Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Активностите утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, годинава ќе ги реализираат 15 граѓански организации кои аплицираа на јавниот повик на Министерството за здравство, кои за реализацијата ќе добијат 47 милиони денари.

За програмите за ХИВ за годинава се обезбедени вкупно 95 милиони денари од кои 47 милиони денари се за превентивните програми кои ќе ги имплементираат 15 здруженија, околу 43 милиони денари се за третманот за ХИВ, а остатокот од пет милиони денари се за Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје кои се поврзани со мониторинг и евалуација на овие програми.

“Република Македонија e првата земја во регионот која целосно го презема финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза од Глобалниот фонд. Владата стави приоритет и обезбеди средства од националниот буџет за да продолжи со програмите за превенција, дијагноза и за лекување на пациентите со ХИВ и туберкулоза” истакна Министерот за здравство Венко Филипче.

Во програмата за превенција на ХИВ покај пријавените 15 граѓански организации, активно ќе бидат вклучени и здравствените институции кои ќе имаат одговорност за да се одржи ниската преваленца на ХИВ. Товарот ќе падне на Институтот за јавно здравје, центрите за третман на зависности, Клиниката за инфективни болести и центрите за јавно здравје, а нивната работа ќе биде надгледувана од Национална комисија за ХИВ/СИДА при Министерството.

Со потпишувањето на договорите помеѓу граѓанските организации и Министерот за здравство Филипче со кои ќе им бидат обезбедени средствата, се официјализираше на соработката со која граѓанските организации станаа стратешки партнер на Министерството за здравство за превентивните програми за ХИВ и туберкулоза.

—————————————————

18 април 2019