Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Автор: Билјана Николовска

Помеѓу една третина и една половина од позитивно решените апликации во Европскиот суд за човекови права во Стразбур против Македонија во последните пет-шест години се однесуваат на кршење на одредбите од членот 6 на ЕКЧП кои гарантираат фер и правични судски постапки како основно човеково право. Реакцијата на надлежните на ваквата состојба е силна на зборови, а млака и инертна во практиката

Проблемот со примена на правична судска постапка на обвинетите во кривичните, но сè почесто и во граѓанските постапки пред домашните судови на сите нивоа е согледан одамна, нашето истражување потврди дека тој е присутен и во последните години, но и покрај воочувањето и вербалната волја да се подобри состојбата од страна на надлежните, промените во практика се остваруваат со брзина на полжав.

Сите извори кои ги консултиравме, без исклучок, го знаат проблемот, јасно им е и што треба да се стори, поднесени се и иницијативи за измена и на законодавството и за дополнителни обуки на сите одговорни страни за судските постапки, но грешките, не само статистички гледано, се повторуваат секоја година.

А, во практика бројките не се само студена статистика, туку страшни човечки судбини поради што, не ретко, и буквално се губат животи, се распаѓаат семејства, виновни остануваат на слобода, а невини венеат во затворите.

ПРВ СЛУЧАЈ: ДАЛИ ЕРХАН МАМУТИ Е ОГРАБУВАЧ НА БАНКА?

„Каде се парите, дајте ги парите“ – oва се зборовите кои ги слушнале четворицата вработени во „Халк банка“ утрото на 3.11.2017 г., околу 9.25 мин., на улицата „Бутелска бб“ во Скопје. Тој петок наликувал како и сите претходни, барем за банкарските работници Рашид Беќировски, Ана Гаќидова, Њомза Шабани и Маја Еленска. Но, за миг се случило нешто што ќе го паметат трајно.

Тројца маскирани со фантомки на главите, од кои двајца вооружени со пиштол, влегле во експозитурата и барале плен. Прв в раце им паднал вработениот Рашид Беќировски, при што, удирајќи го по главата и телото, разбојниците го одвлекле до двата шалтери. Од фиоките, но и од сефот на банката одзеле 1.150.000 денари, и дополнително уште 50.000 денари од клиентот Жарко Ливриниќ, кој влегол во банката да го уплати дневниот пазар (вкупно околу 19.500 евра, н.з.). Акцијата на разбојниците била многу брза, по што тие побегнале во непознат правец, а покрај луѓето во банката, за тоа сведочат и снимките од безбедносните камери.

Ова е само мал дел од описот на обвинението што го пишувал обвинителот Расим Дреца против еден обвинет за разбојништво чиј идентитет го утврдил, а тоа е Ерхан Мамути. Другите двајца рабојници се Н.Н. лица, оти Обвинителството не можело да го утврди нивниот идентитет.

Предметот се водел во Основниот кривичен суд Скопје, пред Судечкиот совет на чие чело била судијката Софија Лаличиќ. Првостепениот епилог е затворска казна од 10 години за Мамути, пресуда која еднаш била вратена од Апелациониот суд Скопје, по што, истата 10-годишна казна по втор пат е потврдена и од Врховниот суд на РСМ. Во моментов, Мамути ја издржува затворската казна.

Но, овој судски процес оди пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Членот 6 од Европската конвенција за заштита на човекови права, пропишал дека секој човек има право на правична судска постапка, а токму ова е основата за напишаната апликација до Судот која ја составија двајцата адвокати на осудениот, Асмир Алиспахиќ и Ибрахим Бајрами.

„Јас од Стразбур очекувам по нивната одлука случајот да се врати на повторно судење или да се укине сегашната пресуда. Јасно е, овде се вмешани многу луѓе, да почнеме од обвинителот, па и судијата“, ни изјавиЕрхан Мамути, осудениот за разбојништвото. Мамути го сретнавме во затворот во Идризово, каде веќе четврта година ја отслужува 10-годишната казна затвор.

Одбраната констатирала неколку повреди

На седница одржана на 8 јули 2020 г., Врховниот суд ја потврдил пресудата, странките ја добиле во септември, а адвокатите ја испратиле апликацијата во Стразбур во март 2021 година и во неа нотираат повеќе повреди. Главната основа за жалбата до Стразбур е клучниот сведок во истрагата, Јетон Беришa, човек кој бил уапсен како можен осомничен за грабежот. Но, само за неколку часа во станица неговото својство се менува и на „чудесен“ начин, велат нашите соговорници, од осомничен станува сведок.

Тој е единствениот кој пред полициските инспектори извршил и препознавање. Но не во живо, (да го гледа осомничениот Мамути), туку само на снимките од видеокамерите, каде на само две секунди еден од разбојниците си ја поттргнува фантомката од лицето и гледа кон камерата.

„Јетон Бериша, во оние законски 24 часа, од осомничено лице добива статус на сведок. Законската регулатива е јасна, дека не можете да имате две својства за еден настан. Тоа значи дека може да бидете повикани во својство на сведок или да сте лишени од слобода како осомничено лице“, вели Алиспахиќ.

Во службената белешка на полицијата, Бериша е приведен како осомничен за разбојништво и има претрес на неговиот дом, но инспекторите разговарале со него и утврдиле дека не е сторител на делото. Кога ги гледал видеоматеријалите на камерите за човекот кој ја трга фантомката, рекол дека сто насто е убеден дека е Ерхан Мамути. Но, Бериша на судењето бил сведок на одбраната, па во судницата тврдел дека таквото препознавање го сторил под присила, дека Мамути не го познава и дека тоа не е неговиот потпис.

Подобар вештак од вештаците во МВР?

Во прилог на ваквата изјава на Бериша можеби оди и неизбежниот логички заклучок дека излегол подобар вештак дури и од вештаците на МВР. Како доказ на Обвинителството изработено е вештачење во кое експертите за крим-техника не можеле да препознаат ниту еден од тројцата разбојници. Свое вештачење барала и одбраната, на што, според Законот за кривична постапка (ЗКП), има право, но судијката не одобрила. Според адвокатите, образложението било дека не може да се направи оти нема регистрирано фотограмерист во националната групација на судски вештаци, таков има само МВР. Тоа е истиот кој веќе го направил вештачењето за Обвинителството, која е спротивна странка во случајот.

„При повторената постапка кога предметот беше вратен од Апелациониот суд и по инсистирањето за изработка на такво вештачење, во таа фаза предлогот ми се одби како неоснован. Со ова сметам дека е повредено правото на еднаквост на оружјата“, вели адвокатот Алиспахиќ.

Нов адвокат – нова повреда на ЗКП и ЕКЧП

На 04.09.2019 година, при повторената постапка во Кривичниот суд, адвокатот Асмир Алиспахиќ го откажува полномоштвото за обвинетиот и процесот по два дена го презема друг бранител, Ибраим Бајрами. Тој бара најмалку 15 дена за да се запознае со случајот и тоа е законскиот минимум, а од Судот добива само дванаесет. Но, реално, имал само два дена. Списите од предметот ги добил десеттиот ден од 12-те, по што е закажано и рочиштето. Во тој момент судењето е речиси во завршна фаза.

„Причината зошто Судот не ми го дозволи законскиот рок за подготовка на одбраната е затоа што на обвинетиот веќе му истекуваше рокот за законски притвор од една година по стапување на сила на обвинението и судот сакаше по секоја цена обвинетиот да го задржи во затвор“, вели Ибраим Бајрами, адвокатот на Мамути.

Се обидовме да добиеме одговори и од Основното јавно обвинителство – Скопје и обвинителот Расим Дреца и од Кривичниот суд и судијката Лаличиќ. Судот не одговори, судијката Лаличиќ, пак, не сакаше да си ја коментира сопствената пресуда, за која само напомена дека е потврдена и од Врховниот суд.  Обвинителот Дреца преку прес-службата на Обвинителството одговори дека не направил притисок врз сведокот, дека сведокот извршил препознавање кое е во согласност со член 220 став 3 од ЗКП, кој предвидува присуство на обвинител кој извршил разговор и во него сведокот се изјаснил со „100 процентна сигурност дека пријавениот е лицето на видеоснимките“. Во наведениот предмет обвинителот постапувал исклучително професионално, се вели во одговорот на Обвинителството.

За тоа дека веќе е испратена апликација до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, сите инволвирани велат дека секој граѓанин го има тоа право.

Еден грабеж, тројца разбојници на видеокамера, а досега откриен еден. Две лица се Н.Н. и како такви се водат до денес. Случајот може да се дозаплетка бидејќи осудениот Мамути ни изјави дека се сомнева дека има признание на делото од сосема друг сторител кој е во бегство, а надлежните го кријат. Овој случај се актуализираше и поради разрешувањето на судечкиот судија, Сафија Лаличиќ, која во текот на постапката го казнила адвокатот Алиспахиќ за тоа што против неа напишал статус на Фејсбук, нарекувајќи ја „сваровски судија“.

ВТОР СЛУЧАЈ: ДАЛИ МЕМЕД АЛИОВ Е ВИСТИНСКИОТ ПЕДОФИЛ?

Случајот е воден во Основниот суд Велес, во кој е осуден Мемед Алиов на 12-годишна затворска казна за полов напад врз дете кое не наполнило 14 години. Но, интересно е тоа што со писмен извештај за извршен телесен и гинеколошки преглед се утврдени стари раскини на хименот кај наводно силуваното девојче, а не е докажано ниту присуство на сперма на Алиов. Психијатриското вештачење утврдило дека таа не била сексуално злоупотребена од обвинетиот и кај неа не се пронајдени никакви последици, односно траума од настан.

Најспорно било вештачењето кое покажало дека ДНК-профилот на Y хромозомот од вагиналниот брис земен од оштетената А.Н. е на обвинетиот Алиов, но според вештаците, во македонската популација тој профил е застапен со 1 на 627 лица, што пак, ја истакнува веројатноста некој друг маж по случаен избор да има ист профил со осомничениот, а може да се јави кај сите машки потомци по таткова линија. Според вештакот Рената Јанкова Ајановска вештачењето било со умерена доказна сила и со него не може сто насто или со висок степен на сигурност да се утврди дека обвинетиот е сторител на кривичното дело. Не биле земени предвид фактите што во текот на постапката не се најдени траги на сперма, нема траги на насилство и дека се утврдило дека ДНК не се пренесува само со сексуален однос, туку и со допир, а ја има во сите секрети на организмот.

На повтореното судење истите вештаци го отвориле и прашањето дека сторител може да биде кој било член од фамилијата, а дополнително дека трагите од долната облека на девојчето би можеле да се и од нејзината мајка, со оглед на тоа што во текот на постапката не се докажало кому  точно му припаѓаат. Сепак, 12-годишната затворска казна била потврдена, а само поради техничка грешка на адвокатот, Судот за човекови права во Стразбур ја отфрлил апликацијата.

ТРЕТ СЛУЧАЈ: КЕЖАРОВСКИ, СÈ УШТЕ, Е ПОРАНЕШЕН ОСУДЕНИК ЗА ОТКРИВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКА МЕСТЕНКА

Сличен беше случајот и со новинарот Томислав Кежаровски, кој беше обвинет и осуден дека открил идентитет на заштитен сведок во случајот со убиството во велешкото село Ореше. Во момент кога ја истражуваше смртта на неговиот колега Никола Младенов, неповрзано со случајот во Ореше, наместо да дојде до вистината, заврши в затвор.

И Кежаровски во текот на судскиот процес се обиде да даде низа докази со кои се оспоруваше дека сведокот чиј идентитет наводно го открил не бил ниту заштитен, ниту загрозен, туку лажен сведок на тајната полиција. Ослободителната пресуда на судот во Велес, кој го водеше случајот за убиството на старецот, тој ја протолкува како доказ за неговите тврдења и бараше одговорност од судиите кои го осудија. Врховниот суд ја укина пресудата и го врати случајот на повторно судење, Кежаровски беше ослободен од притвор под притисок на јавноста, а во меѓувреме настана застарување на делото.

Сепак, во судската и другите архиви во земјава, засекогаш ќе остане запишано дека новинарот беше осуден на 4 и пол години казна затвор од страна на македонските судови за објавен новинарски текст, при што, не така мал дел од ова време Кежаровски го одлежа в притвор.

Правична судска постапка е основно човеково право

Што покажуваат примерите од нашето истражување? Цивилизациска придобивка, препознаена како основно човеково право, е дека секој човек има право на правична судска постапка.  Зашто од таквата постапка може да зависи крајниот епилог на еден судски процес и на човечки судбини. Токму ова право го гарантира членот 6 од ЕКЧП, која ја има ратификувано и Република Северна Македонија. Со ова, согласно Уставот на РСМ и законите, судовите имаат обврска да ја применуваат.

Конвенцијата како ратификуван меѓународен акт, има поголема правна сила од националните закони, вклучувајки го и ЗКП, па обврската на судовите за примена на ЕКЧП постои и тогаш кога националните закони, како ЗКП, во некои членови можеби се во колизија со ЕКЧП, како и тогаш кога некое прашање не е доволно прецизно уредено со нашите закони, по што би требало да се применуваат правата што произлегуваат од ЕКЧП. Со Конвенцијата се гарантира правото на еднаквост на оружјата и фер судење, па судовите во РСМ имаат обврска да го применуваат начелото на еднаквост на оружјата, а за тоа имаат и правен основ не само во ЕКЧП туку и во ЗКП, каде исто така е запишана таквата обврска.

Но, токму на начелото на еднаквост на оружјата и правото за фер судење, многу често се жалат и обвинетите и одбраната. Во практика, не секогаш тие се во еднаква положба со обвинителствата. Најчесто повредата настанува при прибавување на докази, од причини што често не располагаат со материјални средства, авторитет, ниту пак, со техника и технологија со која располага ЈО. Кога станува збор за вештачењата, тие чинат многу, особено во постапки за сериозни казнени дела. Ова се потврдува и во дел од истрагите и судењата за делото убиство, каде, не ретко, се поставува бранител по службена должност, бидејќи обвинетиот нема финансии сам да ангажира бранител, а не, пак, да плати за вештачење.

Дополнителен проблем за остварување на правата од ЕКЧП, поточно од членот 6, е и Законот за вештачења, кој ја ограничува можноста да се ангажираат како вештаци стручни лица кои не поседуваат лиценца за вештачење, а имаат познавања од дефицитарни области, како на пример балистички вештачења, графолошки вештачења или анализи на ДНК-материјал. Во овие случаи доколку расположливиот вештак биде ангажиран од страна на ОЈО, за одбраната веќе не постои законска можност да спроведе свое вештачење.

Слабостите на ЗКП констатирани и од адвокатите и од судиите

Според Адвокатската комора на РСМ, надлежностите и правата на учесниците при постапување во кривичната постапка е регулирано со ЗКП, усвоен уште во 2010 година. Но, сè до денес, при неговата примена од страна на адвокатите се воочени повеќе недоречености и лоши одредби поради што е поведена иницијатива, и е во тек, постапка за измени и дополнување на одредбите во односниот Закон.

 Дека во практика, особено при обезбедување докази, во понеповолна состојба е одбраната, потврдува и судијката Габриела Гајдова, која води кривични предмети во Основниот суд Велес, и која држи низа обуки на темата начело за еднаквост на оружјата. Гајдова смета дека е нужно да се интервенира и во ЗКП и во Законот за вештачења, но потенцира и потреба од знаење кај сите учесници:

„Она што е многу значајно е и потребата судот секогаш да дава аргументирани образложенија за тоа зошто одлучил на определен начин. А за да се постигне сето ова, нужно е да се врши и обука на сите учесници (ОЈО, адвокати, судии) за еднаквоста на оружјата и фер постапка во светлината на чл. 6 од ЕКЧП, за да бидат доволно едуцирани, од една страна, да го почитуваат тоа начело, а од друга, да се избегнат паушални напади врз судиите дека го повредуваат начелото на еднаквост на оружјата и фер постапка“,вели Гајдова.

„Треба да се напомене дека јавното обвинителство раководи со предистражната и истражната постапка, дава наредби и насоки. Тоа значи дека, според поставеноста на јавното обвинителство во кривично-правниот систем, тоа е единствен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела, кои се гонат по службена должност. Но и при ваква системска поставеност на јавното обвинителство и бранителите и осомничените имаат овластувања во текот на претходната постапка да прибираат докази за подготвување на одбраната. По започнување на главната расправа и на кривичната судска постапка, јавниот обвинител и обвинетиот со неговиот бранител, имаат еднакви процесни права, а за остварување на тие права се грижи судот и со тоа, според обвинителството, во кривичните постапки во целост се почитува принципот на фер судење и еднаквост на оружјата“.

Јавно обвинителство: Судот е тој кој се грижи за фер и правично судење. Од Обвинителството не гледаат дека имаат поповолна позиција или дека го кршат ЗКП во однос на правата што ги има одбраната и нагласуваат дека крајниот збор за остварување на овие права сепак го имаат судовите.

Повредите потврдени и преку мониторингот на Коалицијата

Судовите во земјава не водат евиденција за тоа колку, на годишно ниво, од случаите во кривични постапки им се враќаат на повторно судење од повисоките судови кога станува збор за повреда на постапката и начелото за еднаквост на оружјата и правото на правично судење. Претставници на Коалицијата „Сите за правично судење“ со години постојано се во судница и следат кривични судски постапки кои се од повисок интерес за јавноста.

Од нивното искуство како позначајни повреди во самата постапка би ги издвоиле повредата на начелото за еднаквост на оружјата во предметот во јавноста попознат како „Труст“, во кој предмет беше јавната набавка за ископ на јаловина и јаглен во рудникот „Суводол“. Двете забелешки на Коалицијата биле за недоставена листа на докази до одбраната кои некогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) ги предлагало и тоа што Судот не дозволил исти сведоци предложени од СЈО, да бидат предложени и од страна на одбраната.

Во предметот во јавноста познат како „Рекет“, кој беше пресуден за предвремениот крај на СЈО, исто така е констатирана повреда на принципот на еднаквост на оружјата. Дел од доказите при поднесување на обвинението, односно вештачењата, не биле изготвени, а како резултат на тоа, одбраната не била во можноста да се запознае со сите докази кои се ставаат на товар во моментот на поднесување на обвинението. Покрај тоа, на одбраната не ѝ била дадена можност да добие копија од списите на предметот кои се чуваат во ЈО. Тие можеле само да направат препис на доказите што се ставаат на товар на обвинетите на самото место – ни посочија  од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Системскиот мониторинг на Коалицијата покажал дека и до 2020 година, со исклучок на 2018 г. кога имаше нагло покачување на овие реакции, се бележи константен тренд на поплаки од страна на одбраната, кои се однесуваат на немање адекватни услови за подготовка за предметот. Од дадените реакции, одбраната, подеднакво во 22 % од случаите, реагирала на тоа дека не им бил даден пристап до сите докази кои ги прибрало обвинителството, но и дека не им биле доставени доказите кои биле побарани од други органи.

Коалицијата „Сите за правично судење“: Практиката е загрижувачка, промените во неколку сегменти од правосудството се нужни.

„Загрижува практиката на јавните обвинители да не ги споделуваат сите докази со одбраната сè до поднесување на обвинителниот акт или предлог, како и рестриктивното толкување на одредбите од ЗКП, дека обвинетиот може да направи увид во списите на предметот, но само оние кои јавниот обвинител ќе одреди дека се од значење за обвинетиот. Потребно е да се зајакне работењето на кривичните совети и правилната примена на оцената на обвинителниот акт. На овој начин, голем број од проблемите детектирани со ’еднаквоста на оружјата‘ и адекватното време за подготовка на одбраната би биле соодветно адресирани уште пред започнување на главната расправа, со што би се овозможил нејзин непречен тек. Потребно е да се направат чекори во насока на подобрување на положбата на одбраната во фаза на истрага, особено во поглед на спроведување на сопствена истрага и прибирање на докази и искази на сведоци, на речиси идентичен начин како и обвинителството“, пишува во анализата.

Во „Системскиот мониторинг на кривичните судски постапки“ кој го изготвила Коалицијата „Сите за правично судење“, меѓу другото се наведува дека дури во 22 % од 288 кривични постапки кои биле набљудувани во 2020 година, на одбраната не ѝ бил даден пристап до доказите на обвинителството и во 22 % не им биле доставени докази побарани од други органи.

Статистиката од Меѓународниот суд во Стразбур го потврдува проблемот

Ако се погледнат годишните извештаи на Бирото за застапување на РСМ пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, состојбата е ваква:

Но, во последниот извештај на Бирото е наведено дека многу од предметите кои стигнале до Стразбур се однесуваат за непристрасноста, начелото на еднаквост на оружјата во судска постапка, како и отсуство на правна сигурност. Овие факти се поврзуваат не само со кривични туку и со граѓански постапки.

Вообичаените износи што треба да ги плаќа државата како отштета за непочитување на правото за правична постапка не се големи, но бидејќи се голем број предмети, даваат повисоки вкупни износи. Последен добиен познат случај за правото на правично судење против земјава во Европскиот суд за човекови права е „Љубе Бошкоски против РСМ“. Судот во Стразбур утврдил дека во текот на целото судење за случајот „Кампања“ имало „недостиг на правичност“ поради што пресуди да му бидат исплатени 4.500 евра за нематеријална штета и 1.220 евра за трошоци и расходи. Но, поважно од овој симболичен материјален износ, Бошковски со пресудата во Стразбур успеа годинава од Кривичниот суд во Скопје да добие повторено судење на процесот, кој тогаш заврши со петгодишна затворска казна за него.

Џонова: Престрого е да се каже дека нашите судови не се правични.

„Не можам да извлечам оценка дека домашните судови не се правични, тоа би било престрого и паушално. На ниво на сите поднесени апликации до Европскиот суд, во доминантната судска практика сепак се однесува на членот 6 од ЕКЧП. Мислам дека е многу важно да се разбере дека повредата најчесто произлегува од начинот на примена на домашното законодавство или негова интерпретација. Но, понекогаш, повредата може да произлегува и од самото законодавство“, велиДаница Џонова, раководител на Бирото за застапување на РСМ пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Измените бавни како полжав

Во текот на постапувањето судот не смее да фаворизира ниту една странка, бидејќи улогата на судот е да биде независен арбитар што одлучува кои факти се сметаат за докажани врз основа на изведените докази во текот на постапката. Ниту смее да има солидарност кон јавниот обвинител, ниту смее да прогледува низ прсти на одбраната. Но, и покрај тоа што и АКРМ, која уште во 2018 година дала писмени предлози за измени на конкретни членови од ЗКП, како и дел од експертите – професори кои учествуваат во изработката на законот, се едногласни дека мора да се интервенира за да се дојде до подобро законско решение, сепак, засега, ова стои само на хартија.


Лажетиќ: Oбвинителството е во предност пред одбраната во прибирањето на доказите

„Јавното обвинителство е државен орган, зад којшто стои цел систем од органи што му помагаат да ја оствари неговата уставна задача – единствен орган што гони сторители на кривични дела. Во оваа смисла, тоа е секогаш во „системска“ предност пред одбраната која ја сочинуваат обвинетиот и  неговиот бранител. Ваквата дискрепанција е видлива во делот на можноста за пронаоѓање и прибавување на доказите, можноста на обвинителството да понуди заштита на загрозен сведок со цел да бидат откриени определени докази со кои ќе се утврди (не)вистинитоста на правно-релевантните факти“, вели Гордана Лажетиќ, проф. на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.

Според нив, потребно е допрецизирање на одредбите од ЗКП во неколку сегменти, како на пример, осомничен да може да добие писмено известување за донесена наредба за спроведување истражна постапка веднаш по нејзиното донесување, за начинот како ќе се спроведе увид во списите (со копија од доказите или овозможување нивна скенирана копија), опфатот на вкрстеното и дополнителното испитување, отстапувањето од начелото на непосредност, изведувањето на писмените докази и друго.

Слабостите на македонскиот правосуден систем ја чинат државата и парично преку правосилните пресуди на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и развојно, со неможноста од нејзина интеграција во европското семејство.  Сепак, најголема е штетата врз граѓаните, оти бавната правда или неправда уништува човечки животи и испишува судбини.

***

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.

—————————————————

22 јуни 2021