Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и ЕВРОТИНК – Центарот за европски стратегии секоја година по објавувањето на Извештајот за Македонија на Европската комисија изготвуваат Компаративна анализа за последните четири извештаи. Оваа година, двете организации го подготвија деветтото издание на Компаративната анализа која го опфаќа периодот 2014-2018.

Претставувањето на Компаративната анализа беше на јавна дебата каде покрај обраќања на претставниците на граѓанското општество за наодите од неколку клучни области од извештајот зборуваат и Бујар Османи, Заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски интеграции.

Целта на оваа анализа е што појасно да се прикаже брзината со која Република Македонија се приближува – или се оддалечува – од Европската унија. Истражувањето од компаративната анализа на Евротинк и ФООМ покажува напредок во неколку прашања поврзани со евроинтегративните процеси. Како пример се посочува наодот дека ако граѓаните во 2015 та година давале поддршка за влез на земјата во ЕУ од над 60 проценти сега таа бројка е веќе 70 % односно толку се изјасниле дека ако утре има референдум би гласале за влез на земјата во ЕУ.

Анализата исто покажува дека табелата за политичките критериуми во извештајот на Европската унија за Македонија годинава е речиси празна, за разлика од изминатите години. Во најновиот извештај го нема ниту еуфемизмот „заробена држава“, со кој пред помалку од две години, беше квалификуван нашиот систем како авторитарен и корумпиран. Позитивен е делот за реформите, но високиот број на донесени закони по скратена постапка и проблемите со децентрализацијата се најдоа и во овој извештај, како и во изминатите три.

Учесниците  на конференцијата за компаративна анализа на извештаите од ЕК за Македонија заклучија дека и покрај ваквиот извештај потребно е да се продолжи со посветеност на реформите, со фокус во сферата на владеење на правото, човековите права и економското управување.

Компаративната анализа можете да ја преземете тука: http://www.fosm.mk/CMS/Files/Documents/komparativna_analiza_izvestaj_EK.pdf

—————————————————

17 април 2019