Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На кој начин може да се олесни пристапот до правда за сиромашните граѓани? Дали и во која мера постојната правна рамка поттикнува обезбедување на про боно правна помош? Колку во таа насока се применливи механизмите за алтернативно решавање на спорови?

На 20 и 21 ноември 2018, во х.Холидеј Ин, Скопје беше одржана национална конференција „Про боно правната помош и алтернативните начини за решавање на спорови како средства за олеснување на пристапот до правда за сиромашните и обесправени граѓани” во организација на Македонското здружение на млади правници, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

На настанот воведни обраќања имаа претседателот на Македонското здружение на млади правници, Зоран Дранговски, Министерката за правда на РМ, Рената Дескоска, Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски и Ивона Сталевска, програмска координаторка во ФООМ. На конференцијата беа промовирани два документи:

– „Извештај за можностите и перспективите на про боно правната помош во Република Македонија “ – документ кој анализира дали постојната правна рамка овозможува и поттикнува обезбедување на правна помош без награда, ја идентификува постојната состојба за обезбедена про боно правна помош во Македонија, но и ги опишува глобалните трендови во однос на овој вид правна помош и

– „Анализа за применливоста на механизмите за алтернативно решавање на спорови во обезбедувањето пристап до правда за ранливи категории во Република Македонија “ – документ кој ја анализира постојната правна рамка од гледна точка на прашањето кои механизми за алтернативно решавање на спорови се користат во РМ и се осврнува на практичната примена на истите, но вклучува и препораки за тоа како може овие механизми да придонесат олеснет пристап до правда за граѓаните, а особено за ранливите групи.

Бројни адвокати, медијатори и претставници на релевантни институции кои беа дел од дводневните панел дискусии, преку презентација на случаи од нивната досегашна пракса, говореа за можностите и предизвиците при обезбедување про боно правна помош и алтернативно решавање на спорови во нивната секојдневна работа . Во дискусиите земаа учество Јелена Ристиќ, заменик престседател на Адвокатска комора на РМ, адвокатите Ана Дангова Хуг, Нетка Ковачева, Павлина Зефиќ и Благоја Пандовски, судијката Маринела Јаксановска, претставникот на Комората на медијатори на РМ, Дејан Белевски, проф.д-р Лазар Јовевски од Правниот факултет при УКИМ кој воедно е и лиценциран помирувач и арбитар во работни спорови и Гордана Атанасова, медијатор при Центар за социјална работа.

Настанот е организиран во рамки на проектот „Унапредување на услугите на про боно правна помош во Република Македонија” поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

—————————————————

17 април 2019