Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата во која членуваат вкупно 16 граѓански организации на 12-ти декември 2018 година (среда) со почеток во 10 часот го одбележи Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Одбележувањето на овој ден, се искористи пред присутните претставници од извршната, законодавната и судската власт, невладиниот и приватниот сектор, медиумите и претставниците од меѓународните организации, да се дискутира на тема: „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“.

Во рамки на конференцијата воведни обраќање имаа, Слаѓана Тасева, Претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Рената Дескоска, Министерка за правда, Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската Унија и Розета Трајан, Генерална секретарка во Државната комисија за спречување на корупцијата, а дискусијата понатаму продолжи на тема „Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата: Предизвиците при воспоставување на функционалноста на институциите“.

На сесијата насловена „Ветинг процесот и интегритетот при изборот и назначувањето на судии, обвинители и членови на регулаторни, контролни и надзорни тела: Олеснување при процесот на избор или обесхрабрувачки чекор?“ свои излагања имаа Ана Павловска Данева, Шеф на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО, Вилма Русковска, шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, Маргарита Цаца Николовска, судијка во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци и Беса Арифи, Професор, Универзитет на Југоисточна Европа (ДСП). Тие дискутираа за важноста на независните регулаторни, супервизорски и надзорни тела во овозможувањето на владеење на правото како и  во борбата против корупција во земјата.

Конференцијата заврши со обраќања од Амбасадорот Џес Л. Бејли, Американска амбасада Македонија, Сабина Факиќ, програмски директор во Центарот за граѓански комуникации и Емина Нурединоска, раководител на секторот за граѓанско општество во Македонски центар за меѓународна соработка кои дискутираа на тема „Улогата на граѓанските организации во одбрана нa правната, финансиската и политичката рамка? Основање на систем на контрола на власта (check and balances)“.

—————————————————

17 април 2019