Подолго од една година беше потребно за Судскиот совет на Република Северна Македонија да избере шест судии на Апелациониот суд Скопје. Конечно на 10.2.2020 година согласно старите критериуми за избор според законот кој важел во време на објавување на огласот за избор, се избраа 3 судии од кривична област, 2 судии од граѓанска област и 1 судија во стопанска област.
Огласот беше објавен на 7.2.2019 година пред распишување на претседателските избори, со цел веднаш по изборите да се изврши избор на судиите, а пред донесување на новиот Закон за Судски совет и Закон за судовите каде се предвидуваат нови критериуми за оценување и избор на судии. Меѓутоа, од мај 2019 па се до нивниот конечен избор, во повеќе наврати беше пролонгиран изборот на судиите во Апелациониот суд Скопје при тоа без да се даде оправдана причина.
Под притисок на медиумите, но и врз основа на изјавата на претседателот на Судскиот совет дека поради предвремените парламентарни избори ќе следи избор на судии, конечно на 10.2.2020 година се избраа 6 судии во Апелациониот суд Скопје.
Апелациониот суд Скопје е суд кој беше оценет како неажурен суд од страна на Судскиот совет со голем број на заостанати предмети во неколку тримесечја, со што пролoнгирањето на изборот на судии во овој суд директно влијаеше и на неговата ефикасност од една страна, но од друга страна повреда на меѓународните стандарди предвидени со член 6 од Европската конвенција на човековите права.
Иако не се предвидени роковите за избор на судии од страна на Судскиот совет, сепак се подразбира дека кога ќе се заврши формалниот дел од постапката, во најкраток рок треба да се пристапи кон избор на судии. Интересот за овие судиски места по подолго време беше доста голем, со над 90 пријавени кандидати, а неоправданото пролонгирање на изборот предизвика кај истите неизвесност за понатамошна кариера.
Блупринт групата смета дека со пролонгирање на изборот се доведе во прашање и ефикасноста и ефективноста на Судскиот совет при избор и разрешување на судии. Судскиот совет е орган кој треба да се грижи за ажурноста на судовите и да обезбеди услови за непречена работа на судовите. Дополнително се остава простор и за шпекулации околу можните надворешни и политички влијанија во работата на Советот кои влијаеле на одолговлекувањето и арбитрарно постапување. Оваа ситуација секако влијае на довербата на граѓаните во Судскиот совет и судството во целина кое и онака е многу ниско ниво.
Воедно, останува нејасно и прашањето за не пополнување на објавените слободни судиски места во Врховниот суд на Република Северна Македонија. Имено, Судскиот совет објави оглас за избор на судии на Врховен суд уште во септември 2019 година и втор оглас за избор на судии во истиот суд беше објавен во ноември 2019 година на барање на ВД претседателот на Врховен суд поради алармантната состојба во судот и немање на доволен број на судии за формирање на совети со што се доведува во прашање ефикасното и ефективното работење на тој суд.
Судскиот совет го стави на дневен ред изборот на судии во Врховен суд по двата огласи дури на 7.2.2020 година. По огласот за избор на судии во Врховен суд објавен уште во септември 2019 год., Судскиот совет на РСМ од кандидатската листа избра 3 судии (2 во кривичната област и 1 во граѓанската област). По вториот оглас на кој се пријавиле 10 кандидати за 3 судиски места беше избрана 1 судијка, додека останатите кандидати не го добија потребното мнозинство. Како Блупринт група сметаме дека и покрај новите критериуми и подзаконски акти кои ги донесе ССРСМ со цел прецизирање и бодирање на критериумите за изготвување на ранг листите на кандидатите за судии, сепак Судскиот совет си го дозволува дискреционото право да не избере судии кои ги поминале сите процедури. Комисијата составена од три члена добиени со ждрепка врз основа на процедурите направила ранг листа, сепак без никакво оправдување и објаснување Судскиот совет не ги пополни сите барани места од огласот. Не е доволно само да се повикаат на одредба од законот со која се предвидува дека за судија ќе биде избран кандидат кој добил мнозинство гласови од членовите на ССРСМ. Се поставува прашањето на одговорност на Судскиот совет за свесното неисполнување на својата надлежност за избор на судии и обезбедување на непречена работа на судовите.
—————————————————
25 февруари 2020