КОНЦЕПТ МЕЃУЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО
ПОВИК ЗА УЧИЛИШНИ ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ПОДДРШКА НА МЕЃУЕТНИЧКАТА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО
ЦЕЛ НА ПОВИКОТ:
Поаѓајќи од своите заложби за активно граѓанство и социјална кохезија како предуслови за градење демократско општество, Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) со овој повик има за цел да поддржи проекти на основни училишта во кои наставата се спроведува на повеќе јазици на настава со кои:
• Ќе се поттикнува и унапредува меѓуетничката интеграција во образованието;
• Ќе се поттикнува стимулативна училишна средина во која се разбираат, промовираат и вреднуваат етничките, културните и јазичните различности како предност, место каде сите ученици ќе се чувствуваат добредојдени и ќе имаат можност да ги постигнат своите максимум потенцијали за учество, учење и напредување;
• Ќе се придонесе за позитивна интеракција и за зголемување на директните контакти помеѓу учениците од различни етнички заедници, особено на/со учениците припадници на помалите етнички заедници, обезбедувајќи нивна поголема „видливост“ и учество;
• Ќе се поттикне активно учество и меѓусебна соработка на учениците, наставниците, родителите и локалната заедница во училишниот живот;
• Ќе се промовираат добри пракси на настава, учење и ученичко организирање, вклучително и на подобрувањето на различните системи за поддршка на учениците за учење, како и на различните форми на ученичко организирање.
КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ / ЗА КОГО Е НАМЕНЕТ ПОВИКОТ?
На повикот може да се пријават мултиетнички основни училишта во кои наставата се одвива на повеќе наставни јазици. Предност ќе имаат основни училишта од руралните средини кои се поттикнуваат да иницираат и спроведат проекти со учество на учениците и наставниците од различните јазични паралелки, како и тие што ќе обезбедат вклучување и заедничка работа на учениците и наставниците од централното со подрачните училишта.
Предност ќе имаат исто така основните училишта во кои има настава и на некој од јазиците на малите етнички заедници(турски, босански, српски), како и училиштата во кои најмалку 3 години по ред се реализира и изборен предмет Јазик и култура на Власите и/или Јазик и култура на Ромите.
ИЛУСТРАТИВНИ АКТИВНОСТИ:
Предложените проекти можат да вклучат (но не исклучуваат и други) една или повеќе различни активности, како на пример:
• Заеднички активности во секции и училишни натпревари во знаење и вештини кои ќе ги стимулираат учениците од различни етнички заедници и наставен јазик да се подготвуваат и да учат заедно (на пр. изготвување на повеќејазичен училишен ѕиден весник или весник во дигитална форма, активности на литературна секција, новинарска, драмска, јазична, дебатна, музичка, ликовна, секции по некој од природната група предмети итн.);
• Примена на креативни пристапи во наставата и учењето – интерактивни предавања, заеднички нагледни часови и активности со ученици, менторство од врсници, тематски базирано менторство на ученички проекти (на пр. под менторство на мешан тим од наставници, учениците заеднички работат, истражуваат и учат на една или повеќе теми/прашања низ призмата на еден или повеќе предмети со што се овозможува меѓупредметно поврзување и остварување на јасно дефинирани исти/заеднички меѓупредметни цели и очекувани исходи од учењето);
• Активности на ученичките заедници врзани со носењето одлуки во училиштето како и активности насочени кон подобрување на комуникацијата со/и помеѓу учениците;
• Акциски истражувања за прашања од заеднички интерес на учениците кои следат настава на различни наставни јазици и кои работат под менторство и со поддршка на тим од наставници);
• Активности во кои ќе бидат вклучени и родители и локална заедница (на пр. бојадисување на училиштето/училниците, внатрешно и/или надворешно уредување, исцртување мурали училиштето итн.).
Проектите треба да се реализираат во период од најмногу 5 месеци.
Вкупниот буџет за грантови е 70.000 УСД а максималниот буџет по проект/иницијатива е 4.000 УСД.
КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР
Сите комплетни пријави доставени до крајниот рок за пријавување ќе бидат презентирани пред Управниот одбор кој ќе го направи изборот врз основа на следните критериуми:
1. Проектна идеја (max. 70 поени)
– Квалитет, креативност, иновативност и одржливост на предложените активности, релевантност на потребите и прашањата што се адресирани, број на вклучени ученици, наставници и родители
- Предлог-буџет (max. 30 поени)
– рационалност на буџетот, јасна поврзаност на буџетските ставки со активноститеДоколку процени за потребно, ФООМ го задржува правото да побара дополнителни информации од училиштето потребни за завршување на оценувањето, да побара корекција и/или доработка на предложените проекти, како и да побара дообјаснување или промена на предложените буџетски ставки согласно целите на повикот. Барањето дополнителни информации од некои училишта не подразбира дека истите ќе бидат или дека нема да бидат поддржани. ФООМ исто така го задржува правото да не додели средства доколку процени дека проектите не ги исполнуваат очекуваните стандарди.Училиштето ќе биде одговорно за целокупното програмско и финансиското менаџирање на проектот и за трошењето на доделените средства согласно одобрениот буџет, како и да има обврска да поднесе наративен и финансиски извештај на крајот од проектот.
НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ И ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Носител на проектот и подносител на барањето за поддршка на овој повик треба да биде основното училиште кое се пријавува со:1. Апликација за училиштаза барање проектна поддршка од ФООМ достапна на веб-страницата на ФООМ, www.fosm.mk;
- Писмо за интересво кое училиштето треба на најмногу 3 страници да го образложи интересот на учениците за иницирање и спроведување на ваков проект, да го даде своето разбирање за придобивките од предложениот проект за учениците, наставниците и локалната заедница; да образложи како (и во кој дел) овој проект придонесува за остварување на училишниот развоен план и годишната програма за работа на училиштето прифатена од Советот на општината; како, на кој начин и во кое подрачје од Индикаторите за квалитет на работата на училиштата дефинирани од ДПИ овој проект ќе придонесе за подобрување на работата на училиштето; и слично.
РОК И АДРЕСА ЗА ИСПРАЌАЊЕ НА ДОКУМЕНТАЦИЈАТА:
Доколку имате прашања во врска со конкурсот можете да ги поставите исклучиво по електронски пат најдоцна до 24-ти септември, 2018 следниве е-маил адреси: suzana.pecakovska@fosm.mk и natasa.angjeleska@fosm.mk.
Документацијата треба да се поднесе во печатена форма во 4 идентични копии (еден оригинал со потпис и печат на училиштето и 3 копии) како и електронски на USB меморија (во word и pdf формати) исклучиво по пошта како препорачана пратка (со печат и јасно читлив датум на испраќање) на адреса на ФООМ:
Фондација Отворено општество – Македонија
Бул: „Јане Сандански“ 111, п.фах 378
1000 Скопје
Со назнака: За конкурсот за мали училишни грантови
КРАЕН РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ ПРЕДЛОГ-ПРОЕКТИ е 1-ви ОКТОМВРИ, 2018г.
—————————————————
1 октомври 2018