Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска поднесе претставки до Советот за етика во медиумите против порталите expres.mk и vistina.com.mk за вознемирување врз основа на пол и род.

Покрај сите апели до медиумите да не пренесуваат сексистички објави без критички да им се осврнат, одредени медиуми и новинари и самите се извор на вознемирувачки и мизогини изјави. Наместо да се борат против дискриминацијата и негативните појави во јавниот дискурс, тие директно придонесуваат за создавање атмосфера во која се исмева женското учество во јавниот живот и жените воопшто. Ваквото известување создава непријателска и понижувачка  средина за сите жени.

На фејсбук профилот на новинарот Љупчо Златев може да се прочита објавена порака која е насочена кон специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која има за цел да го повреди нејзиното достоинство и да ја дескридитира нејзината професионалност користи шовинистички и мизоген говор. Споменувајќи го нејзиното место на живеење во негативен контекст со кој ја потенцира потчинетоста на жената, „малограѓанштината“ што наводно ја наметнала и насилството кое според него е типично за селска средина, новинарот со својот говор ги дискриминира сите жени кои не живеат или не потекнуваат од градска средина. Уште позагрижувачки е тоа што освен руралниот карактер на средината, се работи за средина во која живее албанско население, па така Златев индицира дека насилството врз жените е пракса во овие средини.

На слична линија се и написите во порталите expres.mk и vistina.com.mk со кои се коментира составот на кабинетот на новата министерка за финансии. По неприфатливите изјави на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ при изборот на Нина Ангеловска, овие медиуми пласираат омаловажувачки коментари за Ана Марија Макеска, координаторка за социјални медиуми и односи со јавност во Министерството за финансии. Коментирајќи го нејзиниот физички изглед со намера да ја дискредитираат нејзината професионалност, вршат дискриминација кон сите жени омаловажувајќи ги нивните работни способности.

Најостро ги осудуваме ваквите известувања и создавање на текстови и изјави кои жените ги ставаат во подредена позиција и го повредуваат начелото на рамноправност помеѓу мажот и жената.

Ја повикуваме Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, согласно своите законски овластувања да поведе постапка за заштита од дискриминација по службена должност и да утврди вознемирување врз основа на пол и род.

Го повикуваме Советот за етика за медиумите и Здружението на новинари најостро да го осудат ваквото известување и ваквите изјави од новинарите, како и да повикаат на почитување на човековите права и слободи.

—————————————————

19 септември 2019