Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Живееме во трансформативен момент во историјата. Опстанокот на отворените општества е под закана и се соочуваме со уште поголема криза: климатските промени. Тие претставуваат закана за опстанокот на нашата цивилизација. Ваквиот двоен предизвик ме инспирираше да го најавам најважниот проект на мојот живот токму овде, вечерва.

Како што аргументирам во мојата последна книга, „Во одбрана на отвореното општество“, во еден револуционерен момент спектарот на можности е многу поширок отколку во нормални времиња. Во последно време полесно е да се влијае врз настаните отколку да се разбере што се случува. Како последица на тоа, малку е веројатно дека резултатите ќе соодветствуваат на очекувањата на луѓето. Тоа веќе предизвика широко-распространето разочарување коешто популистичките политичари го искористија за свои сопствени цели.

На отвореното општеството не секогаш му требаше одбрана како што му треба денес. Пред околу 40 години, кога почнав да работам на она што го нарекувам моја политичка филантропија, имавме ветер во грб што не туркаше напред. Меѓународната соработка беше главното кредо. На некој начин, тоа предничеше дури и во идеолошки банкротираниот Советски сојуз кој се распаѓаше – се сеќавате на марксистичкиот слоган „работници од светот, обединете се“? Спротивно на тоа, Европската Унија имаше поголема моќ и јас сметав дека таа го отелотворува отвореното општество.

Но плимата се сврти против отворените општества по финансискиот крах од 2008 година, бидејќи тој претставуваше неуспех на меѓународната соработка. Тоа, за возврат, доведе до раст на национализмот, кој е најголемиот непријател на отвореното општество.

***

Кон средината на минатата година, јас сè уште имав одредени надежи за уште еден пресврт и враќање кон меѓународната соработка. Изборите за Европскиот парламент донесоа изненадувачко позитивни резултати. Учеството се зголеми за 8%, што е прв позитивен тренд од основањето на Парламентот. Уште поважно е тоа дека замолченото мнозинство го крена гласот за поголема европска соработка.

Сепак, до крајот на годината моите надежи целосно се срушија. Најголемите светски сили, т.е. САД, Кина и Русија, останаа во рацете на реални или диктатори во обид, а бројот на авторитарни владетели продолжи да се зголемува.

Борбата да се спречи Брегзит, кој е штетен и за Британија и за ЕУ, заврши со огромен пораз.

Национализмот, наместо да биде запрен, добива поголема сила. Најголемото и најстрашното назадување се случи во Индија каде демократски избраниот Наренда Моди создава хиндуистичка националистичка држава, со наметнувањето казнени мерки врз Кашмир, полуавтономен муслимански регион, и со заканите за одземање на државјанството на милиони муслимани.

Хуманитарната катастрофа во Латинска Америка продолжува да се развива. До почетокот на оваа година, речиси 5 милиони Венецуелци емигрирале од државата, предизвикувајќи огромно нарушување во соседните земји. Во исто време, Болсонаро не успеа да го спречи уништувањето на дождовните шуми во Бразил со цел овој регион да се отвори за одгледување добиток. Како дополнителен удар, климатската конференција на ОН во Мадрид заврши без постигнување на значаен договор.

И на крајот, во своето новогодишно обраќање до нацијата Ким Јонг-ун им се закани на САД со неговите нуклеарни капацитети, а импулсивните акции на Трамп го зголемија ризикот од разгорување на конфликтот на Блискиот Исток.

Дозволете ми сега да се осврнам на уште една загрижувачка тема, т.е. односите меѓу САД и Кина. Тие станаа неверојатно комплицирани и тешки за разбирање. Интеракцијата меѓу двајцата претседатели, Доналд Трамп и Си Џинпинг, ни дава корисно навестување. И двајцата се соочуваат со внатрешни ограничувања и различни непријатели. И двајцата се обидуваат да ја зголемат моќта на нивната државничка позиција до и вон крајните граници. Иако тие најдоа одредени взаемно корисни причини за соработка, нивните мотивации се сосема различни.

Претседателот Трамп е измамник и невиден нарцис кој сака светот да се врти околу него. Кога му се оствари фантазијата да стане претседател, неговата нарцисоидност се разви до патолошки димензии. И навистина, тој ги помина сите граници што Уставот ги поставува врз претседателската функција, и заради тоа почната е постапка за негово отповикување од должноста (импичмент). Во исто време, тој успеа да собере голем број следбеници кои лесно поверуваа на неговата алтернативна реалност. Тоа ја претвори неговиот нарцисоидност во малигна болест. Тој почна да верува дека може да ја наметне сопствената алтернативна реалност не само врз неговите следбеници, туку и врз самата реалност.

Панданот на Трамп, Си Џинпинг, имал травматично искуство во неговата рана младост. Неговиот татко бил еден од основачите на Комунистичката партија на Кина. Тој бил избркан од партијата, а неговиот син, Си Џинпинг, израснал во рурален егзил. Од тоа време, целта на лидерството на Си стана враќање на доминацијата на Комунистичката партија врз животот во Кина. Тој тоа го нарекува „кинескиот сон“ за „подмладена“ Кина која е способна да ја проектира својата моќ и влијание во целиот свет. Си Џинпинг го укина внимателно развиениот систем на колективно лидерство и стана диктатор веднаш штом стекна доволно сила да го направи тоа.

Кога станува збор за нивните мотивации, тие се тотално различно. Трамп е подготвен да ги жртвува националните интереси за неговите лични интереси, и тој ќе направи буквално сè за повторно да победи на изборите. Спротивно на него, Си Џинпинг е подготвен да ги искористи слабостите на Трамп и да употреби вештачка интелигенција за да постигне целосна контрола врз неговиот народ.

Успехот на Си Џинпинг е далеку од сигурен. Една од ранливите точки на Кина е фактот дека таа сè уште зависи од САД за снабдување со микропроцесори што ѝ требаат за да доминира на пазарот на 5-Г технологијата и за целосно да го спроведе системот за општествен рејтинг на граѓаните кој, пак, претставува закана за отворените општества.

Си Џинпинг се соочуваа и со одредени нелични сили, како што е демографијата која не му оди во прилог. Политиката на едно дете, која беше во сила до 2015 година, создаде недостиг на млади работници, но и на жени во репродуктивен период, наспроти преголемиот број на стари луѓе. Овие трендови можат само да се влошуваат. Намалувањето на работоспособното население сега е немилосрдно.

Економската иницијатива „Еден појас и еден пат“ наложи давање големи заеми, а некои од нив никогаш нема да бидат отплатени. Кина не може да си го дозволи тоа бидејќи нејзиниот буџетски дефицит се зголеми, а нејзиниот трговски вишок се намали. Откако Си Џинпинг ја централизираше власта во свои раце, економската политика на Кина ја загуби својата флексибилност и инвентивност.

За работите да бидат полоши за Си, администрацијата на Трамп подготви сеопфатна и бипартиска политика кон Кина, во која се изјавува дека Кина е стратешки ривал. Ова е единствената бипартиска политика кон Кина што администрацијата на Трамп успеа да ја произведе и постои само еден човек кој може да ја прекрши и да остане неказнет, а тоа е претседателот Трамп.

За жал, од гледна точка на отвореното општество, тој е способен да го направи тоа, како што веќе покажа кога ја стави компанијата Хуавеи на преговарачката маса со Си Џинпинг.

***

Наспроти ваквата позадина, дозволете ми да им дадам соодветна перспектива на бурните настани од почетокот на оваа година.

Претседателот Трамп немаше стратешки план кога го овласти лансирањето ракета која ги уби лидерот на Иранската револуционерна гарда, Сулејмани, и еден командант на про-иранската милиција во Ирак, но тој има непогрешлив инстинкт кој му кажува како неговите верни следбеници би реагирале на неговите акции. Тие се воодушевени. Со тоа, задачата на демократите, кои покренаа постапка за негово отповикување од должност, стана екстремно тешка. Судењето во Сенатот се претвора во про-форма настан бидејќи републиканското мнозинство во Сенатот се обедини во одбрана на Трамп, иако главниот уставен судија Робертс, кој претседава со процесот, може да нè изненади.

Во исто време, економскиот тим на Трамп успеа да ја прегрее веќе стабилната економија. Берзата, која почна да го слави воениот успех на Трамп, постигнува нови рекордни вредности. Сепак, прегреаната економија не може да се одржува во состојба на вриење предолг временски период.

Доколку сето ова се случеше блиску до изборите, тоа ќе го осигуреше неговиот повторен избор. Неговиот проблем е фактот дека изборите ќе се одржат дури за 10 месеци и во една револуционерна ситуација, а тоа е цел животен век.

Од гледна точка на отвореното општество, ситуацијата изгледа прилично црно. Лесно можеме да се препуштиме на очајот, но тоа би било грешка. Јавноста почнува да станува свесна за опасноста од климатските промени. Тие станаа главен приоритет на Европската Унија – но не можеме да сметаме на САД сè додека Трамп е на власт, бидејќи тој ги негира климатски промени.

Постојат и основи за надеж за опстанок на отворените општества. Тие имаат свои слабости, исто како и репресивните режими. Најголемата слабост на диктатурите е фактот дека кога се успешни, тие не знаат кога или како да престанат да бидат репресивни. Тие немаат механизми за контрола коишто на демократиите им даваат одреден степен на стабилност. Како резултат на тоа, оние што се потчинети покажуваат револт.

Гледаме дека денес тоа се случува насекаде во светот. Најуспешниот отпор досега го видовме во Хонгконг, но тој доаѓа со висока цена: може да го уништи и економскиот просперитет на градот. Во моментов има толку многу револти низ светот, што ќе ни треба многу време да ги разгледаме одделно.

Следејќи ја бурата на револти, можам да направам една генерализација за оние кои веројатно ќе бидат успешни. Пример за нив е Хонгконг. Таму нема видливо лидерство што може да се идентификува, но сепак има огромна поддршка од населението.

Овој заклучок почнав да го формирам кога дознав за едно спонтано движење на млади луѓе кои упаѓаат на митинзите што ги одржува Матео Салвини, италијанскиот диктатор во обид. Тие носат картонски исечоци од сардини со написот „сардините против Салвини“ и објаснуваат дека има многу повеќе сардини од ајкули како Салвини, што значи дека сардините се предодредени да превладаат.

Сардините се италијанската варијанта на светскиот тренд што го водат младите луѓе. Тоа ме доведува до заклучок дека денешната младина можеби го нашла начинот како да им се спротивстави на националистичките диктатури.

Гледам уште една конструктивна сила која се појавува на светската сцена: градоначалниците на големи градови се организираат околу важни прашања. Во Европа, климатските промени и внатрешната миграција се ставени високо на нивните агенди. Тоа се поклопува со главните грижи на денешната младина. Обединувањето околу овие прашања може да создаде моќно про-европско движење што се залага за отворено општество. Но, останува отворено прашањето дали овие аспирации ќе бидат успешни.

***

Имајќи ја предвид итноста на климатските промени и немирите ширум светот, нема да биде претерување ако се каже дека 2020 и следните неколку години ќе ја одредат не само судбината на Си и Трамп, туку и судбината на светот.

Ако преживееме на краток рок, сепак ќе ни треба долгорочна стратегија. Доколку Си Џинпинг успее во целосно спроведување на неговиот систем за општествен рејтинг на граѓаните, тој ќе воспостави нов вид на авторитарни системи и нов вид на луѓе кои се волни да се откажат од својата лична автономија само да не западнат во неволја. Ако еднаш се изгуби, личната автономија тешко може да се поврати. Во таков свет нема место за отвореното општество.

Јас верувам дека, како долгорочна стратегија, нашата најголема надеж лежи во пристапот до квалитетно образование, конкретно до образование кое ја зајакнува автономијата на поединецот преку негување критичко мислење и нагласување на академската слобода.

Пред 30 години, јас воспоставив образовна институција која го прави токму тоа. Таа се вика Централноевропски универзитет (ЦЕУ), а неговата мисија е да ги унапредува вредностите на отвореното општество.

Во текот на овие 30 години, ЦЕУ прерасна во еден од стоте најдобри постдипломски универзитети во светот во областа на општествените науки. Исто така, тој стана и еден од најинтернационалните универзитети, со студенти од 120 земји и наставен кадар кој доаѓа од повеќе од 50 земји. Во последните години, ЦЕУ стекна глобална репутација поради одбраната на академската слобода против Виктор Орбан, унгарскиот владетел кој има цврста намера да го уништи.

ЦЕУ на едно место собира студенти и наставен кадар кои претставуваат многу различни култури и традиции, и кои се слушаат едни со други и дебатираат меѓу себе. ЦЕУ покажа дека активното граѓанско учество може да се комбинира со академската исклучителност.

Сепак, самиот ЦЕУ не е доволно силен да стане образовната институција која му треба на светот. Тоа налага нов вид на глобална образовна мрежа.

За среќа, ние ги имаме градежните блокови за изградба на една таква мрежа: ЦЕУ и Колеџот Бард во САД се долгорочни партнери. ЦЕУ е постдипломска институција, додека Бард е иновативен, главно додипломски либерален колеџ за уметности. Обете институции имаат поддршка од Фондациите Отворено општество и тие се охрабрени да понудат помош на други универзитети и колеџи ширум светот. Бард и ЦЕУ развија различни успешни релации со помалку развиените делови во светот.

Време е ФОО да го започне амбициозниот план за надградување врз овие темели и изградба на нова и иновативна образовна мрежа која навистина му треба на светот. Таа ќе се вика Мрежа на универзитети за отворено општество или скратено МУОО.

МУОО ќе биде уникатна. Таа ќе понуди алтернативна платформа за настава и истражување. Во првата фаза, таа ќе развива поблиски врски во рамки на постојната мрежа. Во втората фаза, оваа мрежа ќе ја отвориме за други институции кои сакаат да се вклучат и кои се желни и квалификувани да го сторат тоа.

За да покажеме дека идејата е практична, ние веќе ја спроведовме првата фаза. Одржуваме заеднички часови за студенти од неколку универзитети лоцирани во различни делови од светот, кои споделуваат наставен кадар и спроведуваат заеднички истражувачки проекти во кои соработуваат луѓе од многу универзитети.

МУОО ќе продолжи по примерот на ЦЕУ и Бард во заложбите да се допре до места каде има потреба за квалитетно високо образование и за опслужување на запоставените популации, како што се бегалците, затворениците, Ромите, и други раселени народи како Рохинга. УМОО е подготвена да почне со масовната програма „научници во ризик“, која спојува голем број академски исклучителни, но политички загрозени научници со оваа нова глобална мрежа и меѓу нив.

ЦЕУ веќе е дел од мрежата на Европски универзитети за општествени науки наречена ЦИВИКА, која ја води Институтот за политички науки (Sciences Po) во Париз и ја вклучува Лондонската школа за економија. ЦИВИКА го доби конкурсот спонзориран од Европската Унија на кој се бараше членовите на конзорциумот да соработуваат не само во областа на образование, туку и во областа на граѓански и меѓународен досег. МУОО, преку ЦЕУ и Бард, спроведува пионерски акции во овие полиња и ние се надеваме дека членовите на ЦИВИКА ќе се заинтересираат да се приклучат на МУОО, со што ќе се создаде вистинска глобална мрежа.

За да ја покажеме нашата посветеност на МУОО, на оваа мрежа ѝ доделуваме една милијарда долари. Сепак, не можеме сами да изградиме глобална мрежа, за тоа ни требаат партнерски институции и поддржувачи од целиот свет кои ќе се приклучат на оваа заложба.

Бараме партнери со далекосежна визија кои чувствуваат одговорност за иднината на нашата цивилизација, луѓе кои се инспирирани од целите на УМОО и кои сакаат да учествуваат во нејзиниот дизајн и реализација.

МУОО ја сметам за најважниот и најдолготрајниот проект на мојот живот, и сакам да видам тој да се спроведува додека сè уште сум тука. Се надевам дека оние кои ја споделуваат оваа визија ќе ни се приклучат во заложбата тоа да стане реалност.

Благодарам.

—————————————————

27 јануари 2020