Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија остро го осудува насилството и непрофесионалното однесување на полициските службеници при постапувањето кон Ромите, кои очигледно стануваат пракса на полицијата.

Видеото од бруталното постапување на полициските службеници при службена акција во Битола, јасно покажува дека полициската бруталност е присутна во нашето секојдневие. Особено нè вознемирува и загрижува што е насочена кон Ромите. Полициските службеници наместо да ги штитат граѓаните од насилници и да бидат извор на сигурност, тие се насилникот, кршејќи ги темелните човекови права и учествувајќи во етничко профилирање со што ја подриваат довербата кон полицијата и институциите и ги загрозуваат темелните вредности на нашиот Устав и нашите стремежи како идна членка на Европската Унија.

Бараме итна, темелна и брза истрага и од страна на Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство за утврдување на дисциплинска и кривична одговорност. Бараме најстроги казни за сторителите на овој брутален израз на моќ. Институциите мора итно, јасно и недвосмислено да покажат дека сигурноста и безбедноста на секој граѓанин е загарантирана и активно да работат на враќање на довербата во полицијата, но воопшто и во институциите.

Ромите се жртви на секојдневна системска дискриминација и се повеќекратно изложени на полициска бруталност. Институциите, а особено полицијата не смеат да дозволат одржување на ваков неразумен третман кон Ромите, но и кон ниедна друга ранлива заедница на граѓани во нашата земја, особено ако заложбата на државата е да се создаде општество во кое има место за сите. Општество во кое ќе се почитуваат човековите права, достоинството и владеењето на правото и кое се справува со нееднаквостите по сите основи.

—————————————————

25 септември 2020