Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во понеделникот попладне, експлозивна направа беше испорачана до домот на мојот татко, северно од Градот Њујорк. Совесен член на нашиот персонал ја препознал заканата и веднаш повикал полиција. За среќа, властите беа во можност безбедно да ја детонираат направата. Во средата, тајната служба за обезбедување објави дека пресретнала слични направи испратени до канцелариите на поранешниот претседател Барак Обама и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.

Сите ние сме благодарни што никој не беше повреден и сме благодарни на луѓето кои се грижат за нашата безбедност. Сепак, овој инцидент е длабоко вознемирувачки и претставува закана не само за безбедноста на нашето семејство, соседите, колегите и пријателите, туку и за иднината на американската демократија.

На моето семејство не му се непознати непријателските дејства на оние кои ја одбиваат нашата филозофија, нашата политика и нашиот идентитет. Мојот татко растел под сенката на нацистички режим во Унгарија. Мојот дедо обезбедил документи за лична идентификација со лажни имиња за тие да можат да ја преживеат агресијата врз Евреите во Будимпешта и им помогнал на многу други луѓе да го направат истото. По војната, кога комунистите дошле на власт, мојот татко пребегнал во Лондон каде студирал на Лондонската школа за економија пред да ја започне својата успешна кариера на финансиските пазари.

Сепак, низ целиот свој живот тој никогаш не ги заборавил научените лекции од неговата младост. Неговата најголема филантропска заложба, Фондациите Отворено општество, одиграа водечка улога во давање поддршка за трансформирање на комунистичките во подемократски општества во некои делови од поранешниот Советски Сојуз, и потоа ја проширија својата работа со заложби за заштита на демократските практики во постојните демократии. Мојот татко признава дека неговата филантропска работа, иако непартиска, сепак носи предзнак на „политичка“ во поширока смисла на зборот: таа се обидува да ги поддржи оние кои промовираат општествата во коишто се слуша гласот на сите луѓе.

Долг е списокот на луѓе кои таквата работа ја сметаат за неприфатлива, па оттука мојот татко се соочувал со бројни напади во текот на годините, голем дел од кои изобилувале со отровен антисемитизам. 

Но работите се сменија во 2016 година. Претходно, бесот насочен кон него главно бил ограничен во рамките на екстремистичките крила, белите супремисти и националистите кои се обидуваат да ги поткопаат темелите на демократијата.

Ситуацијата стана полоша со претседателската кампања на Доналд Трамп. Белите супремисти и антисемитисти, како Дејвид Дјук, ја поддржаа неговата кампања. Последната ТВ реклама на г-н Трамп вклучуваше приказ на мојот татко; Џенет Јелен, претседателката на федералните резерви; и Лојд Бленкфајн, преседателот на банкарската групација Голдман Сакс, сите тројца Евреи, и изобилуваше со кодирани расни пораки за „посебни интереси“ и „глобални посебни интереси“. Духот веќе е ослободен од волшебната ламба и ќе бидат потребни повеќе генерации да го вратиме назад, при што ефектите од неговото ослободување не се ограничени само на територијата на САД.

Во Унгарија, премиерот Виктор Орбан лансираше кампања со антисемитски постер на кој лажно го обвинува мојот татко дека сака да ја преплави Унгарија со мигранти. Таквата кампања вклучи лепење слики со портретот на татко ми на подовите од трамваите во Будимпешта за луѓето да можат да газат врз него, во поддршка на политичката агенда на г-н Орбан.

Денес имаме обид за бомбашки напади. Иако одговорноста за овој чин ја носат поединецот или поединците кои ги испратиле овие смртоносни направи до домот на моето семејство и до канцелариите на г-н Обама и на г-ѓа Клинтон, јас не можам да верувам дека овие напади се изолирани од новата нормала која подразбира широко распространета политичка демонизација.

Немам никакви илузии дека омразата кон нас е единствена. Многу луѓе во САД и ширум светот ја чувствуваат моќта на ваквата злоба. Денес стана „нормално“ луѓето кои го зборуваат она што го мислат да бидат рутински изложени на лични непријателски напади, пораки полни омраза на социјалните мрежи и смртни закани.

Исто така, денес станува нормално организациите кои вршат важна работа во корист на демократијата да се соочуваат со закани по нивниот опстанок само затоа што прифатиле поддршка од фондациите основани од мојот татко. Денес стана нормално политичките лидери кои полагаат официјална заклетва дека ќе ги штитат сите граѓани наместо тоа да водат политики на поделба и омраза.

Многу сме далеку од деновите кога сенаторот Џон Мекејн ги отфрли тврдењата на своите поддржувачи за време на претседателските избори во 2008 година и патриотски го одбрани неговиот противник, г-н Обама, бидејќи веруваше дека здравјето на нашата демократија е многу поважно од извојување лични политички поени.

Ние мора да го најдеме патот кон нов политички дискурс кој строго избегнува демонизација на сите политички противници. Прв чекор во таа насока е да излеземе и да гласаме, отфрлајќи ги политичарите кои се цинично одговорни за поткопување на институциите на нашата демократија. Тоа мора да го направиме сега пред да биде предоцна. Извор: The New York Times

—————————————————

24 октомври 2018