Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија го почитува правото на сите граѓани да го изразат своето право на протест, но упатува апел до организаторите и лицата кои протестираат да покажат демократски капацитет за одржување мирни протести. Изминативе денови сведочевме демонстрирање насилство на протестите и ширење говор на омраза во јавноста и по социјалните мрежи, коишто го загрозуваат нашето мултиетничко општество, соживотот и безбедноста на државата.

Очекуваме од организаторите и лицата кои протестираат, додека трае дебатата во законодавниот дом, да не дозволат ситуацијата да ескалира во непосакуван правец! Од институциите очекуваме ефикасен одговор и мерки што ќе превенираат и санкционираат насилства, бидејќи не ни требаат нови крвави и црни четвртоци и понеделници!

Сметаме дека нема оправдување за насилни протести, нам ни треба разум, рационалност и мудрост со која ќе покажеме како повеќепати досега дека сме способни како зрело општество да извлечеме максимум во тешки и комплицирани моменти и да ја донесеме правилната одлука за иднината на државата.

Очекуваме во законодавниот дом да видиме аргументирана и конструктивна дебата на спротивставени мислења околу содржината, политичките и техничките аспекти на предлогот, особено аргументирана дебата за тоа што реално добиваме во случај на прифаќањето на преговарачката рамка, односно што е она што ќе го изгубиме со отфрлањето, и се разбира издржани аргументи за тоа кои се предизвиците и како би ги надминале.

—————————————————

14 јули 2022