Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Градењето на отворено општество, во кое се почитуваат човековите права, а институциите се отчетни и отворени за вклучување на сите граѓани, во кое владее правото и слободата на критичката мисла, секогаш биле и сѐ уште се основни определби и вредности за кои се залага Фондацијата, вели Каранфилова-Пановска.

Фондацијата Отворено општество Македонија, која деновиве слави 25 години од своето формирање, започнува со работа во најраниот период на самостојноста на Македонија. Интервјуто со извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова-Пановска, природно, го почнуваме со потсетување на тоа време.

Госпоѓо Каранфилова-Пановска, постоеше ли во тој период воопшто граѓанска свест во Македонија, со оглед на тоа од какво кон какво општество транзитиравме како земја?

– Фондацијата својата работа во Македонија ја почна во октомври 1992 година, само една година по осамостојувањето на државата. Тоа беше многу тежок период за земјата, се соочивме со меѓународната изолација на државата поради блокадите на нејзината јужна и на северната граница. Тогаш беше важно да се помогне за да се премости периодот на изолација на македонските граѓани, но и да ѝ се помогне на државата да се справи со бранот бегалци, кои поради војната во Босна бараа засолниште во Македонија.

Тоа беа години во кои се поставуваа темелите на општествениот и на политичкиот плурализам и на граѓанското општество, години во кои за првпат македонското општество се сретна со концепти како отворено општество, граѓанска свест, одговорност итн. За првпат почнаа да се отвораат прашања поврзани со почитувањето на плурализмот во медиумите, слободата на изразувањето, човековите права, почитувањето и градењето мостови на доверба помеѓу различните етнички заедници, интеграцијата на маргинализираните заедници и многу други прашања што се од интерес на сите граѓани, а кои се актуелни и денес. Сепак, почетоците на Фондацијата се поврзани со активности што во најголем дел имаа хуманитарен карактер и кои требаше да помогнат за излез од кризните состојби што беа предизвикани од затворените граници и од војната во Босна.

 Сорос прв финансиски ѝ помогна на Македонија

Кои беа првите програмски определби на Фондацијата? Каде ФООМ сметаше дека треба најмногу да се реагира во тој период?

– Градењето отворено општество, во кое се почитуваат човековите права, а институциите се отчетни и отворени за вклучување на сите граѓани, во кое владеат правото и слободата на критичката мисла, секогаш биле и сѐ уште се основни определби и вредности за кои се залага Фондацијата. Како на почетокот, така и сега. Она што е специфично за ФООМ е што таа е една од ретките организации којашто со својата дуална улога на донатор и локална граѓанска организација, будно ги следи општествените случувања и има механизми што ѝ овозможуваат да биде флексибилна и да реагира брзо за да помогне таму и тогаш кога е најмногу потребно.

Така и на почетоците, во 1992-1993 година, за време на ембаргото од страна на Грција на јужната граница и санкциите кон Сојузна Република Југославија на северната граница, кога беше најважно да се овозможи нормално функционирање на државата, Фондацијата, а и Џорџ Сорос лично, обезбедија помош во форма на кредити и грантови, помош што се искористи за навистина основни работи – за набавка на нафта за греење во јавните институции, санитарен и медицински материјал и лекови за болниците, побрз транспорт при извозот на раноградинарски производи, набавка на храна за стоката, па сѐ до стипендии со кои граѓаните од Македонија добија шанса да патуваат и да разменуваат знаења и вештини со светот.

Градењето на темелите започна со посета на Џорџ Сорос лично во Македонија. Даде ли овој негов гест тежина на активностите на Фондацијата и колку тоа негово гостување ги промени работите?

– Првата посета на Џорџ Сорос на Македонија се случи во октомври 1992 година. По средбите со претседателот Киро Глигоров и со премиерот Бранко Црвенковски, Сорос одржа конференција за печат и објави дека неговата фондација во Македонија, која првично беше регистрирана како Фонд Отворено општество – Скопје, треба да се  преименува во Фонд Отворено општество – Македонија, покажувајќи дека разбира колку ни е важно името на државата и дека ја имаме неговата поддршка на тој план. Подоцна, во јануари 1993 година, Џорџ Сорос ѝ одобри на Македонија кредит за набавка на нафта за греење, во износ од 25 милиони долари и тоа во период кога новоформираната држава вложуваше огромни напори да се етаблира на меѓународен план. Тоа беше прв кредит воопшто што ѝ беше доделен на Македонија.

Покрај финансиската поддршка, со ваквиот гест Џорџ Сорос испрати порака до целата меѓународна заедница, но пред сѐ до меѓународните финансиски институции, како Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, дека Македонија е кредитоспособна држава, која има перспектива и на која треба да ѝ се помогне.

Насочувањето на младите луѓе од државата кон европските принципи и вредности ги најде своите корени токму во иницијативите на Фондацијата. Кои достигнувања ги оствари ФООМ на ова поле?

– Отвореното општество ги споделува демократските вредности и принципи со Европската Унија, а поддршката на младите во Македонија е посебен фокус на Фондацијата од самиот почеток сѐ до денес. Благодарение на различните програми на Фондацијата за стипендирање и студирање во странство, голем број млади во изминативе 25 години добија можност да го дооформат своето образование на постдипломски или докторски студии на реномирани светски универзитети, да посетуваат различни летни и зимски школи во земјата и во странство и да учествуваат во програми за размена и учење, преку што се стекнаа со знаења и вештини што им гарантираат прогрес. Од младинската дебатна програма на Фондацијата во 1999 година произлезе Младинскиот образовен форум, кој речиси 20 години е водечка младинска организација, која брои илјадници членови и која во 12 локални клубови, во градовите надвор во Скопје, обезбедува простор во општеството за да се чуе гласот на младите, овозможува програми за едукација, творење и дружење.

Преку младинската програма на Фондацијата и преку поддршката на младинските организации младите учат аргументирано да дебатираат, критички да размислуваат, да бидат активни граѓани и одговорни гласачи, да иницираат и да спроведуваат активности што го унапредуваат средношколското и студентското  организирање, да придонесуваат во процесите на креирање младински политики и да се застапуваат за прашања што се од нивен интерес.

Секогаш напомош во време на кризи

Кризите и војните кај соседите, како и онаа кај нас во 2001 година, често беа во фокусот на ФООМ. Особено време и труд се посвети за подобро информирање на граѓаните, како и за помош на бегалците од другите земји и нивна интеграција локално…

– Фондацијата Отворено општество Македонија, во својот четврт век постоење, неколкупати беше соочена со ситуации во кои мораше брзо и ефективно да реагира во кризни периоди за нашата држава. Откако го изодевме првото искуство на работа во кризни моменти за време на Босанската бегалска криза, од што многу научивме, во 1999 година Фондацијата имаше нов предизвик, кој бараше да им се помогне на бегалците од Косово во камповите низ Македонија и тоа заради задоволување на нивните егзистенцијални потреби со санитарни и хигиенски пакети, помош на мајките и децата, обезбедување пристап до основни информации преку дистрибуција на весници, информативни билтени и радиопрограма, театарски претстави и други активности што го правеа престојот во камповите поподнослив. За дечињата бегалци во Косовската криза, кои беа интегрирани во образовниот систем во Македонија, обезбедивме школски прибор, ужинки, игралишта, со кои барем малку им го нормализиравме секојдневието.

За време на кризата во 2001 година, Фондацијата се соочи со предизвикот да им помогне на граѓаните да сочуваат „ладни глави“ за да се спречи крвава граѓанска војна по улиците. Го помогнавме здружувањето на повеќе од 120 граѓанските организации што се обединија под мотото „Доста е“, за да се спротивстават на безумието на пропагандната машинерија на властите во тоа време и повикуваа на мир и соживот. По потпишувањето на Рамковниот договор, што се случи зад затворени врати и на англиски јазик, ние го преведовме текстот на договорот на македонски јазик и заедно со партнерските организации во кампањата „Доста е“ го дистрибуиравме во 100.000 примероци низ цела Македонија. Целта беше да се овозможи граѓаните детално да се запознаат со содржината на договорот и со импликациите што произлегуваат од него. Сите овие активности навистина придонесоа во смирување на страстите и зајакнување на довербата помеѓу Македонците и Албанците, како и за промоцијата на идејата дека мултикултурниот и мултиетничкиот карактер на Македонија е нејзино богатство и предност што треба да се чува и да се негува.

Фондацијата со средства што ги обезбеди од резервните фондови на Европската иницијатива за отворено општество, реагираше извонредно брзо и беше меѓу првите што помогнаа да се спречи хуманитарна катастрофа, кога во 2015 година стотици илјади бегалци од Сирија се најдоа во Македонија. Над 100.000 пакети помош со хигиенски производи и храна им беа поделени на бегалците што доаѓаа во кампот „Винојуг“ во Гевгелија. Нашите партнерски организации им даваа правна помош на овие луѓе за да можат полесно да го регулираат својот престој или транзитирањето низ Македонија.

Децентрализацијата на власта и фокус на реалните проблеми и на реалните решенија на граѓаните на локално ниво се исто така движечки мотив на ФООМ. Што сѐ низ годиниве постигна Фондацијата на оваа тема?

– Ние како фондација сме многу посветени на поддршка на граѓаните и на нивните иницијативи на локално ниво, во заедниците во кои живеат. Една од стратешките определби на Фондацијата од самите почетоци па сѐ до денес е да се помогне на локално ниво, за да се намали јазот што постои помеѓу главниот град и другите делови на државата. Верувајќи длабоко дека граѓаните најдобро и најлесно би требало да ги задоволат своите права и обврски кон институциите и властите во местата во кои живеат и дека квалитетот на услугите што граѓаните ги добиваат на општинско ниво е клучен за развојот и мора да се унапреди, Фондацијата има инвестирано голем дел од своите финансиски и човечки ресурси за поддршка на процесот на децентрализација, поддршка на општините во изведување различни инфраструктурни проекти и поддршка на процеси со кои сервисите што општините имаат надлежност и обврска да ги обезбедат биле подобрени, како и за поддршка за развој на локални политики во многу области.

Веруваме дека развојот на локалната демократија и активното учество на граѓаните во одлучувањето на локално ниво се основен предуслов за демократизација на општеството. Живеевме во услови во кои граѓаните не веруваа дека како поединци можат да променат нешто, но преку неколку повеќегодишни активности, како што беа основањето и поддршката на  „Центрите за поддршка на НВО“ во 12 општини и спроведувањето на проектот „Форуми во заедницата“, придонесовме таа перцепција значително да се промени. Центрите имаа за цел да ги помогнат помалите локални граѓански организации во нивната работа и да го олеснат пристапот на граѓаните до локалните власти. Она што го сметам за вистински и реален успех е што голем дел од овие центри за поддршка на НВО, по завршувањето на  проектот, станаа самостојни организации, а голем дел од нив сѐ уште функционираат во своите локални заедници и се двигател во развојот на граѓанското општество.

Од најмрачниот период излеговме посилни

Периодот од 2008 до 2017 година беше „мрачен“ период за ФООМ, како и за граѓанскиот сектор воопшто. Но, Фондацијата не се предаде во ниеден момент пред притисоците на тогашната власт. Кои беа главните тешкотии за работа во овој период и колку граѓанското општество назадуваше како резултат на оваа партиско-државна политика?

– Фондацијата и нејзините грантисти и партнери, во периодот што го споменувате, беа главна мета на напади од претходната авторитарна власт на ВМРО-ДПМНЕ. Кулминацијата се случи во декември 2016 година, со објавувањето на процесот на „десоросоизација“ од страна на Никола Груевски, по што следеше шестмесечно насилство кон граѓанските организации, спроведено од органите на прогонот на заробената држава. Тоа беше навистина мрачен период, во кој не се штедеа ресурси и не се избираа методи, со кои се правеше обид за да нѐ дискредитираат и да нѐ заплашат, а воедно и да ја минимизираат нашата работа и придобивките за демократизација.

Но, реално, граѓанското општество излезе од оваа црна приказна посилно од кога и да е. Нашата долгогодишна работа за демократизација на општеството, во кое граѓаните се свесни, силни и активни, резултираше во омасовување на граѓанскиот отпор и борбата против режимот. Особено сум горда што и покрај сите притисоци со кои се среќававме, успеавме да ги исполниме планираните цели и да помогнеме во отворањето на општеството во Македонија.

Отвореното општество е идеал што ќе бара макотрпна и долгорочна работа, особено во услови на децениско урнисување на институциите, задушување на јавниот простор и на критичката мисла, извитоперување на вредностите и осиромашување на граѓаните. Се надевам дека ваквиот начин на владеење и третман на критичкото граѓанско општество нема никогаш повеќе да се повтори од која било власт во Македонија. Воедно, убедена сум дека Македонија има зрело граѓанско општество, кое е буден набљудувач на состојбите во општеството и на работата на властите и кое агилно реагира и ќе реагира на сите погрешни политики и практики и на оваа нова власт и ќе повикува на одговорност секогаш кога ќе постојат индиции или случаи на злоупотреба и ќе инсистира правдата да биде задоволена. Само вакво граѓанско општество може да биде гаранција за тоа дека македонското општество ќе има капацитет да се спротивстави и да оневозможи каков било иден обид за ограничување на правата и на слободите и ќе придонесе властите да бидат одговорни и да бидат сервис на своите граѓаните.

Пред неколку недели се одржа конститутивната седница на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор во Владата на РМ. Означува ли ова почеток на една нова ера, во која властите ќе имаат поголем слух за граѓанските организации?

– Отворањето на институциите и на процесите за консултација и дијалог со граѓанските организации за пакетот реформски стратегии и закони, со кои се зафати новата влада на СДСМ во првите 11 месеци од својот мандат, е за поздравување. Воспоставувањето на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанските организации е уште една платформа со која се структуира дијалогот и вклучувањето на граѓанските организации во процесот на креирање јавни политики. Македонија доцни со воспоставувањето на овој Совет повеќе од 12 години во однос на своите соседи од регионот, иако формалното воспоставување и функционирање на ваквите совети кај некои од државите во регионот не донесе суштинска разлика во односот на властите кон граѓанското општество, а уште помалку придонесе во афирмацијата на неговиот глас и барања.

Се надевам дека Македонија ќе може да биде добар пример кога станува збор за суштината на дијалогот, но времето пред нас ќе покаже дали ова мое очекување е оправдано. Сакам да потенцирам дека овој Совет не смее да ги замени механизмите за консултација што се воспоставија или ќе треба да се воспоставуваат кога се во прашање конкретни политики, стратегии и закони од различните владини ресори. Ова особено важи за структурата што Владата ќе треба допрва да ја подготви за да обезбеди вклучување на граѓанското општество во процесот на преговорите со ЕУ. Исто така, многу е важно вклучувањето на граѓанските организации да не биде само формално, туку да биде и суштинско, т.е. предлозите и забелешките на граѓанските организации да бидат земени предвид, што досега во значаен дел и се случува, но исто така е важно да се опстои на оваа практика и тогаш кога граѓанските организации ќе имаат можеби и спротивставени, но аргументирани гледишта или кога можеби и објективно ќе критикуваат некои одлуки или решенија.

Само отворен, компетентен и конструктивен дијалог може да води до вистинска соработка од која и граѓаните и властите ќе имаат заемна корист. Граѓанското општество може да понуди експертиза што ќе помогне во приближувањето до Европската Унија, а воедно и ќе овозможи гласот на граѓаните да биде чуен и препознаен. Ние, како фондација, сме биле и ќе бидеме отворени за соработка со секоја влада што ќе ги препознае, ќе се залага и ќе работи за вредностите на отвореното општество.

Продолжуваме со нашата мисија

Следува динамичен период за државата, исполнет со надежи и очекувања за нејзините евроатлантски интеграции. Ќе продолжи ли ФООМ да биде коректив на властите? Каде ја гледате Фондацијата Отворено општество Македонија во иднина?

– Мисијата на Фондацијата Отворено општество Македонија е внатрешна интеграција на македонското општество, со цел интеграција во Европската Унија и тоа е нешто на кое остануваме посветени и понатаму. Остануваме да се залагаме за општество во кое се почитуваат човековите права, во кое постои владеење на правото и има правда за сите, општество во кое властите и институциите одговорно ја извршуваат својата улога да бидат сервис на граѓаните и отчетно ги трошат јавните ресурси. Ќе продолжиме да ги поддржуваме граѓанските организации во нивната амбиција критички и објективно да ја опсервираат работата на Владата и да се залагаат за промени што ќе ја направат Македонија пристојно место за живеење. Воедно, ќе продолжиме да ги поддржуваме реформите на институциите и на јавните политики што ќе водат кон трансформација на општеството, што ќе обезбеди неселективна правда, нетолеранција кон корупцијата, еднакви права за малите етнички заедници и маргинализираните заедници и еднаков пристап за сите граѓани до квалитетно образование и здравствени услуги.

Во таа смисла, ние ќе продолжиме да ја остваруваме нашата мисија и да го поддржуваме отвореното, динамично, толерантно, мултикултурно и мултиетничко општество, во кое граѓаните ќе поседуваат силен демократски капацитет и ќе бидат главниот двигател на промените.  Остануваме посветени на напредокот на Македонија во европската интеграција, како инструмент што ќе се трудиме да обезбеди европеизација на македонското општеството што ќе ги надмине рамките на техничко исполнување на критериумите и на зададените задачи од ЕУ.

—————————————————

5 мај 2018