Фондацијата Отворено општество – Македонија, Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ЕХО – Едукативно – хуманитарна организација, Националниот ромски центар, Избор и Младинскиот културен центар како организации активно вклучени во процесот на креирање на Законот за бесплатна правна помош го поздравуваат неговото донесување.
Новиот Закон за бесплатна правна помош е производ на долготраен процес и соработка помеѓу граѓанскиот сектор и Министерството за правда, а активната вклученост на граѓанските организации придонесе кон креирање на решение кое ќе може да одговори на правните потреби и проблеми на граѓаните.
Со новиот Закон за бесплатна правна помош, обезбедени се поголеми придобивки и заштита за граѓаните: пред сè, олеснети се условите кои граѓаните треба да ги исполнат за да добијат бесплатна правна помош, со што се обезбедува еднаков пристап до правда за сите, особено за најсиромашните и маргинализирани граѓани. Воедно бесплатна правна помош, со одредени исклучоци ќе биде предвидена во сите правни области, со што се зголемува опфатот на загрозени и ранливи лица, а со тоа и можноста за поголема заштита на правата на граѓаните. Она што е важно да се потенцира е дека со новиот Закон и другите трошоци врзани со постапката (пр. судски такси, трошоци за вештачење) нема веќе да бидат на товар на граѓаните, туку истите ќе бидат опфатени со бесплатната правна помош.
Особено важна новина е и финансирањето на овластените здруженија кои обезбедуваат претходна правна помош – со стапувањето на сила на Законот, финансирањето ќе се реализира преку грантови од Буџетот на Министерството за правда со што системот на бесплатна правна помош добива можност за долгорочен развој и одржливост.
Новиот Закон за бесплатна правна помош претставува огромен успех за сите граѓански организации кои го следеа имплементирањето на претходниот Закон, но секако, остануваме и понатаму посветени на следење на имплементацијата и на новиот Закон, како и утврдување на неговите недостатоци и активно предлагање на нови посоодветни решенија.
Со почит,
Фондација Отворено општество – Македонија
Македонско здружение на млади правници
Хелсиншки комитет за човекови права
ЕХО – Едукативно – хуманитарна организација
Национален ромски центар
Избор
Младински културен центар
—————————————————
12 јуни 2019