Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондација Отворено општество – Македонија” и ,,Евротинк – Центар за европски стратегии” на 04.06.2018 год. (понеделник),  во Хотел Алесканадар Палас организираа тркалезна маса на тема “Креирање на јавните политики во перспектива на европската интеграција“.

На тркалезната маса на која учествуваа владини функционери, преставници на администрацијата и невладиниот сектор се обидовме да дадеме одговор на следните прашања: Какви се капацитетите на државните институции за креирање на јавни политики? Како може да се надминат детектираните недостатоци во извештајот за напредокот кои се однесуваат на креирањето на јавни политики? Како да ја подготвиме администрацијата за процесот на преговори?   Како да ја унапредиме меѓуинституционалната соработка во креирање на јавни политики?

Тркалезната маса е дел од проектот Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации, поддржан од Европската унија.

Првата сесија, од предвидените три, насловена „КАКО ДА ГО НАДОМЕСТИМЕ ЗАГУБЕНОТО?“, ја отвори г-ѓа Фани КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА, Извршна директорка на ,,Фондација Отворено општество –Македонија” која истакна дека ФООМ го поддржува процесот на евроинтеграција уште од самите почетоци, особено во делот на поддршка на граѓанските организации и јакнењето на нивните капацитети за подобро разбирање на ЕУ, нејзините структури и процесот на пристапување.

“Се надеваме дека претстојниот самит на ЕУ за Македонија ќе донесе добри вести, и дека ќе може да очекуваме да добиеме датум за преговори, а имајќи ја таа перспектива предвид, на планот на креирањето на јавни политики и пристапувањето, може да констатираме дека можеби сме и малку неподготвени и доцниме”.

Според Каранфилова-Пановска процесот на европска интеграција не е и не треба да претставува цел сама за себе, процесот треба да се гледа како инструмент преку кој ќе се случи трансформација на општеството, со кој ќе добиеме институции кои имаат интегритет, ќе бидат ефикасен сервис на граѓаните, но и граѓани и граѓанско општество коишто разбираат зошто овие процеси се случуваат и кој е нивниот придонес во истите. „Нѐ очекува многу работа, особено на планот на јакнење на капацитетите на институциите, за што Фондацијата стои на располагање, особено за оние области кои се од наш стратешки интерес како антикорупцијата, реформите во судството и антидискриминацијата. Од друга страна нѐ очекува многу работа и во однос на вклученоста на граѓанското општество и како учесник во структуриран дијалог со власта, но и во работата директно со граѓаните  за целосно разбирање на процесот на интеграција и реформи.”

Каранфилова-Пановска го потенцираше значењето и улогата на медиумите во процесот и потребата од медиуми и новинари кои суштински ќе го разбираат процесот, и ќе можат информирано да ги известуваат граѓаните за се’ што се случува.

г- ѓа Радмила ШЕКЕРИНСКА, Заменичка на претседателот на Владата и министерка за одбрана зборувајќи на панелот „Како да го надоместиме загубеното“, рече дека владата не е фокусирана на минатите 11 години, туку на тоа што може сега да се направи, илустративно објаснувајќи дека „изминатите години не беа нокаут, туку лекција“.

Министерката го поддржа ставот на  директорката на ФООМ, дека во преговорите за членство потребен е структурен дијалог во кој граѓанскиот сектор ќе заземе значајно место.

Зборувајќи за остварениот напредок, таа изјави: „Доволно е да ги прочитате првите страници на Извештајот на европската комисија за Македонија, и да видите дека фокусот овие дванаесет месеци навистина бил кон тоа како Македонија повторно да покаже капацитет за реформи и капацитет да произведува резултати, а не само да најавува резултати“.

Таа го спомена и извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори „во кој излезе една многу силна реченица, а тоа е дека овој изборен процес ја вратил довербата на граѓаните во тоа дека изборите се рефлексија на нивното мислење, а не на барањето на политичките елити“.
За еден од клучните столбови на демократијата, слободните медиуми, Фридом Хаус во својот извештај истакна дека Македонија е речиси единствената светла точка во Европа. „Фактот дека Македонија е единствена која покажа подобрување на резултатот во поглед на слободата на медиумите не е квалификација на владата, туку е квалификација на една од институциите која се смета за најкредибилна организација, најкредибилна во оценка на состојбите“, порача Шекеринска.

Шекеринска потсети на изјавата на германскиот амбасадор во Македонија кој истакна дека нашата земја во периодот јуни – јули треба да добие датум за почеток на преговори и покана за членство во НАТО. Па така: „ Македонија создаде голем политички капитал и тоа Германија не може да не го цени. Мислам дека ова е реченица која знаеме колку е тешко да се заслужи од една од големите и влијателни земји – членки“, посочи министерката.

Министерката на панелот заклучи: „Предизвиците на нашата генерација да не бидат исти предизвици на генерациите кои што доаѓаат – да ги отвораме европските поглавја, а некои поглавја на поларизација, на поделби, конфликти, на неказнивост, на заробени медиуми, тие поглавја дефинитивно да ги затвориме“.

„Тоа е реалноста, Хрватска и Словенија се пред нас.   Но ние не треба да се концентрираме на тоа, туку како да ги започнеме преговорите. Ако се сопнете и паднете, не значи дека сте на погрешен пат. Ние како држава, бевме заробени од партијата и од неколку луѓе, тоа преку ноќ не се менува со ситем кој фунционира според правилата. Како влада се фокусиравме не да се жалиме какви се шанси Македонија изгубила, туку да покажеме дека она што и се случи на Македонија е аномалија, а не правило. “ – рече Шекеринска. Како пример Министерката го зема Договорот за добрососетство со Бугарија, кој е постигнат без никакво медијаторство и притисок од надвор, и покажува дека Македонија има зрелост во меѓународните односи, зрелост која добро се одразува и на регионот кој важи дека не може сам да си ги решава проблемите.

Н.Е. Самуел ЖБОГАР, Амбасадор на Европската Унија укажа на потребата за вклучување на сите засегнати страни од политичката и социјалната сфера во креирањето на политиките во интегративниот процес. Потенцирајќи дека посветеноста и секојдневните  напори на институциите и граѓанските организации се клучни за успехот во постигнување на заедничките цели, Амбасадорот изрази надеж дека и опозицијата наскоро ќе се придружи на процесот.

Зборувајќи за прашањето на креирање на јавните политики, Амбасадорот повикувајќи се на последниот извештај за напредокот на државата, посочи дека законската и институционална рамка се поставени, меѓутоа клучен предизвик останува несоодветната меѓуинституционална координација во имплементацијата на јавните политики.

Во однос на конкретни аспекти од реформата на јавната администрација, Амбасадорот го потенцираше следното: „Пред повеќе од една година зборувавме за заробена држава. Работењето во многу институции е променето. Сепак, заслугите на знаењето и компетентноста треба да бидат примарни критериуми за назначување. Се надеваме дека опозицијата ќе вложи труд во создавање резултати во реформите на јавната администарција во перспектива на европската интеграција”.

Вториот панел насловен „ДАЛИ СМЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ПРЕГОВОРИ?“ го отвори г-дин Дамјан МАНЧЕВСКИ, Министер за информатичко општество и администрација.

Министерот Манчевски, во своето обраќање се осврна на подготвеноста на јавната администрација за почнување на преговарачкиот процес, како и за партнерството со граѓанските организации во процесот.

„Она со што се соочив откако влеговме во институциите е дека системот на поставеност е руиниран, а во многу институции не ни постои систем. Тоа е еден од проблемите заедно со кадровскиот потенцијал со којшто располага јавната администрација. Квалитетните

кадри си заминале, си заминуваат и тоа е првиот предизвик. Се соочуваме со сериозен проблем на кадровскиот капацитет во јавната администрација, особено на високо квалификувани стручни кадри, кои ќе ни бидат особено потребни при отворањето на преговорите за ЕУ. Имаме недостаток на високо стручен кадар. Постои превработеност кај што не треба, а недостаток на кадар каде што треба”.

Вториот проблем е сериозниот недостаток на анализи, статистики и податоци кои можат да ни служат како основа за креирање на законски решенија, кои можат да бидат основа за преговорите. „Затекнавме недостаток на хоризонтална координација меѓу институциите, нешто што го надминуваме преку креирање на заеднички стратегии и советодавни тела одговорни за имплементација, а во кои се вклучени сите засегнати институции“, истакна министерот Манчевски. Како што потенцирање тој,  хоризонталната функционална анализа којашто во моментов се прави за прв пат во Македонија, има за цел добивање на јасна слика за тоа како се поставени институциите како основа за реорганизација и јакнење на капацитетите.

Во однос на соработката со граѓанските организации, министерот Манчевски, рече дека искуството, аналитичките и експертските капацитети што ги поседува граѓанскиот сектор се од клучно значење за квалитетот и брзината со којашто ќе се водат преговорите.
„Во партнерство со граѓанските организации мораме да ги дефинираме преговарачките тимови на секторско ниво, и тоа треба да го направиме што поскоро. Добро е дека постои свесност и во институциите и кај граѓанските организации дека неопходна е вклученост на сите во процесите кои ни престојат. Наша обврска е да и помогнеме на Македонија во овој период, а тоа можеме да го направиме со целосна подготвеност и посветеност“, истакна Манчевски.

Повикувајќи се на искуства од регионот, Манечвски изјави: „Република Србија од кога ги отвори преговорите за влез ЕУ, им беа потребни шест месеци за да ги утврди преговарачките тимови, работиме на тоа нас да не ни се случи вакво нешто”.

Во вториот панел претставник на граѓанскиот сектор беше г-дин Љупчо ПЕТКОВСКИ, Извршен директор, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии. „Ние имавме 11 години на власт која ни ветуваше европска интеграција, а испорача заробена држава.“ – рече Петковски и порача дека вклученоста на граѓанското општество во крирањето на јавните политики мора да биде што поефективна и на начин кој ќе произведува најмногу резултати. „Ние треба да испорачаме самоорганизирање, а Владата предвидливост.“ – рече директорот на ЕВРОТИНК.

На тркалезната маса обраќања имаа и Н.Е. Данијела БАРИШИЌ, амбасадорка на Република Хрватска и Андреј Енгелман, кој бил дел од преговарачкиот тим на Словенија.

Амбасадорката Данијела Баришиќ споделувајќи ги искуствата од својата земја, како позитивен пример го издвои постоењето на општ консензус во процесот на преговори,

што може да се увиди преку заедничката изјава подготвена од власта и опозицијата  и резолуцијата усвоена од Собранието. Дека опозицијата одиграла клучна улога во преговорите, зборува правото на опозицијата да учествува во изборот на главниот преговарач и сите членови на преговарачкиот тим. Ова и даде на опозицијата чувство на одговорност за целиот процес. – рече Баришиќ. „Но тоа не е се, ние не ја вклучивме само владата, или само институциите, туку и целото општество, ние ги вклучивме синдикатите, академијата, медиумите. Кога формиравме работни групи, ги повикавме сите. Сакавме сите да се чувствуваат како дел од преговорите. Па така на пример, работната група за рибарство беше составена од 200 членови. “

Баришиќ потенцираше дека најтешкиот дел доаѓа по влегувањето во ЕУ: „Ние станавме земја членка на ЕУ, но сега треба им обезбедиме подобар живот на своите граѓани. – рече таа. “

Слични искуства сподели и г-дин Андреј ЕНГЕЛМАН, дел од преговарачкиот тим на Словенија. Тој предупреди дека во процесот на преговори „сите сакаат да бидат во центарот на случувањата, особено политичарите, барајќи некаква улога“. Според него, решението е креирање на што е можно поедноставен систем, односно структура во преговорите. Тој се повика на следните искуства:
„Треба да се воспостави тим кој хоризонтално ќе го надгледува процесот, бидејќи искуството од Полска покажува дека иако главниот преговарач беше познат во Брисел, тоа не беше случајот дома. Затоа е потребен преговарачки тим кој е присутен во целиот процес.“
Енегелман предупреди дека процесот на подготвка за почеток на преговорите трае речиси година. Па така: „Во Србија беа потребни 10 месеци за основната подготовка. Администрацијата, парламентот и стопанската комора мораа да се обучат како да ги завршат преговорите “. Зборувајќи за оправданоста на инклузивноста на процесот на преговори, тој посочи дека „целата државаа станува дел од Европската унија, а не само институциите или политичарите“.

Неостварените планови и мерки од Планот 3-6-9, заедно со коментарите од Извештајот на ЕК комисија сега се инкорпорирани во Планот 18. – рече г-ѓа Калинка ГАБЕР, државен секретар во СЕП.

Со структурираниот дијалог, кој планираме да го спроведуваме со граѓанските организации ќе покажеме дека планираме процесот на отворање на преговорите со ЕУ да го направиме транспарентен и инклузивен. – рече Габер. Според неа десеткувани се структурите и капацитетите во институциите, но сепак постои експертиза.

Во третиот панел „КАКО ДА ГО УНАПРЕДИМЕ КРЕИРАЊЕТО, СПРОВЕДУВАЊЕТО И СЛЕДЕЊЕТО НА ЈАВНИТЕ ПОЛИТИКИ?“  г-ѓа Диана ЖУПАНОСКА, од ЕВРОТИНК- Центар за европски стратегии, ги презентираше наодите и препораките од истражувањето спроведено во рамки на проектот Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации.

Во истражувањето нотирани се недостатоци на организационите единици за стратешко планирање, најевидентен е недостатокот на човечки ресурси. Дел од министерства не поседуваат интерни правила за стратешко планирање, а се соочуват и со недостаток на опсежна анализа и евалуција на политиките. Затоа се предлага: измена на Правилниците за внатрешна организација, каде се дефинираат надлежностите на одделенијата/секторите на министерствата; проширување на надлежноста на овие организациони единици во насока на креирање на централна точка каде сите аналитички документи и информации од министерствата ќе се слеваат, со цел да можат да се анализираат состојбите и да се креираат планови, врз основа на изработени анализи и извештаи.

Се јавува потреба за ревизија на систематизацијата на работните места, во рамки на одделенијата/секторите за стратешко планирање и креирање на политики. Потребно е да се дизајнираат работни позиции кои подоследно ќе одговараат на потребите на овие сектори. Потребно е уредување на процесот на креирање на политики и стратешко планирање во самите министерства, односно воспоставување на внатрешни правилници и протоколи за постапување во министерствата. Потребно е секој да го знае своето место и надлежности во процесот на стратешко планирање, и на тој начин да се обезбеди процес на квалитетно стратешко планирање и креирање на политики.

Се препорачува вработените кои работат на процесите на стратешко планирање да не подлежат на честа промена во комбинација со дополнително јакнење на капацитетите преку обуки за усовршување за начинот на спроведување на стратешкото планирање. Потребни се обуки за сите вработени во министерствата преку кои би ја сфатиле суштината на процесот на стратешко планирање. Формалниот пристап ќе се надмине во моментот кога сите вработени во јавната администрација, вклучувајќи ги и министрите и вработените во нивните кабинети, ќе ја разберат важноста на стратешкото планирање.

Според г-ѓа Неда МАЛЕСКА САЧМАРОСКА, Извршна директорка на Центарот за управување со промени, самиот процес на преговори е исклучително комплекесен. „Од потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација до денес, донесени се безброј други закони, регулативи, стандарди со кои треба да фатиме чекор. Ако ме прашате дали сме подготвени во овој момент, ќе звучам песимистички, но многу понеподготвени сме од претходно“ – рече таа. Како за пример, Малеска Сачмароска, потсети дека кога се носеше ХАСАП, одеднаш се случи хаварија меѓу малите бизниси. За да се избегне таква ситуација, според неа, луѓето мора сериозно да бидат подготвени.

 

„Втората причина зошто не сме подготвени е замореноста која владее во администрацијата. Кога ќе добиеме датум, верувам ќе се окуражи и администрацијата“. Во однос на перцепцииите на граѓаните, истажувањата на Центарот за управување со промени укажуваат дека граѓаните немаат доверба во администрацијата. Малеска Сачмаровска објаснува дека според граѓаните „вработувањата во јавната администрација се одвиваат по партиски врски и семејни познанства“.

Според Малеска Сачмароска уште еден сериозен проблем е постоењето на слаби раководни капацитети и отчетност. На пример „се јавува проблем при утврдување на линиите на одговорност и отчетност, односно кој пред кого одговара. Од 1300 институции, 506 институции имаат управни и надзорни одбори. Кои се луѓето кои ни ги водат институциите? Тие луѓе исто така потпишуваат важни политички, стручни и финансики одлуки.“ – праша Малеска Сачмароска.

Според г-дин Марко ПАНКОВСКИ од Институтот за демократија “Societas Civilis“, во годишните планови за ПВР постојат отстапки од квантитативна и временска природа и отстапки во делот на консултации.  Овие отстапки се случуваат поради: нестабилната политичка состојба, итните реформски приоритети, честите изборни циклуси, административниот капацитет, генерално политичката волја.

Според истражувањата на Институт за демократија, 72% од испитаниците што работат во јавната администрација не знаат што е проценка на влијанието на регулативата.

Панковски препорача да се избегнува донесување на закони по скретена и итна постапка, затоа што така се оптеретува администрацијата. Според него, постои проблем и во човечките капацитети, односно постои недостаток на луѓе што работат на проценка на влијание на регулатива во министерствата, кои се со општествени, полтитчки, економски знаења. Како алтернатива, Панковски предложи да се размисли за креирање на едно тело, односно аналитички центар. Дополнително, тој посочи дека постојат недоволно развиени механизми за соработка помеѓу институциите, граѓанските организации и универзитетите. Иако институциите се соочуваат со сериозен недостаток на релевантни статистички податоци, сепак нема механизам како да се искористат анализите кои ги продуцираат граѓанските организации.

Според г-ѓа Гордана ГАПИЌ ДИМИТРОВСКА, од Министерство за информатичко општество и администрација, квалитетот на проценка на влијание на регулативата се унапредува и се работи на квлитетотот на унапредување на процесот на ПВР, со тоа што ќе се поеднстави  извештајот за ПВР. Според неа сепак постои структуиран дијалог.

Модератор на третата сесија беше новинарот Владимир МИРЧЕВСКИ.

 

Фотографиите на Ванчо ЏАМБАСКИ од тркалезната маса, на следниот линк.

Видео записот од првиот панел, со кој модерираше новинарот Васко Попетрески може да го погледнете тука.

Видео записот од вториот панел со кој модерираше новинарот Владимир Мирчевски, можете да го погледнете тука.

Соопштението за јавност од Кабинетите на Министрите Шекеринска и Манчевски, може да се прочита ТУКА.

—————————————————

17 април 2019