Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Мрежата за заштита од дискриминација апелира до Собранието на Република Северна Македонија да го избере новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) пред вонредните парламентарни избори.

Вториот оглас за избор на кандидати беше објавен на 14.12.2019 година во Службен весник, а рокот за пријавување истече вчера, на 13.1.2020 година. Бидејќи Собранието ќе се распушти на 11 февруари 2020 година, сѐ уште постои можност да се избере новиот состав на КСЗД, доколку пратениците делуваат ефикасно и дадат приоритет на ова прашање.

Потсетуваме дека реформирањето на системот за спречување и заштита од дискриминација беше предизборно ветување на оваа Влада, кое сѐ уште не е остварено. Прво, донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација се одолговлекуваше повеќе од 10 месеци. Понатаму, изборот на новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација сѐ уште се одолговлекува повеќе од 6 месеци. За сите овие пропусти на Собранието, Мрежата за заштита од дискриминација заедно со повеќе од 100 здруженија и мрежи организираше прес конференции и протести пред Собранието.

Собранието има законска обврска да го избере составот на КСЗД, а со тоа и да овозможи конечно спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Од август 2019 година, Комисијата за заштита од дискриминација не е функционална, а граѓаните не можат да се обратат до овој орган за случаите на дискриминација.  Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, согласно нејзините законски надлежности е клучен орган кој треба да придонесе кон унапредување на еднаквоста на сите граѓани. Потсетуваме дека еднаквоста е уставно загарантирано право на сите граѓани, а воедно и обврска за институциите.

Бараме Комисијата за прашања на изборите и именувањата, итно да заседава за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, да свика јавна расправа и да спроведе транспарентен процес на избор на членови.

Бараме јавно да се објават личните биографии на сите пријавени членови, а Собранието да овозможи здруженијата на граѓани непречено да го мониторираат процесот.

Потсетуваме дека една од клучните забелешки на граѓанските организации и меѓународната јавност, во однос на Комисијата за заштита од дискриминација беше недостатокот на професионалност и независност на нејзините членови. Затоа, бараме да се изберат кандидатите со најдобри професионални биографии коишто воедно не се поврзани со ниту една политичка партија на кој било начин.

—————————————————

14 јануари 2020