Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Добро е да се биде тука. Благодарам. Сметам дека ова е вистинското место за дискусија како да се спаси Европа. 

Европската Унија минува низ егзистенцијална криза. Сè што можеше да тргне наопаку навистина се случи. Прво, накусо ќе објаснам како тоа се случи, а потоа ќе зборувам за она што може да се направи за да се сврти трендот во друг правец. 

Во мојата младост, мала група на визионери предводена од Жан Моне ја трансформираше Европската заедница за јаглен и челик во Европски заеднички пазар, и потоа во Европска Унија. Луѓето од мојата генерација беа ентузијастички поддржувачи на тој процес.

Јас лично на Европската Унија гледав како на отелотворување на идејата за отворено општество. Таа беше доброволна асоцијација на рамноправни држави кои ги здружија силите и жртвуваа дел од својот суверенитет за заедничко добро. Идејата за Европа како отворено општество продолжува да ме инспирира.

Сепак, се чини дека од финансиската криза во 2008 година наваму Европската Унија го загуби својот пат. Таа усвои програма за фискално штедење којашто доведе до криза на еврото. Тоа ја трансформираше Еврозоната во однос меѓу кредитори и должници, каде кредиторите ги утврдуваат условите што должниците треба да ги исполнат. Должниците не можеа да ги исполнат овие услови што, пак, создаде однос кој не е ниту доброволен ниту рамноправен. 

Како резултат на тоа многу млади луѓе денес Европската Унија ја сметаат за непријател кој ги лиши од работни места и просперитетна иднина. Популистичките политичари ги искористија овие чувства на огорченост и формираа анти-европски партии и движења. 

Потоа се случи бегалската криза во 2015 година. На почетокот, многумина сочувствуваа со маката на бегалците кои бегаа од политичка репресија или граѓанска војна, но не сакаа нивниот секојдневен живот да биде нарушен преку распад на социјалните служби. Тие беа разочарани и од неуспехот на властите да се справат со кризата. 

Кога тоа се случи во Германија, партијата „Алтернатива за Германија“ ги зајакна своите позиции и прерасна во најголемата опозициска партија. Неодамна, Италија доживеа слично искуство со многу пострашни политички реперкусии: анти-европските партии за малку ќе ја преземеа власта. Италија сега се соочува со избори во ситуација на политички хаос.

Навистина, цела Европа беше погодена од бегалската криза. Кризата ја искористија дури и бескрупулозните лидери од земјите кои едвај прифатија мал број бегалци. Во Унгарија, својата кампања за реизбор Виктор Орбан ја втемели на лажни обвинувања против мене дека планирам да ја преплавам Европа, вклучително и Унгарија, со муслимански бегалци. 
Денес тој се претставува како бранител на неговата верзија за Христијанска Европа која ги предизвикува вредностите врз кои е основана Европската Унија. Тој се обидува да го преземе лидерството на христијанско-демократските партии кои имаат мнозинство во Европскиот парламент. 

Во последните недели, не само Европа, туку целиот свет е шокиран од потезите на претседателот Трамп. Тој еднострано се повлече од спогодбата за нуклеарно оружје со Иран, со што ефективно го уништува трансатлантскиот сојуз. Овој развоен момент ќе стави дополнителен притисок од непредвидливи размери врз веќе опколената Европа. Повеќе не станува збор за фигуративен говор кога се вели дека Европа минува низ егзистенцијална криза; тоа е суровата реалност. 

Што може да се направи за да се спаси Европа? 

Европа се соочува со три големи проблеми: бегалската криза; територијалната дезинтеграција претставена преку Брегзит; и политиката на штедење која го попречува економскиот развој на Европа. Можеби најдоброто место да се почне со решавање на проблемите е бегалската криза да се стави под контрола. 

Јас секогаш се залагав распределувањето на бегалците во рамки на Европа да биде на целосно доброволна основа. Државите-членки не треба да бидат принудени да прифаќаат бегалци доколку не сакаат и бегалците не треба да бидат принудени да се населуваат во земји каде не сакаат да одат. 

Принципот на доброволност треба да биде водилка на миграциската политика на Европа. Европа мора итно да ја реформира или да ја укине таканаречената Регулатива од Даблин, која стави неправеден товар врз Италија и врз другите медитерански земји, со катастрофални политички последици. 

ЕУ мора да ги штити своите надворешна граници, но и да ги остави отворени за легални мигранти. За возврат, државите-членки не смеат да ги затворат нивните внатрешни граници. Идејата за „Тврдина Европа“ која е затворена за политички бегалци и економски мигранти претставува прекршување на европското и на меѓународното право и, во секој случај, таа е целосно нереална. 

Европа сака да ѝ помогне на Африка (и на другите делови од неразвиениот свет) преку значителна помош за демократски ориентираните режими. Таквата помош ќе им овозможи да обезбедат образование и вработување за нивните граѓани. На тој начин, помалку веројатно е тие да ги напуштат своите земји, а оние кое веќе си заминале нема да се квалификуваат како бегалци. Во исто време, европските земји можат да примат мигранти од овие и од други земји за да ги исполнат своите економски потреби преку редовен процес. На тој начин, миграцијата ќе биде доброволна и за мигрантите и за државите кои ги примаат. Ваков „Маршалов план“ би помогнал и во намалување на политичките бегалци, преку зајакнување на демократските режими во неразвиениот свет. 

Денешната реалност е многу далеку од овој идеал. Прво и најважно, Европската Унија сѐ уште нема унифицирана миграциска политика. Секоја држава-членка има своја политика, која честопати е спротивна на интересите на другите држави. 

Второ, главната цел на повеќето европски земји не е негување демократски развој, туку искоренување на протокот на мигранти. Тоа пренасочува голем дел од расположливите средства кон нечесни зделки со диктатори, преку поткупување за тие да ги спречат мигрантите да минат низ нивната територија или за да користат репресивни мерки за да ги спречат своите граѓани да заминат од нивните земји. На долг рок, ваквата ситуација ќе генерира уште повеќе политички бегалци. 

Трето, постои жален недостиг на финансиски ресурси. Ние проценуваме дека спроведувањето на еден значаен Маршалов план за Африка би наложил средства во износ од најмалку 30 милијарди евра годишно, за период од неколку години. Државите-членки би можеле да придонесат само мал дел од овој износ, дури и кога тие би биле подготвени да го сторат тоа. 

Тогаш, како може да се финансира еден таков план? Важно е да се признае дека бегалската криза е европски проблем на кој му треба европско решение. Европската Унија има висок кредитен рејтинг, а нејзиниот капацитет за зајмување во голема мера останува неискористен. Кога би требало тој капацитет да се искористи, ако не во време на егзистенцијална криза? Низ историјата, националниот долг секогаш растел во време на војни. Мора да се признае дека зголемувањето на националниот долг е спротивно на доминантната зависност од штедење, но политиката на штедење беше фактор кој придонесе за кризата во која се наоѓа Европа. 

До неодамна можеше да се аргументира дека штедењето функционира и дека мора да се продолжи со таквата политика бидејќи европската економија бавно се подобрува. Но ако гледаме напред, ние се соочуваме со прекин на договорот за нуклеарно оружје со Иран и со уништување на трансатлантскиот сојуз. Тоа неизбежно ќе има негативен ефект врз европската економија и ќе предизвика други поместувања. Силата на доларот веќе води до повлекување на капиталот од новонастанатите девизни пазари. Ние можеби веќе се движиме кон уште една голема финансиска криза. Економскиот стимул од Маршалов план би требало да даде резултати во вистинскиот момент. 

Тоа ме натера да подготвам неконвенционален предлог за финансирање на овој план. Нема да одам во многу детали, но сакам да истакнам дека предлогот содржи генијален механизам кој би требало да ѝ овозможи на Европската Унија да зајмува пари од пазарот под поволни услов и стапки, без да создаде директна обврска за себе или за нејзините држави-членки. Исто така, тоа нуди и значителни сметководствени придобивки. Освен тоа, иако станува збор за неконвенционален предлог, тој веќе бил успешно применет во други контексти, воглавно во однос на општински обврзници во САД и за итно финансирање за спречување заразни болести. 

***

Сепак, мојата главна поента лежи во фактот дека егзистенцијалната криза веќе не претставува фигуративен говор, туку сурова реалност.  Европа мора да направи нешто драматично за да ја избегне таа криза. Таа мора повторно да се преобмисли. 

Токму тоа претседателот Макрон сакаше да го иницира предлагајќи го она што тој го нарекува граѓански консултации. Оваа иницијатива треба да биде изворно локална заложба. Трансформацијата на Заедницата за јаглен и челик во Европска Унија претставува заложба одгоре-надолу и таа навистина направи чуда. Но, времињата се сменија. Обичните луѓе се чувствуваат исклучени и игнорирани. Сега ни треба колаборативна заложба која го комбинира приодот одгоре-надолу на европските институции со иницијативите оддолу-нагоре кои се неопходни за да се активира електоратот. 

***

Веќе споменав дека има три големи проблеми. Веќе зборував за два од нив: миграцијата и штедењето. Ни останува уште територијалната дезинтеграција преку примерот на Брегзит. Сега немам време да ги елаборирам и другите примери, посебно оние на Балканот. Тоа ќе го направам во посебен напис кој ќе биде објавен следната недела. 

Брегзит е исклучително штетен процес, со последици за двете страни. Најголемиот дел од штетата се чувствува сега кога Европската Унија минува низ егзистенцијална криза, но нејзиното внимание е преокупирано со преговорите околу договорот за сепарација со Британија. Таквата ситуација е губитничка за двете страни, но би можела да се претвори во вин-вин ситуација. 

Разводот ќе биде долг процес, и веројатно ќе одземе повеќе од пет години. Во политиката пет години се цела вечност, посебно во револуционерни времиња како денешницата. На крајот останува Британците да одлучат што тие сакаат да прават. Јас претпочитам ако тие се договорат за одлуката порано отколку подоцна. Тоа е и целта на иницијативата со име „Најдоброто за Британија“ која јас ја поддржувам. 

„Најдоброто за Британија“ се бореше и издејствува гласање во парламентот кое вклучува опција земјата воопшто да не излезе од Европската Унија. 

Тоа би било добро за Британија, и би направило голема услуга на Европа преку укинување на Брегзитот и преку избегнувањето на создавање дупка во европскиот буџет која тешко ќе се пополни. Сепак, британската јавност мора да ја искаже својата поддршка со убедливо мнозинство за да биде сериозно сфатена од Европа. Токму тоа е целта на иницијативата „Најдоброто за Британија“, која го активира електоратот. Таа ќе го објави својот манифест во следните неколку дена.

Економските причини за останување членка во ЕУ се силни, но ќе треба време за тие да се прифатат. За тоа време, ЕУ треба да се трансформира во асоцијација во која земји како Британија би сакале да се приклучат,  со цел да ги зајакне политичките причини. 

Таквата Европа ќе се разликува од сегашните аранжмани во два клучни аспекти. Прво, таа би направила јасна разлика меѓу Европската Унија и Еврозоната. Второ, таа би признала дека еврото има многу нерешени проблеми и дека не смее да се дозволи тие да ја уништат Европската Унија. 

ЕУ се раководи според застарени спогодби кои пропишуваат дека од сите држави-членки се очекува да се приклучат на еврото доколку и кога ќе се квалификуваат за тоа. Тоа создаде апсурдна ситуација во која земји како Шведска, Полска и Република Чешка јасно ставија до знаење дека тие немаат намера да се вклучат во еврото, но сѐ уште се опишуваат и се третираат како „држави кои само што не го прифатиле еврото“.

Ефектот од тоа е чисто козметички. Тоа ја претвори ЕУ во организација во која Еврозоната го претставува внатрешниот круг, а другите членки се ставени во подредена ситуација. Тука во игра влегува и една скриена претпоставка, а тоа е дека различни држави-членки можеби се движат со различна брзина, но сите тие се движат кон истата дестинација. Ваквото размислување доведе до тврдењето за „потесна унија“ што беше експлицитно одбиено од одреден број земји. 

Таквото тврдење мора да се напушти. Наместо Европа со повеќе брзини, ние треба да целиме кон „Европа со повеќе патеки“ која ќе им овозможи на државите-членки поширок спектар на опции. Тоа би имало далекусежен позитивен ефект. Во моментов, ставовите кон соработката се негативни: државите-членки сакаат да го зацврстат својот суверенитет наместо да се откажат од уште еден дел од него. Но, доколку соработката произведе позитивни резултати, ставовите може да се подобрат и одредени цели, како одбраната, кои во моментов најдобро се постигнуваат преку коалиции на државите кои се подготвени за тоа може да се квалификуваат за универзално учество. 

Суровата реалност може да ги натера државите-членки да ги стават настрана своите национални интереси во интерес на зачувување на Европската Унија. Токму тоа претседателот Макрон го бараше во неговиот говор од Ахен и тој беше внимателно поддржан од канцеларката Меркел која е болно свесна за опозицијата со која се соочува на домашен терен. 
Доколку Макрон и Меркел успеат и покрај сите пречки, тие би го продолжиле она што го постигнаа Жан Моне и неговата мала група на визионери. Како што веќе реков, таа мала група мора да биде заменета со голем прилив на локални про-европски иницијативи. Јас и мојата мрежа на Фондации Отворено општество ќе направиме сѐ што е во наша моќ да ги поддржиме таквите иницијативи. 

Благодарам.

—————————————————

29 мај 2018