Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) ја поддржува иницијативата #СегаКажувам #TaniTregoj и ја поздравува идејата да се скрши молкот и да не се прифати како нормално сексуалното вознемирување и сексуалното насилство.
Ние веруваме во поддршка на граѓаните во нивниот притисок за промени кон подобро. Веруваме во поддршка на храбри и иновативни решенија за контроверзни проблематики, решенијата кои се однесуваат на реалните проблеми на заедниците и промовираат систематски развој.
Во таа насока, ФООМ комплетно ја поддржува оваа иницијатива и нејзините сегашни и идни заложби за промени во културната матрица, со цел да се изгради општество во кое нема да се оправдува, крие или да се прифати како нормално каков било тип насилство, вклучувајќи го и сексуалното насилство. Потребно е системско решение на проблемите, со инсистирање за видливи промени во позициите на моќ преку сите сегменти кои се од витално значење за општеството – образование, здравство, култура, медиуми итн., со цел да се формира нова културолошка матрица уште во најраната возраст.
Иако жртвите на кој било тип насилство или вознемирување ретко и тешко се решаваат да проговорат за истото, сепак јавно искажаниот збор е првиот чекор на долгиот пат со многу препреки. Токму затоа, оваа иницијатива е од огромно значење. Сведоци сме на тоа дека веќе споделените приказни, кои се навистина потресни, даваат сериозно алармантна слика за реалната состојба во нашето општество. Оттаму, повеќе од очигледна е потребата од постоење на вакви иницијативи, кои ќе помогнат во менувањето на наративите за сексуалното насилство и вознемирување.
Независните организаторки на иницијативата #СегаКажувам #TaniTregoj ве повикуваат доколку имате своја или приказна од вашето поблиско опкружување за сексуална злоупотреба или принуда од позиција на моќ и сакате да ја споделите со јавноста, да го направите тоа со овие хаштагови.
ФООМ не е организатор на оваа иницијатива, туку ја поддржува иницијативата поттикната од неколку независни активистки.
—————————————————
18 јануари 2018