Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено Општество – Македонија потпиша договори со Министерството за труд и социјална политика и општините Крива Паланка и Росоман, во вредност од 40.000 долари, со кои се обезбедуваат средства за проширување на капацитетите на градинките во овие две општини. Со овие средства ќе се изведат градежно-занаетчиските работи за адаптирање на дополнителни простории, со што ќе се зголеми опфатот на деца во овие општини.

„Сакаме да ги поддржиме општините во нивните напори да обезбедат што поголем опфат на дечињата во предучилишно образование. Децата коишто посетуваат предучилишно образование имаат многукратно поголеми шанси за подобар развој“, изјави Фани Каранфилова – Пановска извршна директорка на ФООМ.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во оваа прилика се осврна на важноста на предучилишното образование за растот и развојот на децата: „Предучилишното образование е клучно за раст и развој на децата. Токму затоа правиме напори да вклучиме што повеќе дечиња, односно да ги прошириме капацитетите на градинките и тоа со повисоки стандарди, а истовремено и да го подобриме квалитетот на предучилишното образование и да го зајакнеме кадарот во градинките“.

Со донацијата од ФООМ, ќе се надминат дел од проблемите со кои долги години се среќава градинката „Детелинка“ од Крива Паланка. Градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски вели дека општината има проблем со капацитетите за сместување на децата со предучилишна возраст. Општината ќе ги искористи средствата од овој проект за адаптација на објект од ЈОУГД „Детелинка“ со што делумно ќе се надмине долгогодишниот проблем со кој се среќава градинката.

За Општина Росоман и градинката „Праскичка“, овој проект и донација е од огромно значење – ќе се прошират капацитетите и целосно ќе се опреми новиот простор на градинката „Праскичка“, што е долгогодишно барање на жителите на Росоман според градоначалникот на Росоман Бранко Јанев.

Поаѓајќи од убедувањето дека квалитетното образование, достапно за сите, е основен двигател за трансформација на општеството, Фондацијата Отворено општество – Македонија и понатаму останува посветена на поддршката на образованието во Македонија.

—————————————————

18 април 2019