Потребни беа речиси 25 години за владите во Атина и во Скопје да постигнат
договор за името на субјектот што претходно беше познат како поранешна
југословенска Република Македонија. Би било погрешно овој настан да се смета за
незначителен развоен момент, посебно денес кога единството во рамки на
Северноатлантскиот алијанса го допре најниското ниво по Втората светска војна и
кога единството на Европската Унија е ставено под знак прашање на секои
национални избори.
Всушност, историскиот компромис за преименување на земјата во Република Северна
Македонија, со што се омекнува ривалството околу националните истории, отвора
прозорец на можност за лидерите во Европа и во САД да ги отфрлат моменталните
трендови и да почнат да градат безбедна иднина за државите на Балканот:
достигнување што ќе помогне во обезбедување стабилност за цела Европа.
Макотрпно постигнатиот договор за Македонија сè уште може да биде поткопан.
Регионот е познат по својата трагична историја. Таму започна Првата светска
војна и таму се случи најкрвавиот конфликт во Европа по Втората светска војна.
По насилниот распад на Југославија, изгледите на регионот почнаа да се подобруваат
како што државите се придвижуваат кон членство во Европската Унија и во НАТО.
Словенија и Хрватска веќе се држави-членки на Европската Унија, Црна Гора и
Србија се земји-кандидатки за членство, Албанија може да биде следната, исто
како и Северна Македонија, посебно сега по решавањето на спорот за името.
Сепак, САД и Европската Унија не се единствените играчи во регионот. Русија
јасно стави на знаење дека ќе се вмеша доколку нејзините интереси се загрозени,
посебно кога станува збор за потенцијално членство во НАТО. Таа еднаш го
направи тоа преку неуспешниот пуч во Црна Гора во 2016 година. Претседателот на
Турција, Реџеп Таип Ердоган, се обидува неговото присуство да биде
почувствувано во секоја држава, додека Кина е еден од најголемите инвеститори
во регионот, со амбициозни планови да ги направи државите на Балканот главна
точка на влез во Европа за нејзината иницијатива „Еден појас, еден пат“.
Потребна е решителна акција за спротивставување на овие трендови, но таа нема
да биде лесна. Европската Унија е заморена од проширувањето. Некои од нејзините
најтрнливи проблеми произлегуваат од земјите кои станале членки од 2004 година
наваму: долготрајниот спор за границата меѓу Словенија и Хрватска, присуството
на Турција во Кипар, и најважно, антидемократските акции на Полска и Унгарија.
Минатиот месец францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не смее да
има натамошно проширување на Европската Унија пред Европа да се реформира.
Најголем дел од населението во државите на Балканот сака тесни врски со Западот,
особено членство во Европската Унија. Тоа е случај дури и во релативно
про-рускиот Белград. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, беше дел од
владата на Слободан Милошевиќ за време на бомбардирањето од НАТО во 1999
година, но денес својата политичка оставина ја врзува со амбициите за
интеграција на Србија во Европа. Тој и албанскиот премиер Еди Рама изградија
цврст однос кој, пак, помогна за стабилизирање на регионот.
Една храбра регионална иницијатива за создавање балканска економска унија, моделирана
според законите на Европската Унија, може да ги искористи про-западните амбиции
на овие народи. Таква иницијатива веќе беше поздравена од лидерите во регионот,
посебно од Вучиќ. Дури и неформална унија може да донесе опипливи придобивки за
околу 18 милиони жители во регионот, како и за Европа и за САД, и може да ја
олесни интеграцијата на државите во Европската Унија.
Создавање унија не е нешто што се наметнува, тоа е прашање на избор. Минатиот
јули, државите од Западен Балкан се обврзаа на интензивирање на соработката.
Сега тие мора да ги исполнат ваквите заложби и да создадат заеднички пазар. Тоа
ќе му овозможи на регионот да ги модернизира финансиските пазари и да ги
подобри владините финансии без политички решенија наметнати од Брисел или од Вашингтон.
Слободниот проток на луѓе, добра и капитал може да го направи регионот
попривлечен за инвестиции и да ги зајакне транспортот и инфраструктурата. Тоа
може да создаде повеќе работни места и да помогне во искоренување на
неконтролираното иселување на млади луѓе во Западна Европа.
Подобрување на економијата и владеењето во секоја од овие земји е најдобриот
начин да се изгради длабока и широка политичка поддршка за членство во
Европската Унија. Исто така, тоа ќе ѝ даде опција на Европската Унија да не ги
прима земјите во членство една по една, туку сите заедно како единица којашто
може да биде поусогласена со европските закони и стандарди од некои од
сегашните држави-членки. Ваквата унија ќе помогне да се избегне повторно
распалување на ривалствата во регионот. Исто така, државите ќе можат заеднички
да работат на решавање на најважните политички бариери за влез во Европската
Унија на која било од нив, вклучително и на решавање на територијалните
спорови, корупцијата и организираниот криминал. Во таа смисла, најдолг пат за
изодување имаат Босна и Херцеговина, која останува заглавена во комплицираната
оставина од Дејтонскиот договор, и Косово.
Сепак, решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција претставува историска
можност. И Европа (вклучително и Обединетото Кралство) и САД треба да станат
поентузијастички поддржувачи на ваква економска унија меѓу државите на
Балканот. Таквата унија нема да биде реинкарнација на поранешната Југославија.
Напротив, таа може да биде не толку тесна асоцијација на држави кои се
обединети преку слободна трговија и слободно движење на луѓе и добра, налик на
почетоците на Европската Унија. Поголем просперитет и кохезија меѓу овие држави
ќе ги направи помалку подложни на влијанија – економски, дипломатски или воени
– од Пекинг, Анкара или Москва.
Последиците од непреземањето акција ќе бидат сериозни. Доколку западните сили
не успеат да ги задржат државите на Балканот на нивниот пат кон локална
соработка и евентуално членство во Европската Унија, овие држави ќе бидат
втурнати, и веројатно поделени, во сферите на влијание од Русија, Турција и
Кина, што ефективно ќе доведе до повторно балканизирање на Балканот.
Џорџ Сорос е основач и претседавач на Фондациите Отворено општество. Александар Сорос е заменик претседавач на Фондациите Отворено општество. Извор: www.nytimes.com
—————————————————
18 јуни 2018