Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права, на 5 декември се одржа Тркалезна маса за регулација на сексуалната работа во Македонија. Настанот обезбеди простор за дебата и размена на ставови и мислења меѓу заедницата на сексуални работници, граѓанскиот сектор, меѓународните организации, стручната јавност и институциите околу проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници во Македонија и за потребата за унапредување на националните политики и практики со цел почитување на човековите права, заштита од насилство и унапредување на безбедноста, здравјето и економската независност.

Сексуалните работници јасно се заложија за декриминализација на сексуалната работа во Македонија според примерот во Нов Зеланд, кој се заснова врз потребите на сексуалните работници за заштита на нивните права, создавање на безбедните услови за работа, превенција од насилство и експлоатација и промоција на благосостојба и професионално здравје на луѓето вклучени во сексуална работа.

Во дискусијата присутните придонесоа со дополнителни аргументи во поддршка на моделот на декриминализација на сексуалната работа, меѓу кои и справување со трговијата со луѓе, здравствените бенефити на системско ниво и економските придобивки и за заедницата и за државата. Истакнато беше дека повеќе агенции на ООН и други меѓународни организации веќе имаат заземено став дека сексуалната работа треба да се декриминализира. Се зборуваше дека во нашата држава постојат многу основи за маргинализација на одредени заедници, но дека државата мора да ги гарантира човековите права за сите. Присутните претставници на институциите потенцираа дека се прават напори за заштита на правата на сите граѓани и повикаа на поголема доверба во институциите и пријавување на случаите на повреда на правата преку постоечките механизми.

Министерката за труд и социјална политика истакна дека Владата на РМ преку своите политики постојано работи на унапредување на човековите права на сите граѓани и промоција на еднаквост. Изрази заложба за отворање на дебата за поинаков модел за регулација на сексуалната работа во Македонија, при што во преден план би биле потребите и барањата на самата заедница.

Тркалезната маса ја организираше Healthy Options Project Skopje, во соработка со STAR – The first Sex Workers collective in the Balkans, Коалиција Маргини, и SWAN – Sex Workers’ Rights Advocacy Network, а со поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија.

—————————————————

18 април 2019