредба, што не беше направено од страна на Собранието. Уставниот суд има неколку такви примери во својата пракса, во која експлицитно кажува дека еднаш избришана одредба не може да ја врати Уставниот суд во поредок.

Дополнително, аболицијата е спорна и од аспект на тоа како е направена. Аболицијата како институт, по правило се однесува на поединечни предмети за конкретно лице, а кога поранешниот Претседател аболицираше, немаше конкретни кривични дела и описи.

Измените на Законот за помилување, со додавање на членот 11-а, беа направени во 2016 година по реакциите на јавноста за помилувањата дадени од страна на Иванов на повеќе политичари против кои беа поведени истраги. Целта на Законот, беше посочено при донесувањето на измените, е создавање на правна основа за поништување на помилувањето дадено од Претседателот на Републиката без претходна постапка, во утврден рок без должност за образложение. По силниот домашен и меѓународен притисок, на 27 мај Претседателот Иванов ги повлече аболициите само за политичарите, а подоцна, на 6 јуни беа повлечени сите аболиции.

Сепак, според Уставнот суд, ваквото дополнување на Законот за помилување со кое се дава можност Претседателот да го поништи веќе даденото помилување, доведува до нееднаков третман на субјектите. Уставните судии сметаат дека Претседателот согласно Уставот има право само да дава помилување, но не и да поништува, според што сметаат дека Уставот не предвидува можност за повлекување на претходно даденото помилување. Како поткрепа на ова, судиите посочуваат дека во повеќе држави членки на Европската Унија од кои било побарано мислење, не постои можност за повлекување на даденото помилување. Притоа, судиите воопшто не посочуваат за кои држави станува збор ниту пак ги земаат предвид погоре спомнатите околности кои постоеја при донесувањето на проблематичната аболиција. Притоа, во овој контекст е битно повторно да се напомене дека согласно Уставот и Деловникот на Уставниот суд, истиот може да укинува одредби со што истите повеќе нема да важат, но и да поништува одредби, што значи дека истата одредба ќе се смета дека воопшто не била донесена и врз основа на тоа можат да се пониптат и сите други последици кои ги има предизвикано поништената одредба. Според ова,  ако Уставниот суд ја прифати иницијативата и истиот го поништи членот 11-а, тоа би значело дека ќе се активираат помилувањата за педесетина осомничени, обвинети и сведоци во постапките на СЈО. Имајќи го предвид значењето на овие предмети, како за подобрување на довербата на граѓаните во институциите, така и за подобрување на впечатокот во однос на борбата против високата корупција и неказнивоста на високи сегашни или поранешни функционери, поништувањето на членот 11-а може да има длабоки далекусежни последици по однос на овие прашања. Во оваа насока би сакале да го споменеме и општествено политичкиот контекст во кој се случува одлучувањето на Уставниот суд по оваа иницијатива, што остава простор повторно да се јават сомнежите дека политиката ќе го надвладее правото.

Од друга страна пак, доколку Уставниот суд го укине членот 11-а (а не го поништи), тоа би значело дека Претседателот повеќе нема да може да ги повлекува дадените помилувања, а претходно повлечените помилувања се признаени како повлечени и остануваат такви. На овој начин Уставниот суд би ја елиминирал можноста за идни повлекувања на помилувања дадени од Претседателот на РМ и би ја зачувал правната сигурност која се јавува како главен аргумент на Уставниот суд за разгледување и одлучување по иницијативата, без притоа да се загрозат започнатите, па дури и завршени постапки на СЈО.

Оттука, го повикуваме Уставниот суд да се издигне над партиските и индивидуалните интереси и да донесе одлука која нема да продолжи да ја промовира неказнивоста на политичките функционери за нивните злоупотреби. Повикот е насочен кон обезбедување простор за градење на правната сигурност и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Имајќи предвид дека одлуката на уставните судии дали ќе се укине, поништи или прифати членот 11-а од Законот за помилување ќе биде позната за еден месец и потенцирајќи дека истата е од суштинска важност за правниот поредок во земјава.

 

[1] Закон за помилување „Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/93, 12/09 и 99/16).

[2] Член 11-а став 3 и 4 од Законот .

[3] Повеќе на: https://emagazin.mk/ustaven-povede-postapka-za-ocenuva-e-na-chlenot-11-a-od-dopolnuva-eto-na-zakonot-za-pomiluva-e/ , https://www.mkd.mk/makedonija/politika/po-odlukata-na-ustavniot-sud-mozhno-li-e-site-obvineti-vo-sluchaite-na-sjo-da, https://faktor.mk/ustaven-sud-gi-spasuva-obvinetite-i-osomnichenite-od-sjo,

[4] Устав на Република Македонија, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/1991 со датум на објавување: 22.11.1991 година и датум на прогласување: 17.11.1991 година со сите дополнителни амандмани (1-36).

[5] „Уставниот суд во стегата меѓу политичките интереси и човековите права“ [2016], Хелсиншки комитет за човекови права, д-р Воислав Стојановски, д-р Љубица Караманди Попчевски, м-р Христина Шулевска и Маргарита Цаца-Николовска.

—————————————————

3 декември 2019