Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) заедно со своите партнери Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас и Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор објавува повик за ангажирање на околу 30 асистенти за поддршка на ромската заедница во: Битола, Велес, Кочани со Виница, Гостивар, Дебар, Кавадарци, Кичево, Куманово, Неготино, Прилеп, Ресен, Струмица, Штип, и Скопје (Чаир, Кисела Вода и Шуто Оризари). Повикот се објавува во рамки на проектот РЕДОВНО НА ЧАСОВИ: Акција за вклучување на Ромите во основното образование кој е финансиран од Европската Унија. Проектот има за цел да обезбеди стипендии за вклучување што поголем број деца Роми во основното образование и да ги мотивира редовно да ја следат наставата и да се запишат во следните одделенија, како и да обезбеди поддршка на училиштата да ги трансформираат училниците во една поинклузивна средина за учење каде ќе се почитува различноста и каде сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и подеднакво стимулирани да успеат. Времетраењето на проектот е до октомври 2022 година. Повеќе информации можете да најдете на интернет страната на ФООМ и на Фејсбук страната на проектот.
Работни задачи и обврски на асистентите за поддршка на ромската заедница
Проектот обезбедува поддршка на ромската заедница преку ангажирање на асистенти, кои одблизу ќе соработуваат со ромските семејства и училиштата при идентификувањето на децата кои се надвор од образовниот систем, нивно запишување во училиштата, редовно следење на наставата и успешен премин во следните одделенија, како и активно учество во едукативна кампања за придобивките од образованието. Поконкретно, асистентите:
- Ќе присуствуваат на обука на која детално ќе се презентираат обврските/активностите на асистентите, насоките за нивно спроведување и формите на известување;
- Ќе помогнат при идентификувањето деца кои се надвор од образовниот систем, ќе ги упатат родителите на постоечките процедури и барања и ќе им помогнат во пополнувањето на пријавите за упис во училиште;
- Одблизу ќе соработуваат со семејствата на десетина ученици-стипендисти од прво одделение, ќе ја евидентираат нивната редовност во училиштето и преминот во следните одделенија и за тоа ќе го информираат проектниот тим;
- За целото времетраење на ангажманот се обврзани месечно да направат по минимум една посета/јавување на семејството и училиштето на детето како и собирање на потребната документација од родителите;
- Ќе учествуваат во спроведување едукативна кампања во ромската заедница и организација на 15 едукативни средби со локалните институции и родителите;
- Ќе присуствуваат на 2 координативни состаноци со цел размена на искуства и научени лекции со останатите асистенти;
- Ќе поднесуваат месечни наративни извештаи и ќе водат евиденција за работното време и спроведените активности во тековниот месец;
- Ќе бидат во контакт со проектниот тим на Дендо вас и редовно ќе информираат за тековните активности, ново настанатите ситуации или предизвици.
Оптималната бројка со која ќе соработува асистентот изнесува 10 деца/семејства по асистент. Во периодот од декември 2020 до септември 2021 се очекува дека асистентите ќе имаат активен ангажман од околу 40 часа месечно (4 часа по дете/семејство месечно) во максимум 6 месеци.
Најголем интензитет на активностите ќе има за месеците декември, јануари, април, мај, јуни и септември 2021 година. Склучениот договор ќе важи до 30 септември 2021, со можност за продолжување на ангажманот во третата проектна година. Висината на хонорарот ќе зависи од бројот на деца /семејства. Оттука, доколку асистентот соработува со 10 деца/семејства за извршената работа предвидено е да се исплати месечен хонорар во просек од 130 евра (бруто).
Можност за пријавување на повикот за асистенти имаат:
- Лица со минимум средно образование, кои се државјани на Република Северна Македонија;
- Лица кои знаат да работат на компјутер (Word и Excel).
Потребни документи за пријавување:
- Свидетелство за завршено средно или диплома за високо образование;
- Кратка биографија – максимум 2 страници.
Предност при селекцијата ќе биде дадена на:
- Активисти, претставници на граѓанскиот сектор или ромската заедница кои имаат искуство на образовни проекти или проекти за инклузија на ромската заедница;
- Лица кои го познаваат ромскиот јазик.
Лица кои нема да се земат предвид за овој ангажман:
- вработени во државна администрација;
- вработени во државни институции и јавни претпријатија;
- вработени во основни и средни училишта и предучилишни установи;
- образовни медијатори;
- хонорарно ангажирани лица од страна на државни институции.
Потребните документи за пријавување треба да се испратат електронски на dendo_vas@yahoo.com и redovnonacasovi@fosm.mk најдоцна до 1 декември 2020 година.
—————————————————
23 ноември 2020