Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Денес, на 16.11.2018, во Клубот на пратеници беа презентирани два извештаи врзани со реформите во јавната администрација – првиот полугодишен извештај за спроведување на СРЈА и Акцискиот план подготвен од Министерство за информатичко општество и администрација и независниот извештај за степенот на имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година за периодот февруари – јуни 2018 година, подготвен од Фондација Отворено општество – Македонија.

Настанот го отвори заменикот-министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, кој се осврна на важноста од имплементацијата на СРЈА 2018-2022 и Акцискиот план. Тој потенцираше дека стратегијата ќе придонесе кон реализација на заедничката цел, а тоа е професионална, ефикасна администрација, која ќе биде сервис на граѓаните.

Полугодишниот извештај за спроведување на СРЈА и Акцискиот план го презентираше Марија Николоска од МИОА, која се осврна на досегашната имплементација и го објасни институционалниот процес на следење.

Првиот независен извештај за степенот на имплементација на СРЈА 2018-2022 година за периодот февруари – јуни 2018 година, беше презентиран од страна на Марија Мирчевска, претставник на ФООМ. Фокусот беше ставен на следниве заклучоци:

Реформата на јавната администрација ги засега сите граѓани, не само јавната администрација

Реформата на јавната администрација освен што опфаќа околу 1300 институции и 120 000 вработени, истата засега околу 2 милиони граѓани кои секојдневно се изложени на ефектите од јавните политики и квалитетот на јавните услуги. Во таа насока, клучно е граѓаните и граѓанските организации да земат поактивно учество во реализација на активностите од Стратегијата како и во процесот на следење и оценување. На тој начин ќе се добијат информации за искуствата и ставовите на крајните корисници на услугите и ефектите на јавните политики.

Најголем дел од активностите од Акцискиот план се навремено иницирани

Повеќето активности кои се планирани да почнат и да се реализираат во првиот квартал од 2018, се започнати навреме и нема значително задоцнување во овој период.  Од вкупно 32 активности од Акцискиот план на СРЈА 2018-2022 чиј почеток е предвиден во првиот квартал, целосно се реализирани 7 активности (22%), во тек се 18 активности (56%), а не се започнати 7 активности (22%).

Молчењето на администрацијата повеќе не е проблем, проблем е добивање на суштински одговор

Иако само на 4% од барањата за слободен пристап до информации не е доставен одговор во законски пропишаниот рок, сепак важно е да се напомене дека само за 32% од активностите е доставена комплетна документација за реализација на активностите.

Дополнителен проблем е класифицирањето на документите како доверливи од страна на институциите, повикувајќи се на договорните обврски со донаторите. Воедно, голем број од изработените документи и анализи се во процес на усвојување од страна на надлежните органи и поради тоа не се достапни за јавноста.

И покрај релативната отвореност на институциите, сепак забележана е потешкотија во добивање на суштински информации кои се од интерес за јавноста. Анализата покажа дека МИОА генерално е отворено за соработка, додека посебно тешко беше да се добијат суштински одговори од Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија.

Потребно е обврските преземени со Стратегијата да бидат препознаени и вклучени во стратешките и оперативни документи на министерствата

Голем број институции, во нивните стратегиски планови, годишни планови за работа и оперативни програми, не ги рефлектираат обврските што ги презеле со Акцискиот план. Дополнително, не е усвоен Оперативен план за 2018г. што дополнително ја отежнува имплементацијата.

Институциите треба да ја унапредат меѓусебната координација и информирање

Во анализата беше потенцирано дека постои недоволна координацијата помеѓу водечкиот орган и другите органи назначени за спроведување на заедничките активности од Акцискиот план. Ова може да се согледа од фактот дека 22% од поднесените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, беа препратени од една кон друга институција.

Често институциите кои се јавуваат како имплементатори, ја префрлаат одговорноста за спроведување, координација и информирање на водечкиот орган, со што се отежнува процесот на следење на Стратегијата за РЈА.

***
Независниот извештај за степенот на имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година за периодот февруари – јуни 2018 година е изработен во рамки на проектот ,,Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации” кој е имплементиран од Фондација Отворено општество – Македонија и ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Европската унија.

—————————————————

17 април 2019