Фондацијата Отворено општество – Македонија и Установата Центар за современи уметности – Скопје најостро го осудуваат уништувањето и насилното отстранување на изложбата на група граѓански активисти од Тетово кои ја користат уметноста како форма на протест.
Групата граѓански активисти од Тетово „#Трансформатори“, на 11 ноември 2019 г. преку трите инсталации со фотографии од неколку локации во Тетово заедно со нереализирани предизборни ветувања од страна на Општината, го изразиле својот револт против неажурноста на локалните власти во решавање на проблемите со кои тетовчани се среќаваат секојдневно. Оваа форма на протест е нивно право загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија, а целосното уништување и отстранување на изложбата од страна на неколку лица со службен автомобил од Општина Тетово, претставува директно прекршување на Уставот, Законот за јавни собири и релевантните меѓународни стандарди.
Даваме целосна поддршка на групата активисти „#Трансформатори“, Центарот „Лоја“ и Здружението „Екогерила“ кои ја информираа јавноста за настанот и бараме Општина Тетово и надлежните структури во Министерството за внатрешни работи веднаш да преземат конкретни мерки за расчистување на околностите во случајот и веднаш да ја утврдат одговорноста на сите лица инволвирани во настанот. Со попречувањето на правото на мирен протест, како и со противзаконското користење на службен автомобил од Општина Тетово, директно се напаѓаат слободата на изразување и загарантираните човекови права и слободи што директно се коси со вредностите кои ние како општество сакаме и треба да ги негуваме.
Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија и Установата Центар за современи уметности – Скопје активно ги поддржуваме граѓаните во нивните напори да направат промени кон подобро. Веруваме дека креативниот активизам, како форма на граѓански активизам, покрај тоа што јасно ги визуелизира проблемите може да придонесе кон нивното решавање. Уметноста кога е ставена во функција може да направи вистински промени. Оваа акција на активистите од Тетово има за цел да ги подобри условите за живот во градот и околината, да направи притисок врз властите, но уште поважно, да поттикне соработка за решавање на горливите локални проблеми. Во таа насока, сметаме дека во Република Северна Македонија не смее и не треба да има место за вакви груби прекршувања на човековите права и затоа инсистираме на брзо разрешување на овој настан во Тетово.
Фондацијата Отворено општество – Македонија
Установа Центар за современи уметности – Скопје
Фотографија: Eco Guerilla
—————————————————
15 ноември 2019