Во рамки на проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“ поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија, Институтот за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Институтот за европска политика го објавија Третиот мониторинг извештај, кој е продолжение на Првиот и на Вториот извештај „Реформи во судството – од Прибе 1 до Прибе 2 и потоа“, а се однесува на првиот квартал од 2018 година. И овој извештај е базиран на истите документи што ги утврдуваат Итните реформски приоритети (ИРП) и е изработен главно следејќи ја методологијата со мониторинг матрицата, изготвена во рамки на овој проект.
На одржаната прес-конференција говореа Мирослав Драганов, извршен директор на Институтот за човекови права, Ива Цоневска, проектен соработник во Институтот за европска политика, и Ангела Шумкоска, проектен соработник во Македонското здружение на млади правници.
Говорниците, повикувајќи се на извештајот, нагласија дека во Република Македонија е потребно обезбедување професионализам на Судскиот совет во практика, а не само во теорија, односно обезбедување јасен и предвидлив тест за примена на критериумот „истакнат правник“. Исто така, потребна е проактивна улога на Судскиот совет и на највисоките судови во заштитата на независноста и во заштитата од влијанија, како преку подобрена комуникациска стратегија така и преку одлучувачки акции за реагирање на влијанија или притисок. Неопходна е и деполитизација на изборот и унапредувањето на судиите и јавните обвинители во практиката, а не само во теоријата, врз основа на транспарентни, објективни критериуми засновани на заслуги. Во таа насока, потребна е примена на хармонизиран систем на учинок, заснован на квантитативни, но и на квалитативни стандарди, како основа за кариерен напредок во судството и во јавното обвинителство.
На денешниот настан, меѓу другото, беше потенцирана важноста да се обезбеди брзо извршување на сите пресуди на Европскиот суд за човекови права против државата, особено преку воведување практични и ефективни мерки за секоја категорија на случаи.
„Извршувањето на одлуките донесени од ЕСЧП е една од обврските на РМ, преземени со ратификацијата на Европската конвенција за човекови права. Покрај обврската за извршување на одлуките од страна на државата, постои и општа обврска на државата за почитување на правата и слободите што произлегуваат од ЕКЧП. Почитувањето и унапредувањето на основните права и слободи на човекот и граѓанинот е една од темелните вредности на секоја држава“, се наведува во Третиот мониторинг извештај „РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО – јануари-март 2018 г.“, за чии потреби била спроведена и анкета со слушателите на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, учесниците на континуирана обука и предавачите.
Целосниот извештај можете да го најдете на следниот линк: http://www.fosm.mk/CMS/Files/Documents/tret%20izvestaj%20reformi%20sudstvo%20(maj%202018).pdf
—————————————————
17 април 2019