Во текот на вчерашниот ден, во медиумите беше објавено дека В.Д. претседателот на Врховниот суд, во моментот на примо-предавањето на функцијата во кабинетот на поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, затекол триесетина стари предмети кои биле со донесени одлуки, делумно потпишани од судиите, а делумно не. Според добиените информации, голем дел од предметите се сега решени, меѓутоа исто така има предмети за кои настапила апсолутна застареност. За ваквата состојба бил известен Судскиот совет. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, вели дека ја известиле Антикорупциската комисија, но и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, за предметите кои биле најдени во фиока кај поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Со конкретното постапување, односно непостапување на поранешниот претседател на Врховниот суд, е повредено правото на судење во разумен рок за странките во овие предмети.
Блупринт групата за реформи во правосудството апелира ЈО сериозно да ги испита индициите за злоупотреба на службената положба (член 353 од КЗ) и несовесното работење во службата (член 353-в од КЗ) од страна Вангеловски, а поврзано со попречување на правдата (член 368-а од КЗ). Во услови кога нивото на доверба кај граѓаните во судството е на ниско ниво, имајќи ги предвид и разговорите од незаконски следените комуникации кои укажаа и утврдија дека кај одредена група на судии постојат сомнежи за политичка корумпираност поради тоа што истите работеле во корист на владејачката политичка елита, неопходно е воспоставување на пракса на кривична одговорност и казнивост на носители на функции за кривични дела против правосудството.
Во насока на разгледување на опции за унапредување на независноста на судството, а исклучување на можноста за политичко влијание врз донесувањето на одлуките, Блупринт групата изработи Документ за јавни политики – Ветинг процес во судството на Република Северна Македонија, достапен на следниот линк
—————————————————
23 јануари 2020